Наместо да го ревидира, Шилегов го продолжува проектот „Скопје 2014“?

Фото: Град Скопје

СКОПЈЕ, 02.10.2018 – Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов минатата недела го претстави мегаломанскиот проект „Тунелите под Кале“, којшто според плановите ќе биде готов најдоцна до септември 2019, по што ќе се распише тендер за изведувач. Предвидено е изградба на мост преку реката Вардар и вијадукт кој ќе води до тунели под Кале и ќе го спојува центарот на градот со северната страна, односно до улицата Пластичарска.

Според изјавата на Шилегов овој проект ќе се гради и по цена да не се најде изведувач на кој ќе му биде доделен тендер, во тој случај како што рече тој, Град Скопје сам ќе го гради.

„Во тендерот се бара проектот да биде изработен во период од 8 до 10 месеци, а за него од буџетот се издвоени пола милион евра. Јас очекувам дека наредната есен ќе имаме квалитетен документ врз основа на кој ќе бараме изведувач за изведба на овој капитален проект за град Скопје. Според анализите, изградбата на тунелите би чинело околу 25 милиони евра. Сè уште е рано да зборуваме дали ќе се вклучи Владата со финансиска помош, но во најлош случај Град Скопје сам ќе го гради, бидејќи немаме алтернатива освен да изградиме вакви рути кои ќе го намалат метежот и ќе му дадат развој на Скопје“, рече Шилегов на прес конференцијата кадешто го претстави проектот.

Предвидено е сообраќајницата да почнува од булевар Свети Климент Охридски, а да биде издигната на височина од шест до девет метри. Од зградата на Владата на Република Македонија сообраќајот би се одвивал преку нов мост кој ќе се изгради над реката Вардар со четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт се’ до влезот на тунелот кој ќе се гради под Кале. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри над Пластичарска улица.

 

Ако земеме предвид дека пред некое време турската компанија „Лимак“ го започна мегаломанскиот проект за изградба на тунел и комплекс „Дајмонд Скопје“ кај Старата железничка станица во центарот на Скопје, со право можеме да се запрашаме, дали ова е продолжување на „Скопје 2014“ во нов облик, кадешто јавниот простор се окупира, односно приватизира од страна на инвеститорот. Со окупацијата на булеварот што де факто значи и негова приватизација, им се одзема правото на граѓаните да ја користат таа улица (тунел). Наместо да им се овозможи правото на град, односно право на пешачки и велосипедски патеки, што значи развивање на градот во насока на намалување на загадувањето, овој простор ќе биде окупиран од возила, кои испуштаат штетни гасови.  

Исто така, се поставува прашањето, зошто се гради само на едната страна на градот, односно во центар кадешто живее една повисока класа на луѓе, богатите. Кога има толку несредени улици во северниот дел на градот, Шилегов се зафаќа со проект кој ќе им овозможи на центарци „да не се гужваат во сообраќајот на мостот Гоце Делчев“!?

Со овие грандиозни проекти ќе расте загадувањето во градот, а ќе се намали и протокот на воздухот. Ќе биде уништено дополнително зеленило, како што е случајот со паркот на франкофонијата, а од градежните активности, ќе следи дополнително енормно загадување.

Ако „Скопје 2014“ беше оценет како производ на акумулација на капиталот и политичката моќ во рацете на неколкумина, овие мегаломански сообраќајници не се ништо друго, туку продолжување на таа акумулација на капиталот и политичка моќ. Тендерот за тунелите под Кале и вијадуктот ќе бидат доделени на моќни компании, како што е случајот со компанијата „Лимак“, којашто патем е една од компаниите кои го градат третиот аеродром во Истанбул, кадешто беа приведени 543 работници кои штрајкуваа против неподносливите услови за работа.

„Скопје 2014“ беше алатка со која се настојуваше да се уништи главниот град како простор за политичка борба. Овој проект го претвори градот во продукт за конзумеризам, во објект за продажба, во простор за шпекулација. Заедно со барокните гротески врз колку ли детски игралишта, паркови и парк-шуми се изградија деловни објекти, станбени згради, хотели во последниве неколку години!? Колку од нив денес зјаат празни!? Која е вистинската цена што скопјани ја платија со своето здравје?

Ова се прашања за кои требаше да размислува владата предводена од СДСМ кога дојде на власт, поточно градоначалникот Шилегов. Впрочем тој самиот на предизборната кампања ветуваше ревизија и стопирање на „Скопје 2014“. Но, после најавите на овие мегаломански проекти очигледно е дека оваа власт започна со свој нов проект „Скопје 20..“ уште во првата година од своето владеење.

Ако ги земеме предвид политиките кои ги спроведува оваа владина гарнитура, со право можеме да кажеме дека се сменија само владетелите, а полтиките останаа исти, ако не и полоши.

СДСМ се бореше против владините политики на ВМРО – ДПМНЕ за да дојде на власт ветувајќи „подобар живот за сите“ и токму правилниот урбанизам им беше едно од главните ветувања и дел од нивната програма во предизборната кампања, меѓутоа како и во делот од другите политики, така и во овој дел, тие потфрлуваат.

|2020-05-21T08:29:24+00:002 октомври 2018|Актуелно, Вести, Економија, Став|