Кратка историја на манифестите и декларациите во Македонија (во пресрет на двата Илиндена)

Врз база на западноевропскиот капитал и индустриска револуција, се шири просветителството меѓу другите народи и народите на Балканот. Самите буни и востанија на балканските народи во XIX век ја принудија Османлиската Империја да попушти пред барањата за еднаквост и правда во два исклучително важни документи.

Гилхантскиот Хатишериф (1839  г.)

„Тој ја прокламирал потполната рамноправност пред законите на сите граѓани, без разлика на вера, народност и положба, како и целосната сигурност на животот, честа и спечалените имоти на сите поданици. На крајот на Хатишерифот султанот барал тој да се објави на јавни места и во присуство на граѓани од сите вери“.

Хатихумајун (1856  г.)

„Со Хатихумајунот им се ветувала верска и национална рамноправност на сите народности во Турската Империја, слобода на вероисповедта и слобода на совеста, мешани судови, право на христијаните да стапуваат на државни должности, да служат во турската војска, па дури и да имаат свои претставници во државниот совет“, Историја на македонскиот народ, книга втора – од почетокот на XIX до крајот на Првата светска војна, НИП „Нова Македонија“, Скопје 1969, стр. 31

Во услови кога власта и владејачката класа се оглушувале на потребите, стремежите и барањата на широките народни маси за национална еднаквост, солидарност и социјална правда, револуционерната борба во Македонија во екот на своето дејстување донесе и три манифеста.

Крушевскиот манифест (1903г. ?)

Овој манифест претставува декларација за погледите, целите и задачите на крушевските востаници. Тие имаат демократски – републикански стремежи и упатуваат повици за братска слога и единство меѓу народите кои, ако национална и религиозна, тогаш сигурно трпат иста социјална беда.

„Браќа земљаци и мили комшии! Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода. (…) Ние не дигнафне пушка протиф вас – това би било страм за нас; ние не дигнафне пушка протиф мирнио, трудољубивио и чеснио турски нарот, шчо се прерануат, како нас со крваф пот – тој јет наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живејме; ние не излегофне да колиме и да грабиме, да палиме и да крадиме – доста ни сет зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија. (…) требит да знајте оти вашио имот, вашио живот, вашата вера и вашата чес ни сет толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите. (…) Ние се бунтуваме протиф тиранијата и протиф ропството (…),протиф насилниците на нашата чес и на нашата вера и протиф тие шчо смучат нашата пот, и експлоатират нашио труд. От нас, и от нашите села да не се плашите – никому зијан не ќа сториме. Ние не само ве имаме како сфои браќа, туку и ве жаљаме како сфои браќа, бидејќи разбираме оти и вие сте робје како нас, робје на царо и на царските бегој, ефендии и паши, робје на богатите и на силните, робје на насилниците и на зулумќарите, шчо ја запалија царшчината од четирите страни и шчо не натераа нас да дигниме глава за право, за слобода и за чоечки живот. За право, за слобода и за чоечки живот ве каниме и вас да дојдите заедно да водиме борба!“

Манифест на ГШ на НОВ и ПОМ (3 октомври, 1943  г.).

Во него се истакнува дека македонскиот народ во идната заедница ќе биде целосно рамноправен со другите југословенски народи. (…) Истовремено Манифестот ги потврдува идеите за заеднички и рамноправен живот на македонците, албанците, турците и сите други, со цел да се мобилизираат што повеќе луѓе од целото население. Тој укажува и на потребата да се создаваат нови пријателски односи со сите соседи и со сите балкански народи.

Ние треба бездруго да ги испадиме големоболгарските окупатори од нашата татковина. Но ние ќе направиме братство и единство во болгарскито народ, кој веќе води решителна борба против големоболгарските фашисти и хегемонисти. Ние треба бездруго да ја испадиме големоабанската клика и да ја направиме неспособна да го поробуе македонскиот народ. Но ние ќе направиме братство и единство со албанскиот народ, кој нема ништо општо со тија реакционерни, хегемонистички клики. Ние треба да ја испадиме и големосрпската хегемонистичка и предателска банда на Дража Михајловиќ и да ја направиме неспособна наново да го врати режимот на големосрпската хегемонија и тиранија во Македонија. Но ние ќе направиме братски сојуз со сите југословенски народи, на базата на полна национална рамноправност со српскиот, хрватскиот, словенечкиот и другите народи во Југославија. Ние ќе работиме на тоа, заедно со сите народи во Југославија за да го создадеме братскиот сојуз на јужнословенските народи, зимајќи го во нашите братски пазуви и братскиот болгарски народ. (…) И ние ќе го создадеме полното единство на македонскиот народ, почнувајќи од комунистите, па сè до старите илинденски борци, во борбата за една нова, слободна и народна Македонија… во: Универзитет „Кирил и Методиј“, Факултет за филозофско- историски науки- Филозофски факултет, Група за историја и Институт за национална историја, Документи за борбата на мак. народ за самостојност и за нациолна држава, том втори, Скопје 1981, стр. 409.

Манифест на АСНОМ до македонскиот народ (2 август, 1944  г.)

Со Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ (2 август, 1944  г.) се испратила порака во различни правци и за различни категории население (повици кон македонскиот народ воопшто, кон македонците под Бугарија и Грција, кон браќата арнаути, турци, власи, кон илинденците и партизаните, кон работниците и омладинците, кон македонските мајки, жени и сестри.). Сето тоа со цел да ги впрегнат заеднички своите сили за завршните операции. Иако најголем дел од Манифестот содржи пораки кон македонскиот народ и неговото обединување, сепак Манифестот, како што тоа во многу наврати го направија и претходните слични документи, не испушта да ги потенцира и овој пат заложбите за рамноправност и соживот меѓу етникумите во идната заедничка држава, солидарноста со останатите балкански народи.

„Браќа Арнаути, Турци и Власи! Поробувачите на Македонија од везден сакале да не разделат и скарат за полесно да ја владат нашата татковина и да ги грабат нашите народи. Тешкото минато ни покажа оти интересите на нашите народи са исти, а нивната судба заедничка. Во овие решителни моменти сите ние изградуваме слободна Македонија. Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме. Вашите синови учествуваат во македонската војска и земат веќе командни места. Вашите првоборци учествуваат како пратеници – народни претставители во Народното Собрание. Првото македонско Народно Собрание прокламира слобода и равноправност на сите народности во Македонија. Учествувајте равноправно во изградувањето на слободна Македонија – слободна татковина на сите народности!“

Македонски работници! Во слободна Македонија, во нова Југославија, вие ќе започнете еден посреќен и подостоен за вас живот. Со својата прикажана упорност изградувајте ја слободна Македонија и станете нејзини најпредани творители! Направете од новата македонска држава вистинска, слободна и праведна татковина на целиот работен народ.

Македонски мајки, жени и сестри! Во оваја величествена борба вие го дадовте својот крвав дел. Во слободата на македонскиот народ вие ќе си ја спечалите и собствената слобода. Во утрешна слободна Македонија вие ќе бидете нејзини слободни и равноправни сторители. Борците на фронтот имат нужда од вашата поткрепа. Слободата на вашиот народ имат нужда од вашата помош. Изградувајнето на новата држава не може да се замисли без вашето равноправно учестие.

Автор: Зоран Василески

|2022-07-03T18:31:49+00:0030 јули 2018|Актуелно, Гласни идеи, Став|