Стотици екстремно-десничарски милитанти се собраа оваа сабота (8 јули) во Будимпешта за да го оформат новото екстремно-десничарско, расистичко политичко движење.
Откако главната унгарска опозициона партија, десничарската Јобик ( Jobbik Magyarországért Mozgalom) значително ги смени своите политики кон умерениот центар, на унгарската политичка сцена се отвори простор за нова десничарска партија. Неколку стотини екстремно-десничарски милитанти викендов се собраа во Будимпешта за да го оформат новото движење Сила и решителност. Ова движење е најрадикално десничарското движење во Унгарија по падот на варшавскиот пакт. Тоа користи отворен расистички говор и има силни авторитарни и милитантни тенденции.
Лидерот на новото движење Ласло Балаз (Balázs László) опкружен со тетовирани мажи во црно со познати неонацистички симболи, се обрати на јавноста.
Fokos és toll – az Erő és Elszántság mozgalma elindult! #egyújjobboldal #erőéselszántság #július8 #vecsés #identitesz #betyársereg pic.twitter.com/ST5K4lbsfo
— László Balázs (@laszlobalazs08) July 9, 2017
„Десетици милиони се додадени на редовите на арапите, африканците и циганите кои неа да покажуваат толеранција откако ќе се здобијат со моќта што им го дава нивното демографско значење,“ кажа тој, „Нашата етничка заедница мора да биде прва … нема еднаквост!“
Золт Тиритијан (Zsolt Tyirityan) уште еден од лидерите на движењето, употреби јасно нацистички алузии на концептот Lebensraum, животен простор.
“Светската историја се прави и се губи преку населението, борбата за животниот простор и борбата да се одржи животниот простор”, рече тој. “Секој кој вели поинаку, или е луд или лаже. Како и да гледате, најсилниот секогаш победува.“
Понатаму тој, потцрта:
„Ние прогласуваме војна на либерализмот, тие се нашите главни непријатели и ќе сториме се за уништување на нивните идеали во нашата јавност … Овие луѓе ја губат нивната национална припадност, нивната раса и наскоро нивниот сексуален идентитет. Таквите луѓе мора да се протераат од нашиот животен простор.”
Овие ставови, иако екстремни, сепак се надоврзување на официјалната политика на десно-популистичкиот премиер на Унгарија Виктор Орбан. Тој повеќе пати се спротивставуваше на европските демократски вредности и го градеше својот националистички популизам преку поттикнување на омраза и страв од бегалците.