КРИВА ПАЛАНКА, 01. 12. 2017 – Денеска, околу 200 вработени во компанијата за текстил „Веибо“ во Крива Паланка, се отпуштени од работа, тврдат анонимни извори за Гласник. Работниците секој месец потпишувале договор на дело, а истите не примиле плата за октомври и ноември. Платата за септември месец некои ја добиле во сума од 4000 денари, други пак добиле по 6000 денари. Вработените едногласно си ги побарале парите во халата на фабриката, по што директорот им ја исклучил електричната енергија и ги избркал дома.
Вчера, десетина вработени во истата компанија, барајќи си ги заработените пари, биле отпуштени од страна на директорот. Требало да им се породолжи договорот затоа што претходниот им бил истечен, меѓутоа тоа не се случило. Наместо продолжување на договор, добиле отказни решенија.
Изворот на Гласник кој е „инсајдерски“, инсистира да биде анонимен и ја потврдува оваа информација. Според неговите зборови, вчера десетмината вработени се отпуштени, а денес околу 200 лица. Проблемот се лоцира во неисплатените плати за октомври и ноември месец. За тоа, дали станува збор за отпочнување на стечајна постапка од страна на газдата, не се запознати.
Оттаму, нашиот извор истакнува дека, никој ништо не знае, ниту кога и дали парите ќе ги добијат, ниту пак дали отпуштените работници ќе се вратат на работа.
Вчера директорот ги убедувал дека парите се испратени од Турција и дека со во банка. Додека денеска ги избркал од работа.
Минатата година, 30тина работнички од оваа компанија беа отпуштени од работа. Меѓу вработените кружат и ангедоти за удирање со закачалки по глава, како своевидна сатира за можната непослушност. Како што тврди изворот, неколку бремени жени, кои биле вработени во компанијата и кои биле отпуштени, после тужбите до фабриката ги добиле споровите.
Од минатата година назначен е нов директор. Новиот директор е недостапен за јавноста но и за вработените.
Засега немаме информација дали фабриката била посетена од страна на трудовиот или пак финансискиот инспекторат и дали компанијата се спрема за стечај.
Редакцијата на Гласник неколку пати се обиде да стапи во контакт со управителката на „Веибо“, но до објавата на овој текст не добивме никаков одговор на нашите повици.
„Веибо груп“ беше најавувана како текстилна атракција од страна на поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски. Нова ТВ во 2015 година објави целосна анализа за испреплетените односи поврзани со оваа инвестиција во која се споменува и името на бизнисменот Орце Камчев.
Познати се односите на македонските олигарси со олигарсите од другите држави, меѓутоа едно од прашањата е дали е ова едно од поголемите проневери поврзани со странските инвестиции во Македонија, кои откако ќе го „исцедат“ до крај македонскиот работник, го оставаат на милост и немилост.