Падот на социјалистичкиот блок држави од Источна и Југоисточна Европа, значеше вовед во транзицијата, или рестарвацијата на либералниот капитализам и колонијализам на Балканот. Балканските народи на најтежок начин ја почуствуваа контрареволуцијата и империјализмот. Стотици илјади загинати, уште толку исчезнати на просторите на бившата југословенска федерација, милиони без работа или со плати на раб на егзистенција по целиот Балкан… Во состојба на растечка сиромаштија, уништено образование и здравство, а водени од националистички, национал шовинистички и клеро-фашистички партии, работниците од Балканот, го заборавија својот класен идентитет, и го прегрнаа националниот и религискиот.
Да се скрши работничката солидарност, да се уништат работничките партии и се врзат синдикатите… За сето тоа потребно е работниците да ги напуштат своите организации и да преминат во организациите на непријателот, односно во партиите кои му служат на крупниот капитал и странскиот воено-политички фактор. Како на почетокот на минатиот век. Империите не назначуваат свои кралеви, туку имаат свои партнери – политичари и политички партии.
Напикани во секакви други, верски, националистички, но не и работнички организации, прашање е на време кога работниците на Балканот, или над 90% од секој народ, ќе дигнат рака еден на друг, во едни веќе видени дивјачки сценарија со трајни последици.
За тоа да не се случи, потребно е „невозможното“. А тоа е работничка солидарност која ги преминува границите кои го делат Балканот насочувана од вмрежени и обединети по идеологија и цел – анти империјалистички балкански социјалистички партии.
Балканските народи мора да учат од историјата. Таа го кажува следното:
Балканските народи беа обединети во комунистичките партии. На просторот на Кралството СХС, имаше многу партии, еднонационални по своето членство, но имаше само една Комунистичка Партија со членови и раководители од сите етнички групи.
Немаше срби меѓу усташите, немаше хрвати меѓу четниците. Немаше срби и хрвати меѓу домобраните. Немаше македонци меѓу балистите, и албанци меѓу врховистите. Немаше македонци во андартските чети, ниту грци во контрачетите на ВМРО.
Затоа имаше партизански одреди на соборци, комунисти и македонци на Грамос, срби, хрвати и босанци по планините на Босна и Херцеговина. Македонци, албанци и срби комунисти го градеа братство-единството уште на првите слободни територии во Западна Македонија и Косово. Срби, хрвати, босанци и останатите југословенски народи го градеа братство-единството на слободните територии во Босна и Херцеговина
„Ова е застарено, надминато гледање на работите, нема класи, има граѓани и нации“, ќе рече граѓанската, десничарска критика на политичките процеси во земјава и регионот.
„21 век сме“, ќе речат аполитичните.
“Социјализмот е тоталитарна идеологија, решение е либералната демократија и почитувањето на човековите права“, ќе речат левите либерали произведени во невладиниот сектор.
Сепак за сите нив одговорот е ист: „Учи, учи, и само учи’! Кој не учи од минатото, осуден е истото да му се повторува. Особено кога се наоѓаме во ист општествено-економски систем, капитализам. Дали бил либерализам или неолиберализам, империјализам или глобализација е сеедно.
Балканските држави се колонии на германскиот капитал и воени бази за оружјето на САД. Русија игра од втор план, со силните адути во ракавот – православието и словенството.
Периферијата е жртва на одлуките на Центарот. Кога капитализмот влегува во неразрешлива криза, центарот носи воени одлуки кои во прв момент се одигруваат во периферијата, како арена за одмерување на силите со глобалниот противник.
Последните случувања на политичката сцена на Балканот укажуваат на раст на политичките сили кои ги разединуваат и трајно одвојуваат балканските народи меѓу себе.
Левицата, прогресивната младина и мирниот работен народ мора да ги спречи овие сили додека не е предоцна. Разединети, оградени со границите на државите, борбата е невозможна. Силата е во обединувањето!
Автор: Зоран Василески, правник и член на Президиумот на Левица