Македонската преговарачка страна во наметнатниот спор за името со Грција, ја предводат премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Од она што досега го видовме (преговорите траат со месеци), се добива впечаток дека тие очигледно не ја познаваат историјата, па поради тоа влечат несвесни и наивни потези. Доколку е тоа така, има можност за корекција, историчарите можат да им помогнат. Но, доколку тие ја познаваат во доволна мера историјата, а и покрај тоа продолжат да го форсираат предлогот „Република Илинденска Македонија“, тогаш се приближува опасен крај на преговорите, а Заев и Димитров не се ништо друго освен свесни извршители на туѓи агенди.
Прашањето за името е дел од Македонското прашање на Балканот
Барањето за решение за името на државата, јазикот и народот, е барање за решение на македонското прашање кое го бранува Балканот повеќе од два века.
Македонското прашање се појавува во втората половина на 18-тиот век, во прв момент, како црковно прашање во рамките на Османлиската империја. Во текот на 19-тиот век, под влијание на просветителството, македонското прашање, станува јазично и национално прашање, за подоцна, под влијание политичките идеологии од 20-тиот век, да стане и кулминира во политичко и идеолошко прашање на судир меѓу левицата и десницата во Македонија и на Балканот. Но, да почнеме со ред…
Под притисок на Цариградската (грчка) патријаршија, во 1767 година, Султанот носи указ со кој ја укинува Охридската архиепископија. Месното население кое било под верска управа на Охридската патријаршија, станува плен за големогрчкиот национализам, кој под маската на романтизмот за возобновување на Византија, всушност, низ богослужбата ќе се труди да ги грцизира христијаните, од кои најголем број, македонски словени, на територијата на географскиот поим Македонија. Во втората половина на 19-тиот век Бугарија ја вклучува пропагандата за бугаризација на месното население, преку исклучително активната Егзархија воспоставена во 1870-тата година. Пеќката (српска) патријаршија на преминот на 19-тиот и 20-тиот век ја вклучува Србија во борбата за поделба на пленот, земја и луѓе од Македонија. Крстоносната војна за Македонија беше објавена.
Сепак, просветителството во Македонија, го отргнува месното население од исклучивата борба за превласт меѓу црквите, иако националниот идентитет и натаму се влечел од црковната припадност. Сепак, екслузивитетот на богослужбата се руши, месното население ги создава и ги слуша првите просветители, се печатат првите учебници на народен говор од македонското говорно подрачје. Но, самото просветителство во Македонија, не беше како од учебник. Месното население немаше слобода самостојно да го буди и создава својот посебен идентитет, јазик, култура и право на самоуправа.
Во втората половина на 19-тиот век, веќе создадените Царства и Кралства на Грција, Србија и Бугарија, не останаа неми посматрачи на будењето на македонската национална свест. Таа свест бележи подеми и падови, но самобитноста, посебниот идентитет и посебните интереси за автономија или самостојност останале живи и во 20-тиот век. Оваа посебност и желба за самоопределување, ниедна империја од тогашните Големи сили, не ја признавала, затоа што Независна Македонија не била посакувана опција ниту за Грција, ниту за Србија, ниту за Бугарија, како веќе постоечки балкански партнери на Големите сили.
Но, во периодот меѓу двете светски војни, правилното разрешување на македонското прашање сепак доби поддржувач и заштитник на меѓународно ниво во прва меѓународна организација која го призна посебниот македонски идентитет, различен од сите останати јужно-словенски народи и прва меѓународна организација која до последна точка го исполни идеолошкиот и програмски принцип на правото на самопределување на народите. Тоа беше Коминтерната (Комунистичката интернационала) која во 1934 година го призна посебниот македонски идентитет и право на државаност. Со победоносното завршување на Народноослободителната борба (1941 – 1944) се затвора и македонското прашање, разрешено на начин што, на еден дел од географскиот поим Македонија се формира Народна Република Македонија.
На кој Илинден мислиме?
Предлогот „Република Илинденска Македонија“ дава едно ново толкување на настаните од 1903 година. Македонската историографија од времето на СФРЈ и од првата деценија на транзицијата (до доаѓањето на власт на ВМРО ДПМНЕ), внимателно му приоѓаше на овој период, издигнувајќи го на пиедестал исходот – Крушевската република, но, не и самото востание од 1903-тата година. Дури и преамбулата на Уставот од 1991 година, не го спомнува Илинденското востание, туку само се осврнува на Крушевската република:
Тргнувајќи од историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање своја држава, а посебно од државно-правните традиции на Крушевската република и историските одлуки на АСНОМ и уставно-правниот континуитет на македонската држава како суверена република во Федеративна Југославија…
(од воведот на Преамбулата на Уставот на РМ од 1991 година)
Зошто е тоа така?
Значајноста на Крушевската Република, која иако краткотрајна, сепак беше прва република на Балканот, е истакната затоа што, македонската нација, како најмлада нација на балканот, беше и остана единствена нација обликувана од идеите на левицата, и ослободена поради придонесот на Илинденците со републикански и социјалистички идеи, на чии идеи подоцна се надоврзаа партизаните.
Државните темели на македонската држава не започнуваат со Илиденското востание. Ниту се поставени со основањето на Македонската револуцинерна органиција ТМРО во 1893-тата година. Напротив. Еден век претходно, кон крајот на 18 век во Русија е формиран Македонскиот полк. Пред Илинденското востание се дигнале две други значајни востанија, Разловечкото востание и Кресненското востание, а самите востаници го нарекувале Македонското востание од 1878 година. Ова востание беше крваво задушено, но него не го следеа контроверзии какви што го следеа Илинденското востание. Имено, најголемиот македонски син и член на ТМРО, Гоце Делчев, сепак бил категорично против прераното дигање на востанието. Има оправдани индиции дека Гоце е предаден, затоа што остро бил против прераното дигање на востанието. Крајот на Османлиската империја се наѕирал. Опстојувањето на Македонската револуционерна организација до периодот на Балканските војни, значело опасност дека доколку опстои и зајакне Оранизацијата, лесно може да дојде до формирање на македонска држава, што секако не било од интерес на соседните држави. Затоа Македонската револуционерна организација (ТМРО) морала да биде елиминирана со предвремено востание. Оттаму, за Илинденското востание, има оправдани индиции дека е плод на заговор во Софија, за да се уништи Македонската револуционерна организацијата која уште во првите години од постоењето почнала да се оттргнува од контролата на бугарскиот двор, а сето ова под влијание на левото крило, чиј дел истакнати членови, колку и да имале бугарска национална свест под влијание на Егзархијата и училиштата во кои биле ученици и учители, сепак не сакале обединување со монархија, туку сакале држава со републиканско уредување, автономна или самостојна Македонија.
Денес, Илиденското востание е вградено во новиот предлог име за севкупна употреба. Ова е истата политика во интерес на Бугарија, која свесно или несвесно ја спроведува министерот Никола Димитров, а за која премиерот Зоран Заев е спремен да оди до крај и повикува другите да го следат. Се’ уште е неизвесно дали овој предлог го затвора спорот за името со Грција, но сосема е извесно дека ваквиот предлог во иднина ќе отвори спор со Бугарија за екслузивитетот над самиот Илинден, нов спор, со неизвесна временска рамка за решавање и спор со потенцијални несогледливи последици.
Илинден се’ уште создава забуна, дури и во современата македонска левица. За разјаснување на двете лица на Илинденското востание, и зошто Илинден не смее да биде дел од државното име за севкупна употреба, ќе следи втор дел на оваа анализа, кој ќе се осврне подетално на настаните кои му претходеа на Илинденското востание од 1903-тата година, настаните кои следуваа подоцна, и улогата на револуционерните дејци во еден од последните чинови на разрешуваење на македонското прашање, јаболкото на раздорот на Балканот во 20-тиот век…
Автор: Зоран Василески, правник и член на Президиумот на Левица.