(Петар Кропоткин) Меѓусебната помош во контекст на Дарвиновата теорија на еволуцијата

На денешен ден се навршуваат 100 години од смртта на големиот анархистички мислител Петар Кропоткин. По тој повод редакцијата на „Гласник“ објавува два извадоци од неговите трудови. Покрај овој извадок од книгата на Кропокин „Меѓусебната помош: фактор на еволуцијата“, минатата недела објавивме извадок од неговиот труд „Комунизам и анархија“.

Концепцијата за борбата за постоење како фактор на еволуција, воведена во науката од Дарвин и [Алфред Расел] Валас, ни овозможи да прифатиме неизмерно широк спектар на појави во една единствена генерализација, што набрзо стана основа на нашите филозофски, биолошки и социолошки спекулации. Исклучителна разновидност на факти: – прилагодувања на функциите и структурата на органските суштества кон нивната околина; физиолошка и анатомска еволуција; интелектуален напредок и самиот морален развој, што порано го објаснувавме со толку многу различни причини, беа отелотворени од Дарвин во една општа концепција. Ние ги сфативме како континуирани напори – како борба против неповолните околности – за таков развој на единките, расите, видовите и општествата, што би резултирало во најголема можна полнота, разновидност и интензитет на животот. Можеби ниту самиот Дарвин на почетокот не бил целосно свесен за општоста на факторот на кој прво се повикал за објаснување на само една серија факти во однос на акумулацијата на индивидуални варијации кај првобитните видови. Но, тој предвиде дека поимот што го воведуваше во науката ќе го изгуби своето филозофско и единствено вистинско значење ако се користи само во неговата тесна смисла – тоа на борба меѓу одделни единки за непосредните средства за постоење. Па уште на самиот почеток од својот забележително дело тој инсистираше на тоа терминот да се сфати во неговата „голема и метафорична смисла, што вклучува и зависност на едно суштество од друго, и што го вклучува (а што е уште поважно) не само животот на единката, туку и успехот во оставањето потомство.“[1]

Додека тој самиот главно го користеше изразот во неговата тесна смисла за неговата сопствена посебна цел, ги предупредуваше своите следбеници да не ја прават грешката (што се чинеше дека и тој самиот претходно ја направил) да го натценуваат неговото тесно значење. Во „Потеклото на човекот“ тој напиша неколку моќни страници за да ја илустрира неговата правилна, широка смисла. Тој посочи како, во безброј животински општества, исчезнува борбата меѓу одделните единки околу средствата за постоење, како борбата се заменува со соработка и како таа замена резултира со развој на интелектуалните и моралните способности кои на видовите им ги обезбедуваат најдобрите услови за опстанок. Тој посочи дека во таквите случаи најспособни не се ниту оние што се физички најсилни, ниту најлукави, туку оние што ќе научат така да се комбинираат заемно за да се поддржуваат едни со други, силни и слаби, за благосостојбата на заедницата. „Оние заедници“, напиша тој, „кои вклучуваат најголем број на најемпатични членови ќе успеваат најдобро и ќе одгледаат најголем број потомци“ (второ издание, стр. 163). Терминот, кој потекнува од тесната малтузијанска концепција за натпревар помеѓу сите и секого, така ја изгуби тесноградост во умот на оној што ја познаваше природата.

За несреќа, овие забелешки, кои можеа да станат основа за исклучително плодни истражувања, беа засенети од мноштвото факти собрани со цел да се илустрираат последиците од вистинскиот натпревар за живот. Покрај тоа, Дарвин никогаш не се обидел да ја подложи на поподробно истражување релативната важност на двата аспекти под кои се јавува борбата за постоење во животинскиот свет и тој никогаш не го напиша делото што го предложил да го напише во врска со природните пречки за прекумерното размножување, иако тоа дело ќе беше клучен тест за да се процени вистинската смисла на индивидуалната борба. Не, токму на страниците што се спомнати, помеѓу податоците што не ја оправдуваат тесната малтузијанска концепција за борбата, повторно се појавува стариот малтузијански никулец – имено, во забелешките на Дарвин за наводните непријатности при одржувањето на „слабите во умот и телото“ во нашите цивилизирани општества (гл. V). Како илјадниците телесно слаби и кревки поети, научници, пронаоѓачи и реформатори, заедно со другите илјадници таканаречени „будали“ и „слабоумни ентузијасти“, да не биле најскапоценото оружје што го користело човештвото во својата борба за постоење преку интелектуални и морални средства, а што самиот Дарвин го потенцираше во истите тие поглавја на „Потеклото на човекот“.

Со Дарвиновата теорија се случи она што секогаш се случува со теориите кои имаат никакво влијание врз односите меѓу луѓето. Наместо да ја шират според неговите посочувања, неговите следбеници уште повеќе ја стеснија. И додека Херберт Спенсер, тргнувајќи од независни, но блиски позиции, се обиде да го прошири истражувањето кон она големо прашање: „кои се тие најспособните?“, особено во додатокот кон третото издание на „Податоци од етиката“, безбројните следбеници на Дарвин го редуцираа поимот на борбата за постоење до неговите најтесни граници. Тие почнаа да го замислуваат животинскиот свет како свет на вечна борба меѓу полуизгладнети единки, жедни за крвта на другиот. Тие направија модерната литература да одекнува со воениот крик за несреќа над победениот, како да е тоа последниот збор на модерната биологија. Тие ја издигнаа „немилосрдната“ борба за лични придобивки до висината на биолошки принцип на кој мора да му се покори и човекот, под заканата дека во поинаков случај ќе пропадне во светот втемелен на меѓусебно истребување. Ако ги тргнеме настрана економистите кои од природните науки знаат само неколку зборови позајмени од второкласните вулгаризатори, мора да признаеме дека дури и најпризнатите изложувачи на ставовите на Дарвин дадоа сѐ од себе да ги задржат тие лажни идеи. Всушност, ако го земеме [Томас] Хаксли, кој секако се смета за еден од најспособните изложувачи на теоријата на еволуцијата, зарем тој не нè учеше, во трудот за „Борбата за постоење и нејзиното влијание врз човекот“, дека „од гледна точка на моралистот, животинскиот свет е на приближно исто ниво со гладијаторската претстава. Суштествата се прилично добро третирани и се подготвени да се борат; оттука, најсилните, најбрзите и најлукавите преживуваат да се борат следниот ден. Гледачот нема потреба да го спушти палецот, бидејќи не се дава милост.“

Или, подолу во истиот труд, не ни кажа тој дека, исто како кај животните, така и кај примитивните луѓе, „најслабите и најглупавите беа уништени, додека најцврстите и најостроумните, оние кои беа најдобро подготвени да се справат со околностите, но не и најдобри во друга смисла, преживеаја. Животот беше континуирана неограничена борба и, надвор од ограничените и привремени односи на семејството, Хобсовата војна на секој против сите беше нормалната состојба на постоењето.“[2]

Околу тоа колку ова гледиште за природата е поткрепено со факти, ќе се види од доказите што ќе му бидат претставени тука на читателот во врска со животинскиот свет и со примитивниот човек. Но, може веднаш да се забележи дека гледиштето на Хаксли за природата има исто онолку малку основа да се смета за научен заклучок, колку и спротивното гледиште на Русо, кој во природата гледаше само љубов, мир и хармонија уништени со настапувањето на човекот. Всушност, уште првата прошетка во шума, првото набљудување на кое било животинско општество, па дури и проучувањето на кое било сериозно дело што се занимава со животински живот (Д’Орбињи, Одубон, Ле Вајант, без оглед кој и да било од нив), не може да не го натера природонаучникот да не размислува за улогата што ја има општествениот живот во животот на животните и да го спречи да види во природата само поле на колење, исто како што би го спречило да види во природата само хармонија и мир. Русо направи грешка со исклучувањето на борбата со клунови и канџи од своите мисли; а Хаксли ја направи спротивната грешка; но ниту оптимизмот на Русо ниту песимизмот на Хаксли не можат да се прифатат како непристрасно толкување на природата.

Веднаш штом ги проучуваме животните – не само во лабораториите и музеите, туку и во шумата и преријата, во степите и планините – веднаш сфаќаме дека, иако има огромно ниво на војување и истребување што се случува меѓу различни видови, а особено меѓу различни класи на животни, истовремено има исто толку, или можеби дури и повеќе, меѓусебна поддршка, меѓусебна помош и меѓусебна одбрана меѓу животните кои припаѓаат на ист вид или, барем, на исто општество. Друштвеноста е исто толку закон на природата, колку и меѓусебната борба. Се разбира дека би било исклучително тешко да се процени, дури и приближно, релативната нумеричка важност на овие две низи од факти. Но, ако прибегнеме кон еден индиректен тест и ја прашаме природата: „Кои се најспособните: оние кои постојано војуваат едни со други или оние кои се поддржуваат едни со други?“, веднаш гледаме дека оние животни кои се здобиле со навики на меѓусебна помош се несомнено најспособните. Тие имаат повеќе шанси да опстанат и тие достигнуваат, во нивните соодветни класи, највисок развој на интелигенцијата и телесната организација. Ако се земат предвид безбројните факти што можат да се изнесат за да се поддржи ова гледиште, можеме со сигурност да кажеме дека меѓусебната помош е исто толку закон за животот на животните, колку и меѓусебната борба, но дека, како фактор на еволуцијата, таа има далеку поголема важност, со оглед на тоа што го фаворизира развојот на такви навики и карактери што го осигуруваат одржувањето и понатамошниот развој на видовите, заедно со најголемата количина на благосостојба и уживање во животот на единката, при најмалку губење на енергија.

Забелешки

[1] Origin of Species, chap. iii.

[2] Nineteenth Century, Feb. 1888, p. 165.

|2021-02-08T10:50:04+00:008 февруари 2021|Актуелно, Свет, Став|