„Оркестарот на Западно-источниот диван“ со музика на Вагнер и пораки за ослободување на Палестина

Во 1999 година, две звучни имиња од областа на филозофијата и музиката, основаа оркестар наречен „Оркестарот на Западно-источен диван“. Имено, станува збор за филозофот Едвард Саид, автор на планетарно познатото дело „Ориентализам“, и Даниел Баренбоим, аргентински пијанист и диригент со Израелско потекло. Оркестарот е составен од страна на солисти изведувачи чие потекло е од државите од Блискиот Исток како Палестина, Израел, Египет и други.

Името „Западно-источен диван“, оркестарот го добива според збирката на лирски песни на поетот и драматург, Јохан Волфганг фон Гете. Целта на овој оркестар е собир на припадници на раскараните и завоените народи на Израел и Палестина. Во исто време, надминување на јазовите и премрежјата помеѓу овие народи, но, не со флоскулата „Стоп за војните“ израмнувајќи ги и двете страни како виновни за овој конфликт. Вината и одговорноста се лоцира и се акцентира на државата, страната којашто ја поседува моќта и доминација, додека пораките се во насока на заеднички живот на два народа.

Вчудовидувачки се храброста и смелоста на Баренбоим, кој и по смртта на Едвард Саид во 2003 година, продолжува да ја шири пораката за мир преку есенцијалниот медиум на комуникација кој допира до суштината на човековиот живот, преку музиката. Низ неговиот репертоар со овој оркестар, поминале многу дела како тие на Моцарт и Бетовен, но најзначајни се изведбите на делата на Вагнер.

Вагнеровиот живот го следат многу контроверзи, особено критиките кон Вагнер од страна на многу негови современици за антисемитизам. Неговите дела се крајно романтичарски во поглед на драма и театралност, додека музичкиот аспект е преполн со имплозии и експлозии на различни тонални варијации. Тоналитетот кај Вагнер го доживува своето проширување на воспоставените системски музички теоретски традиции. Тоа е една од причините, но и главната причина, зошто Вагнер претставува инсипирација за многу денешни филозофи и интелектуалци. Неговата глад по разместувањето на границите и отворање на делото кон перспектива на постојано реинтерпретирање, создава од него стожер на една прогресивна идеја.

На концертот во Рамалах, во Палестина, кој се одржа во 2008 година, Баренбоим во своето обраќање истакна дека, музиката претставува јазикот со којшто тој најдобро ја испраќа пораката преполна со широчина и со разбирање.

„Овој оркестар на интелигентни и храбри луѓе од Палестина, од Израел, од Либан, од Сирија, од Јордан, од Египет и од Шпанија… На вас, како публика, јас не можам да ви објаснам колку е потребна храброста за секого од нив да дојде и да свири со другиот. Овој проект што Едвард Саид и јас го започнавме во 1999 година, добиваше многу комплименти како оркестар кој се залага за мир. Дами и господа, да ви кажам нешто, ова нема да донесе мир. Вие го знаете тоа, фактот што овие прекрасни луѓе свират заедно нема да донесе мир. Тоа што може да донесе мир е разбирањето, трпението, смелоста и куриозитетот да се сослуша наративот на другиот. Во овој контекст, секој има слобода да се изрази себеси на слободен начин и во најдобар случај да ја чуе верзијата на другиот. Тоа е причината зошто ние се собравме и дојдовме тука, со пораката на хуманоста, не со политичка порака, туку со пораката на хуманоста и на солидарноста, за слободата којашто и е потребна на Палестина и за слободата којашто му е потребна на целиот регион“, рече Баренбоим во своето обраќање по завршувањето на музичкиот дел на концертот.

Не постои воено решение за проблемот на Палестина, туку помеѓу овие два народа неизбежна е интерференција. Среќата и добросостојбата на едните зависи од среќата и благосостојбата на другите. Целта, смета Баренбоим е промената на размислувањето на многу луѓе, кои ќе почнат навистина да мислат дека на тоа место не живее само еден народ, туку два народа.

|2017-08-23T14:40:23+00:0023 август 2017|Култура, Некатегоризирано, Свет|