До каде е правдата за работниците во Крива Паланка?

КРИВА ПАЛАНКА, 14.04.2018 – Работниците во две компании во технолошко-индустриска развојна зона (ТИРЗ) Крива Паланка се оставени и заборавени од сите релевантни државни фактори во државата.  Вработени во италијанската компанија за чевли „Кадоро Отто“  и работниците во турската компанија за текстил „Веибо Груп“ го сработиле својот дел, но не го добиле заслуженото.

„Веибо груп” на своите вработени, им должи три плати, прекувремени работни часови  и исплата на придонеси за пензиско и здравствено осигурување.

Околу 210 вработени, од 1 февруари па се’ досега, на повеќе наврати го блокираа магистралниот пат Куманово – Крива Паланка, протестираа пред општината и пред фабриката, барајќи од менаџментот и управителката да им ги исплатат платите. Работничките во своите изјави обвинуваа дека и Инспекторатот за труд не си ја врши својата работа, иако на самиот терен инспекторот за труд затекнал неправилности.

Додека се чека новиот сопственик што го најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев,  вработените во „Веибо груп“ спремаат тужба до сопственикот на текстилната компанија „Веибо Груп”-Македонија, Мустафа Иршат-Канџа.

А 105 работници од италијанската компанија за чевли „Кадоро Отто“  го добија тужбеното барањето со кое се задолжува сопственикот да им исплати на работниците вкупен износ од 1.430.856,00 денари за неисплатени плати и придонеси за февруари 2017 година. Оваа пресуда ја донесе првостепениот суд во Крива Паланка, а оваа година во  февруари, Апелациониот суд во Скопје како второстепен суд ја потврди пресудата, со што истата стана конечна.

Но, иако вработените го добиле судскиот спор, тие се’ уште ги немаат добиено парите.

Странските инвестиции во овие региони ветуваа многу а единствено нешто што направија за вработените од гореспоментатите случаи е нивно доведување на работ на егзистенција. Во ваквите компании не е  дозволено синдикално организирање, или ако го има – тоа е еден вид на формалност. Овие луѓе се третирани како потрошна роба, па и дури кога и судската правда ќе застане зад нив, тие повторно не го добиваат што го заслужиле. Додека во јавноста топ тема се спорот со името, довербата кон владата и корумпираните секојдневни зделки, работниците од Крива Паланка никако да го добијат вниманието и конечна правда.

|2018-04-14T07:47:46+00:0014 април 2018|Актуелно, Вести, Економија|