„Зелената арка“ е организација на млади ентузијасти, кои за себе кажуваат дека делат заедничка визија за свет во кој луѓето живеат во хармонија со природата. Тие на Скопје му ја овозможија првата општествена, заедничка градина. Овој потфат на заедничко градинарење веќе започна да се реализира, а тоа беше повод редакцијата на „Гласник“ да направи интервју со еден од членовите на „Зелената арка“, Димитар Самарџиев.
Здраво Димитар. Кажи ни нешто повеќе за „Зелената арка“. Зошто баш „Зелената арка“?
Одговор: До сега во ниедно интервју не е поставено прашањето токму за името на организацијата. Се приклучив во „Зелената арка“ при крајот на 2010 година, тоа е околу три години по основањето на граѓанската организација, така што приказната за именувањето на „Зелената арка“ можам само да ја прераскажам како што ја чув од основачите на организацијата. Станува збор за оддавање почит кон делото на музичарот Ли Скреч Пери, чие музичко студио е именувано „Црната арка“ (aнг. The Black Ark). Се подразбира дека внатрешноста на арката одвнатре останува црна, со сите можни симболички толкувања, што произлегуваат од присуството на зеленото и црното во една арка, на пример можна е и референца што упатува на делото на Џон Зерзан. Згора на тоа, митот за потопот и повторното расејување и размножување на живиот свет ширум планетава Земја по некаква уништувачка катаклизма, благодарение на арката, е присутен во многу светски култури уште во пред-библискиот период. Па така приказната за арката може да обединува како мицелиумот што вирее во темнината на почвата додека ги поврзува надземните растенија и подземните микрорганизми.
Ако земете предвид дека „Зелената арка“ е основана пред тринаесет години, значи дека организацијата е веќе навлезена во „пубертет“, а младешкиот ентузијазам на екипажот што плови со арката е веќе созреан во посветеност при обидот да се прикрпат остатоците од тоа што некогаш се идеализирало и романтизирало како природа, но секојдневно се уништува во ерата на Антропоценот. При тоа и општестото е речиси распарчено, така што сраснувањето на разранетите делови од природата и човештвото веќе не е во доменот на хармонијата и спасувањето на поранешните екосистемски состојби, туку обид да се преживее наспроти секојдневните предизвици преку постојано заемно калемење на регенеративни (перма)култури.
Ја спомнавме во најавата хармонијата со природата и визијата на свет во која тоа ќе се реализира. Голем дел од граѓаните ги третираат еколошките проблеми како прашања од маргинална важност, односно како важни, но не баш многу важни. Зошто е важно да се обрне повеќе од маргинално внимание на хармонијата со природата, на агроекологијата, на пермакултурата? И дали свет во кој ќе има хармонија на луѓето со природата е можен?
Одговор: Хармонијата со природата всушност е неизбежна, постои постојана повратна спрега меѓу човештвото како кумулативен агенс на планетава Земја и останатите природни појави. Издвоеноста од природата е само последица од искривоколченоста на човечката перцепција под влијание на доминантните културно-цивилизациски норми. Колку понеусогласено човештвото делува во природата, толку повеќе си го загрозува и отежнува опстанокот како вид. Овој прост факт на големо го игнорираме не само локално, туку и глобално, претпоставувам дека сме стаписани од размерите на несаканите екосистемски промени што ги предизвикуваме со секојдневните постапки. Сепак забележливо е дека како што отчукуваат преостанатите жетви од испостената почва (помалку од шеесет) и целзиусовите степени (можно просечно затоплување над 2°C за 30 години), маргинализираните екосистемски грижи привлекуваат повеќе внимание. Па во таа насока етичките начела на пермакултурниот дизајн нудат прегледна рамка заснована на грижата за Земјата, грижата за луѓето, како и приспособливоста во однос на достапните ресурси и нивното рамномерно распределување во заедницата.
Ова се општите начела, како појдовни точки за изнаоѓање решенија за човекување колку што ни досега еколошката черга, во смисла да не ја исцрпуваме планетата повеќе отколку што може да понуди. Во овие рамки се вклопува и агроекологијата како пристап за производство на храна со што е можно помалку штетни последици врз и така сериозно нарушените екосистеми. Целта на решенијата што ги нуди пермакултурниот дизајн, меѓу другото, е да се воспоставуваат функционални агроекосистеми што овозможуваат поволни животни услови не само за луѓето, туку и за останатиот жив свет, од микроорганизмите до најголемите живи суштества. При тоа биодиверзитетот и културниот диверзитет се темелните вредности врз кои може да се надградува регенеративниот пристап кон заедничката еволуција на видовите, заснована на Кропоткиновиот мутуализам, наспроти вулгаризираната фраза за опстанокот на најсилните, што за жал уште доминира над светот. Во секој случај, на денешнава насилничка цивилизација ѝ се избројани деновите, а пермакултурниот дизајн може да се најде за приземјувањето на човештвото да не биде премногу погубно.
Накусо, можни се онолку различни светови колку што има различни светогледи, клучно е усогласувањето на светогледите насочени кон општата полза и благосостојба. За да се постигне тоа потребна е волја и вештина за групна импровизација среде наметната експлоататорска какофонија, со намера некако во движењето и од синкопите (сопките) и шумот (пречките), градинарски да компостираме нови урамнотежени животни услови.
Благодарение на вашиот ангажман Ново Лисиче и Скопје добија општествена градина. Што е тоа општествена градина? На кои принципи е организирана, која е целта на ваквото обликување на урбаниот јавен простор?
Одговор: Благодарение на Град Скопје во рамките на проектот „Развивање на прва урбана градина во Град Скопје“ ни се здаде можноста да ја основаме општествената (заедничката) градина во паркот Лисиче во населбата Ново Лисиче. Општествената или заедничката градина е простор наменет за одгледување претежно градинарски култури и други едногодишни или повеќегодишни јадливи растенија, каде што граѓаните на Скопје заедно можат да градинарат и ако сакаат плодовите од градината да ги ползуваат како додаток при личната исхрана.
По јавниот повик за учество во 2019 година се пријавија над 160 граѓани со желба заеднички да градинарат. Бројот на заинтересирани граѓани беше над пет пати поголем отколку што можевме да понудиме на просторот од 3.000 м2. Па така, сега постојат две можности – најмногу од своето градинарско внимание да го посветат на определени 50 м2 во текот на една календарска година или повремено да градинарат на различни делови од општиот заеднички простор со површина од околу 1.500 м2.
Една од целите на градинарењето во градското подрачје на јавен простор е да се предочи и ползува потенцијалот за одгледување јадливи растенија што поблиску до живеалиштата на граѓаните. Така храната станува подостапна и се намалува загадувањето и трошокот на фосилни горива, што инаку се подразбира при транспортот на зеленчук и овошје надвор од градот до продавниците. Друга цел е да се поттикне пренамената на тревниците во градини со јадливи растенија, за да се поткрепи локалното население со локално произведена храна, според примерот на Куба, за така долгорочно да се зголеми отпорноста и приспособливоста на заедниците во однос на претстојните еколошки, климатски, социо-економски, здравствени или политички кризи, слични на тековната предизвикана од КОВИД-19. Историски гледано жилавите заедници што си произведувале храна во рамките на населбите каде што живееле, успевале да преживеат и опсади и пандемии.
Клучната вредност на општествената градина е заедничкиот потфат на граѓаните самите да се научат да градинарат и да си одгледуваат некое количество растителна храна. Тоа нуди можност за хоризонтална размена на знаења и искуства во доменот на животните вештини, па во крајна линија покрај секојдневната социјализација во градинарските групи да се создаде и своевидна градинарска заедница. При тоа се менува карактерот на јавните зелени површини од претежно украсни растенија во плодоносни растенија со повеќеслојна функционалност што придонесува за подобрување на квалитетот на животот и создавање амбиент што нуди поткрепа не само од нутритивен, туку и од психолошки аспект. Следствено, заедничкото градинарство може да побуди и чувства на заедништво, припадност, зголемена самодоверба, можности за граѓанска самоорганизација и дејствување меѓу учесниците во градинарскиот потфат, а секако и убав пример за поттикнување слични иницијативи и на други места.
Принципите на кои е организирана градината се во согласност со пермакултурните принципи, па подразбираат споделена одговорност за уредувањето и одржувањето на просторот, отвореност кон различни придонеси и предлози од сите учесници, заедничко донесување одлуки, па можеби би се обиделе и да го испробаме и организациско-комуникацискиот модел на социократијата во догледно време. На една од координативните градинарски средби, меѓу другото, одлучивме да ја именуваме општествената градина – Бостание.
Кои се придобивките на оние наши сограѓани што ќе се вклучат во одгледувањето на општествената градина? Зошто е важно некој да одвои време да градинари, имајќи го предвид нашиот урбан и хектички начин на живот?
Одговор: Придобивките од градинарењето, особено во организирана група се бројни; освен стекнувањето нови вештини, нови познанства, можноста за активен и плодоносен одмор во некој дел од денот; во општествената градина може да семенуваме (да разменуваме и одржуваме локални автохтони сорти на семе од градинарски култури), може да се учествува на работилници и обуки за градинарство, агроекологија и пермакултурен дизајн, може да се одвива хортикултурна терапија како оддишка од секојдневната градска бркотница, може да се градинари на безбедно физичко растојание без социјалната дистанца и така да се ресоцијализираат граѓаните чии социјални односи биле загрозени како последица на ограниченото движење и дружење поради опасноста од ширењето на КОВИД-19, може да се одржуваат едукативни посети итн.
Исто така, имајќи предвид дека при бербата се лачи допамин, а при допирот со почвата може да се внесе бактеријата Mycobacterium vaccae, што придонесува за зголемено излачување на серотонинот, може да се каже дека градинарењето и на биолошко ниво, покрај полезната физичка активност, нуди и можност за хормонално урамнотежување.
Конечно, да го парафразирам Бил Молисон, еден од основачите на пермакултурата, најзначајната промена, што е нужно да ја изведеме, е од потрошувачка да преминеме на производство, дури и во мали размери, во своите градини. Дури и само 10% од нас да градинарат, ќе има доволно за сите. Оттука бесполезни се револуционерите, кои не градинарат, кои зависат целосно од системот што го напаѓаат, кои произведуваат само зборови и куршуми, а не храна и засолништа.
Дали примате нови членови кои би сакале да се приклучат на заедничкото градинарење?
Одговор: Да, можноста за граѓаните да се придружат во заедничкото градинарење останува отворена, особено во рамките на општата градинарска површина од 1.500 м2 за оние кои повремено би градинареле на разни делови од градината, а за оние кои би сакале да се посветат повеќе на парцелизиран простор од 50 м2 останува можноста да ја пополнат пријавата за учество преку овој линк и да почекаат додека се ослободи некоја од парцелите, оваа или следната сезона.
Интервјуто го спроведе Здравко Савески.