Повеќе европски држави започнаа процес на целосна забрана на автомобили што користат фосилни горива, кој би требало да биде комплетиран во текот на наредните години. Оваа забрана се воведува заради големото загадување што го прават автомобилите на фосилни горива, што придонесува пак кон глобалните климатски промени. Но, исто така за поттикнување на алтернативните чисти технологии. Се поставува прашањето, дали старите автомобили ќе ја преплават Македонија?
Неколку европски држави, меѓу кои Франција, Британија, Германија и Шведска, планираат целосно да ги исфрлат од употреба автомобилите кои користат фосилни горива до 2040 година. Овие држави, коишто се и самите големи производители на автомобили, ги поттикнуваат своите автомобилски компании да развиваат автомобили на чисти технологии, главно на струја.
Иако, ова е позитивен чекор за овие држави, сепак се поставува прашањет0, што ќе се прави со милионите стари автомобили? Изминатиот период поранешните влади на Република Македонија во полза на популистички цели отворија можност за увоз на стари евтини автомобили. Ова придонесе кон значително зголемување на загадувањето, а поголемите градови, како што се Скопје, Тетово и Битола се најдоа на врвот на листите на најзагадени градови во Европа. Оттука, се поставува прашањето, дали сегашната и наредните влади, ќе продолжат со популистички мерки на штета на граѓаните, или пак и тие ќе почнат да го следат трендот на еколошки мерки од развиените држави во Европа?