Пандорината кутија наречена „евро-атлански интеграции“

Кутијата пристигна

Дончо беше обичен работник. На почетокот на 90-тите вработен со решение во претпријатие, во кое собранието на вработените (сите вработени) одлучуваа за тоа кој ќе го води претпријатието во годините што следат. Работеше на работно место согласно неговото образование, без прекувремени часови работа (од 7 до 3 часот), имаше гарантиран одмор од речиси месец дена, редовен к-15, достојни услови за работа. Работеше и неговата жена, имаа три мали деца, и со платите што ги земаа, кон крајот на 80-тите се вселија во нова куќа. Останати колеги, земаа и солидарни станови.

Летото 1990, беа на 20-дневен одмор на Јадранското крајбрежје. Иако  го убедуваше жена му, да останат уште некој ден, тој беше категоричен: „На 8-Септември, мора да сме дома. Мора да излеземе и да гласаме за самостојна и независна Македонија. Знам дека си скептична, не сум ни’ јас 100% убеден, но затоа вториот дел од прашањето вели дека ако веќе со некого се здружуваме пак, тоа ќе биде пак со југословенските републики“.

Пандорината кутија пристигна- голем пакет во кој се наоѓаа неопределен број помали пакети со ветување за рај, а реализација на пекол.

Полн со ентузијазам, Дончо го запали новото Југо Корал 65, и тргна на југ, кон Македонија. Во главата му се мешаа пораките кои ги праќаа СКМ-ПДП и  ВМРО ДПМНЕ. Многу ги сакаше новокомпонираните народни песни. Од радиото во автомобилот, ечеше “Бисер балкански“. Затоа на првите избори гласаше за ВМРО ДПМНЕ. Брзаше Панде кон бисерот, национал-романтичаски сон да оствари, но истовремено, не му се излегуваше од Југославија и социјализмот. И стигна навремено, во Социјалистичка Република Македонија, која за само неколку дена гласаше за тргање на префиксот Социјалистичка и отцепување од Југословенската федерација.

Пандорината кутија низ транзицијата

Бродот со блескавиот пакет „евроатлански интеграции“ на палубата, заплови во транзицијата. Наместо вториот дел од прашањето: „со право за стапи во иден сојуз со југословенските републики“, ВМРО ДПМНЕ и реформираните СКМ (СДСМ) во Собранието на Република Македонија, на  На 23 декември 1993 година, донесоа Одлука за стапување на Република Македонија во членство во НАТО. Секое поклопување на периодот после изгласувањето на оваа Одлука, со периодот на транзицијата (грабежот) е случајно.

Дончо продолжи да го отпакува пакетот- условени препораки на „евроатланските интеграции“.  „И соцето е звезда“ – го потсети жена му, додека им влеваше надеж секој извештај на медиумите блиски до власта, „за напредокот кој бил нотиран“ во годишните извештаи на Европската Унија за Македонија.

Разбирливо тешко беше да не се  потпадне под влијанието на телевизијата. Нивните приходи до толку се намалија, што прошетките и посетите на угостителски објекти, летувалишта, кино, театар, ги заменија со неограничено седење дома и секојдневно следење вести и ТВ новели на телевизија.

„Зошто да чекаме“ – гласеше реторичкото прашање од пропагандното видео на Македонската радио телевизија- кажано од страна на момче облечено во сино работничко одело. Тоа беше можеби првата владина реклама (1994-1995) чија цел беше промовирање на големиот бран на приватизација како европеизација на земјата, приватизација како реформа, неопходен болен рез за стабилизирање и фаќање приклучок со победниците на глобализацијата.

Тој период претпријатието во кое работеше Дончо- почна да пропаѓа, а околу за преостанатиот плен се гледаше како се врткаат луѓе од менаџментот во спрега со неколку вработени и надворешни лица- стечајни управници, судии и инстант инвеститори. Големиот бран на приватизација започна во времето на првата влада на СДСМ (1993-1998г.), кога над 80% од претпријатијата во т.н. општествена сопственост, преминаа во приватна сопственост. Онаму кај што застана СДСМ- продолжи ВМРО ДПМНЕ. Меѓународната видена во светлото на НАТО и ЕУ, уште тогаш почна да им аплаудира на македонските власти за ваквите успешни реформи.

Дончо и неговото семејство ја доживеаја и преживеаја 2001-та, а ентузијазмот и натаму ги водеше „Напред во НАТО и ЕУ“. Во меѓувреме преживеаја и две револуции, Портокаловата и Шарената.

Во кутијата е проблемот, не решението

Евроатланските интеграции се кутија во која има непознат број кутии. Дончо 25 години отвораше кутија по кутија, и во секоја имаше порака: направи ова, откажи се од ова, смени го ова, „реформирај го она“.

Додека отвораше нови кутии, изгуби работа, стана технолошки вишок, акциите му ги земаа за џабе, место во биро за вработување, го упатија во месниот штаб на СДСМ – ДПМНЕ. Почна да прескокнува оброци, што од немаштија, што од верба во евро – атланската религија, имаше уште кутии за отворање. Го тешеа дека во последната кутија е богатството на успешните интеграции.

На крај, застана со отворање кутии и читање пораки. Поминал четврт век, а крајот не се гледа, уште кутии, уште услови- последната кутија ни на повидок.

Со денови не излегуваше од својот дом. Коко зомби гледаше во телевизорот, таму некој уфирцани бирократи го подучуваа, продолжи со отворање на кутиите, јави се да гласаш на кутии, оти комшијата ќе ти скокне со нож под вратот.

Четврт век „евроатлански интеграции“. Четврт век приватизација. Четврт век рушење на индустријата и социјалната држава. Во пандорината кутија- насилнички евроатлански интеграции. Тие се проблем- тие не се решение.

Автор: Зоран Василески, член на Президиумот на Левица.

|2018-09-03T06:20:04+00:003 септември 2018|Актуелно, Став|