НАТО и Македонија (кој добива и кој губи од „евро-атланските интеграции“)

Генералниот секретар на НАТО беше пречекан со највисоки државни почести во Македонија.
Во Собранието како ученици внимателно го ислушаа обраќањето на Јенс Столтенберг сиот државен врв, позиција и опозиција. Зоран Заев и Никола Груевски. Али Ахмети и Зијадин Села. Смирените Азби Лика и Јохан Трчуловски. Рекордерите во патни трошоци- Силвана Бонева и Томислав Тунтев. „Граѓаните за Македонија“ – Павле Богоевски и Туфекџиќ. Амди Бајрам и Самка Ибраимовски. Либералот Горан Милевски и зелениот либерал Лилјана Поповска. Крсто Јовановски и Мухамед Зекири. Академиците Ферид Мухиќ и Таки Фити. ГГ Стефан и висок претставник на ИВЗ.

Навистина беше свечен момент. Салата беше преполна, таква глетка еднаш во годината се доживува, обично собранието и кога не е бојкотирано од било којa страна, немало ни оддалеку ваков кворум како за пречекот на Столтенберг. Фактички, на едно место беа собрани сите заслужни или виновни лица, за перспективната или очајна Македонија во изминатиов четврт век.

1. На кому му треба НАТО во Македонија

НАТО им  треба на политичарите од сите досегашни состави на влади и парламенти од осамостојувањето на Македонија. 

 

На про-НАТО страната и’ недостигаат аргументи, кои пак ги има во доволен број анти-нато страната. Политичката партија Левица даде добар дел од тие аргументи во овој документ на партијата.
Кога недостасуваат аргументи, една иста реторика, налик поезија, се провлекува 25 години во одбрана на зачленувањето на Македонија во НАТО.

Со закривени букви се означени најубавите метафори и тези кои во реалноста две децении подоцна, звучат само поетски.

На инаугуративната седница на ЕАПС во Синт (30.05.1997 г.), министерот за надворешни работи, д-р Благој Ханџиски ќе рече:

Новите демократии силно го поздравуваат процесот на проширувањето на HATO и цврстата определба на Алијансата за зачувување на нејзините врати отворени. Ние од југот на Европа, како што впрочем беше нагласено од многу земји членки на Алијансата, ги поздравуваме отворените врати за проширувањето на HATO пo т.н. „Јужна линија“ што го опфаќа поширокиот медитерански регион.
Како и да е, овие патишта се потполно отворени благодарејќи на мирот и стабилноста во мојата, како и во некои од соседните земји, и тие ќе останат отворени доколку се одржуваат како такви. За таа цел, вложуваме големи напори со нашата конструктивна внатрешна политика и со развојот и унапредувањето на добрососедските односи“.

Кога проширувањето на HATO се отвори како процес на Самитот на HATO во Мадрид (9.07.1997 г.), претседателот Киро Глигоров ќе рече:

„За Република Македонија беше мошне лесно да заземе позитивен став кон „Студијата за проширување на HATO“. Ова се должи на фактот што целите и принципите за проширувањето на HATO во потполност кореспондираат со основните елементи на внатрешната и на надворешната политика на Република Македонија. Прифаќањето на основните принципи на Повелбата на Обединетите нации го гледаме како основа за вистински развој на еден историски процес како што е проширувањето на HATO. Силата на нашата надворешна политика лежи токму во почитувањето на Повелбата на ОН. Република Македонија е подготвена да ги преземе обврските што произлегуваат од Вашингтонскиот договор за унифицирање на колективните одбранбени напори со цел да се зачува мирот и безбедноста, со цврста определба за разрешување на меѓународните спорови со мирољубиви средства и низ дијалог“.

Премиерот Бранко Црвенковски, при Индивидуалниот политички дијалог Македонија – HATO (Брисел, 4.02.1998 г.) ќе рече:

„Ширењето на Алијансата е сеопфатен процес, кој ги потенцира принципите на демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човековите права, добрососедските односи и решавањето на споровите со мирни средства. На тој начин сите ние имаме шанса да создадеме еден нов, побезбеден свет и Република Македонија е наполно подготвена активно да се вклучи во овој процес“.

Стабилната и нераскинлива врска меѓу македонските парламентарни партии и НАТО пактот, е врска на взаемни интереси.  Интересот на политичарите внатре ја диктира потребата да бидат оставени на мира, што пак подразбира да се биде со најсилниот однадвор. Транзициските политичари, четврт век непречено го распродаваат државниот и општествен имот, транзицијата кон пазарна економија беше бесчуствителна неолиберална машина. Се’ уште незавршениот процес на приватизација остави стотици илјади работници (стечајци и невработени млади со факултет) без работа и перспектива, со веќе зацементиран став дека прва прилика- се иселуваат неповратно надвор од Македонија. Каде било- само не тука.

НАТО му треба на крупниот капитал, доминантно странски. 

Приватизацијата ќе продолжи и под безбедносниот чадор на НАТО. Значи безбедно ќе се распродава. Се зборува за либерализација на железничкиот сообраќај, либерализација на енергетскиот сектор, концесиите за „рудниците на смртта“ важат! Банкарскиот сектор над 80% е распределен меѓу странски корпорации. Осигурителниот сектор над 85% е распределен меѓу странски корпорации. Телекомуникацискиот сектор е во рацете на две странски корпорации. Енергетскиот систем, во дистрибутивниот дел е под управувачка палка на странска корпорација. Производството на струја допрва треба да се „либерализира“. Останува уште фармацевтскиот сектор, топлификација и угостителските објекти во рацете на домашната буржоазија. Првиот обид голем дел од Охридското крајбрежје да се приватизира и предаде на Субрата Рој – заврши неславно. Но тоа не е гаранција дека нов подобро спакуван обид ќе нема.

Иако се наоѓаат на ветрометот на глобализацијата и либерлизацијата, домашните сопственици на крупниот капитал, засега се задоволни со најнискиот во европа рамен данок на добивка од 10%, задоволни се од нивото на платите кои ги саморегулира пазарот на труд. Експлоатацијата е законски регулирана.

Синдикатите се редовен губитник од социјалниот дијалог меѓу владата. Добиваат пирови победи откако извршната власт решила, од полулистички причини, да фрли некоја трошка.

Работниците се зашеметени. Стрпани во двата табора на најголемите партии од македонскиот и албанскиот блок, влошувањето на нивната состојба до фаза на неиздржливот, го гледаат само во политиките на политичкиот опонент.

Новите задолжувања од половина милијардна евра, се земаат здраво за готово, мора да се вратат старите кредити, да се закрпи некоја дупка. Наместо за таа намена да се врати прогресивниот данок на добивка и да по висина да се приближи блиску до европскиот просек,  се зголемува акцизата на дизелот, ДДВ им се наметнува на физички лица, се оданочуваат земјоделците со ниски приходи кои претходно беа ослободени од данок.
Работниците, хонорарците, земјоделците и студентите го чекаат надворешниот спасител: НАТО и Европската Унија.

2.НАТО ни треба нас, или ние му требаме на НАТО?

Одговорот е едноставен- ние му требаме на НАТО, поточно нашата територија и  населението во Македонија. Територијата за градење  воени бази, а населението за идното војување со непријателите на НАТО. Империјализмот се заострува, светот неминовно ќе биде во војна, од регионален или поширок карактер. На НАТО му требаат покорни балкански народи.

Зошто мора баш во следните 6 месеци да се реши спорот со Грција за името? Затоа што на НАТО не му се чека, мора по секоја цена да ја добијат и на хартија, оваа територија и ова население на нивна страна. Кога? На првиот самит на НАТО годинава.
Доказ дека НАТО земјите немаат рамноправен статус, не е само јасната америчка доминација. И во подолните ешалони, има претпоследни и последни земји по право на глас. Македонија е во последната категорија. Присилена е на секакви отстапки пред да биде примена во НАТО.
За разлика од минатото, денес окупацијата се спроведува преку барање за прием во имепријата на окупаторот. Ние му требаме на НАТО до толку многу, што и веќе ги добиваме првите закани. Сменете го името на државата и името на народот, во спротивно однадвор ќе не нападнат соседите, а од внатре сепаратизмот и сецесијата. Да не се лажеме, не се мисли на бугарскиот народ, албанскиот, грчкиот, туку НАТО војските на овие земји. Практично сеењето страв со соседите веќе членки на НАТО, е сеење страв на самото НАТО против Македонија. А сеењето страв од внатрешен сепаратизам и сецесија, е сеење страв исто на самото НАТО против Македонија, овојпат преку внатрешните партнери на НАТО- раководствата на парламентарните партии во Македонија.

Али Ахмети (ДУИ) и Џорџ Робертсон, генерален секретар на НАТО (1999 – 2004)

Али Ахмети и Џорџ Робертсон, генерален секретар на НАТО во 2001. Лидерот на ДУИ во 2013 година се обратил за помош до Робертсон  да ги посредува во евроатланските интеграции, „бидејќи доколку не се реши спорот и Македонија не влезе во ЕУ и во НАТО, земјата повторно би можела да се дестабилизира“.

 

 

 

 

Затоа е тешко, претешко за населението на Р. Македонија да ги одбрани вековните стремежи на предците, преточени во заедничката социјална држава (не само на лист од Уставот, туку во пракса), заедничка држава извојувана преку народноослободителната борба, на партизаните, македонци и албанци и припадници на останатите братски народи, против заедничкиот непријател, фашистичкиот окупатор, империјализмот во неговата најцрна форма. Тоа е кохезивниот елемент на македонците и албанците, кои внатрешните партнери на НАТО, 25 години, цигла по цигла, го демонтираат, за еден ден, пред своите поданици да понудат друг кохезивен елемент. Тоа веќе не е борбата на балканските работници против крупниот капитал, туку обратно, борбата на крупниот капитал заштитуван од НАТО против балканските народи. Самото рушење на концептот на народна одбрана, и делегирање на правото на самоодбрана во рацете на приватна армија контролирана од НАТО, е борба против балканските народи. Самата отворена соработка и партнерски однос на НАТО со парламентарните партии во Македонија, кои во изминативе 25 години ја реализираа транзицијата што значеше масовна приватизација и распродажба на општествениот имот, е борба против балканските народи.

Транзициските политики на политичката десница (албанските парламентарни партии и ВМРО ДПМНЕ), и економската десница (СДСМ) се негативни за работниците македонци, албанци, турци, власи, срби, роми, македонци муслимани и бошњаци во Македонија, а се позитивни за домашната и странска сопственичка класа.
Кога е во прашање НАТО и Европската унија, нема дилеми дека странските инвеститори се приоритет. Трагедијата на македонската тразиција, се состои особено во тоа што Македонија, бизнис рајот- пекол за работниците, се овозможи и без бараниот прием за „полноправно членство“ во ЕУ. Евро-комесарите, останаа загрижени уште за правната сигурност на крупниот капитал кој треба да го штити судската власт, а неговото оплодување и зголемување, да го овозможува извршната и законодавната власт. Позитивно се нотираат политиките кои ги создава извршната, а ги гласа законодавната власт како субенциите за странските инвеститори, можноста да исплаќаат ниски плати и лесно да отпуштаат работници.  Затоа за ЕУ ќе почекаме, интересот на крупниот европски капитал кој го штити ЕУ- е остварен. Сепак интересот на американската воената индустрија  не е целосно обезбеден, се додека НАТО не го стави целосно под свој чадор Балканот. Планот 3-6-9, започна транспарентно- уште во првиот месец во преден план ја истакна својата позадина. Имено, американската војска демонстрираше сила во центарот на главниот град.

Обединети преку стравот од војна, вака дефинираниот кохезивен елемент, го претставува НАТО како претставник на западната напредна цивилизација, кој со чизма и челик, треба да го нагази назадниот дивјачки Балкан. За вака дефинираниот кохезивен елемент, балканските народи во својата природа се дивјачки племиња, и потребно е да се стават под протекторат на големите евроатлански сили.

3. (Далечни) перспективи

Балканските народи се повторно под колонијално ропство, силите на отпорот се слаби, власта ја контролираат домашните соработници на колонијалните центри на воена и економска моќ.
Мирот и просперитетот на Балканот не може да се обезбеди преку воен сојуз со напаѓачки апетити. Само политиките кои ја искоренуваат сиромаштијата и невработеноста и политиките кои го зголемваат животниот стандард, ја зголемуваат реалната вредност на платите, и политиките кои го средуваат и унапредуваат здравството и образованието, се гарант за стабилноста на Македонија и регионот. Потребен е обратен процес на транзицијата. Се’ што се загуби, да почне да се враќа. Отпорот ќе биде жесток. Национализмот, лажната социјалдемократија и  верски фанатизам по којзнае кој пат ќе се стават во служба на крупниот капитал. Но, таа е алтернативата на балканските народи доколку сакаат да имаат мир и загарантиран просперитет. Нема друга…

Автор: Зоран Василески

|2018-01-28T19:32:36+00:0023 јануари 2018|Актуелно, Свет, Став|