Мареј Букчин: Што е социјалната екологија?

Тоа што ја дефинира социјалната екологија како социјална е препознавањето на често занемарениот факт дека скоро сите постоечки еколошки проблеми потекнуваат од длабоко вкоренетите социјални проблеми. И обратно, нашите еколошки проблеми не можат целосно да се разберат, а уште помалку да се решат, без справување со проблемите во општеството. Да биде појасна поентата; економските, етничките, културолошките и родовите проблеми и конфликти, помеѓу многуте други, лежат во суштината на најсериозните еколошки нарушувања со кои се соочуваме денес (секако, настрана од оние кои се создадени од природни катастрофи).

Доколку овој пристап им изгледа премногу социолошки на оние енвиронменталисти кои зачувувањето на дивиот живот и дивината го идентификуваат како примарен еколошки проблем, или посветувањето на „Гаја“ за постигнување планетарно „единство“, тогаш можеби би било добро да ги земат предвид неодамнешните случувања. Масивното излевање на нафта од танкерот на „Ексон“ во Заливот Принц Вилијам [на Алјаска], екстензивното уништување на тропските шуми од страна на корпорацијата „Мексам“ и предложениот проект за хидроцентрала на Џејмсовиот Залив, кои ќе поплави големи шумски предели во северен Квебек, да наведеме само неколку проблеми, се отрезнувачки потсетници дека вистинското борбено поле од кое зависи иднината на планетата е очигледно социјално.

Навистина, ако ги одделиме еколошките проблеми од социјалните – или ако дадеме само симболично препознавање на нивната клучна поврзаност – би значело многу погрешно толкување на суштината на растечката еколошка криза. Всушност, начинот на кој луѓето се однесуваат еден со друг како општествени битија е од суштинско значење за лоцирање на еколошката криза. Додека не го препознаеме ова, нема да успееме да видиме дека хиерархискиот менталитет и класните односи кои толку длабоко се навлезени во општеството се оние кои ја поттикнуваат идејата за доминација над природниот свет.

Доколку не сфатиме дека денешното пазарно општество, структурирано врз основа на брутално компетитивниот императив на „раст или смрт“, e целосно безличен самонасочувачки механизам, ние погрешно ќе инклинираме да ја лоцираме вината за еколошките пробеми во други феномени – како кај технологијата како таква и порастот на населението како такво. Ќе ги игнорираме нивните суштински причини, како што е трговијата заради профит, индустриска експанзија и идентификувањето на прогресот со корпоративниот интерес. Накратко кажано, ќе тежнееме да се фокусираме на симптомите на сериозната општествена патологија наместо на самата патологија, а нашите сили ќе ги насочиме кон ограничени цели, чие постигање е повеќе козметичко отколку вистинско решавање на проблемот.

Некои критичари неодамна прашуваа дали социјалната екологија соодветно го третира прашањето на духовноста во еколошките политики, но социјалната екологија всушност е меѓу првите современи екологии кои повикуваат на промената на постоечките духовни вредности. Таква промена би била далекусежна преобразба на нашиот преовладувачки менталитет на доминација во менталитет кој се темели на комплементарност, оној што ја гледа нашата улога во природниот свет како креативна, поддржувачка и со длабока почит кон останатиот нечовечки живот. Во социјалната екологија, вистинска „природна“ духовност би била фокусирана на способноста на разбуденото човештво да донесува морални одлуки со цел да се намали непотребното страдање, да се посвети на еколошка обнова и поттикнување на естетска почит кон природната еволуција со целата своја бујност и диверзитет.

Така, во својот повик за колективен напор за промена на општеството, социјалната екологија никогаш не ја избегнала потребата за радикално нова духовност или менталитет. Уште во 1965 година, првата јавна објава за промовирање на идеите на социјалната екологија завршува со оваа заложба: „Начинот на размислување кое денес ги структурира разликите помеѓу луѓето и останатите форми на живот преку хиерархиските категории насупериорност’ иинфериорност’ ќе го отворат патот кон новите видици кои пристапуваат кон диверзитетот на еколошки начин што значи, согласно со етиката на комплементарноста.” При ваквата етика, луѓето би биле комплементарни на останатите суштества со нивните капацитети да креираат побогата, покреативна целина – не како „доминантен“ вид, туку како поддржувачки вид. Иако оваа етика, изразена на времето како повик за „респиритуализација на природниот свет“, проникнува низ литературата на социјалната екологија, таа не треба погрешно да се сфати како теологија што издига божество над природниот свет или дека бара да најде некое во нејзините рамки. Спиритуалноста промовирана од социјалната екологија е дефинитивно натуралистичка (како и што може да се очекува, имајќи го предвид нејзиниот однос кон самата екологија, која произлегува од биолошките науки) наместо натприродна или пантеистичка.

Заложбите на некои делови од еколошкото движење да даваат предност на потребата да се развие пантеистичка „еко-духовност“ пред потребата да се адресираат општествените фактори (кои всушност ги поткопуваат сите облици на духовност) отвора сериозни прашања за нивната способност да се фатат во костец со реалноста. Во време кога слепиот општествен механизам, пазарот, ја претвора почвата во песок, ја покрива плодната земја со бетон, го труе воздухот и водата и создава сеопфатни климатски и атмосферски промени, не можеме да го игнорираме влијанието кое хиерархиското и класно општество го има врз природниот свет. Мора да се соочиме со фактот дека економскиот раст, родовата дискриминираност и етничката доминација – а да не зборуваме за корпоративните, државните или бирократските интереси – се многу поспособни да ја променат иднината на природниот свет отколку личните форми на духовно себе-обновување. Овие облици на доминација мора да бидат конфронтирани преку колективна акција и од социјалните движења кои ги предизвикуваат општествените извори на еколошката криза, а не само преку лични облици на потрошувачка и инвестирање кои често одат во рубриката на „зелениот капитализам“. Сегашното исклучително кооптирачко општество е премногу желно да изнаоѓа нови начини на комерцијална надградба и да додаде еколошка фразеологија кон својот маркетинг и односите со потрошувачите.

Автор: Мареј Букчин (1993)

Извор: Колектив

|2019-08-28T08:49:27+00:0028 август 2019|Актуелно, Свет, Став|