Полициската ароганција и бруталност се генерациски проблеми кои не ги афектираат само Ромите, впрочем сите „ординарни“ граѓани кои не ги уживаат привилегиите на „неколкуте имунизирани“, претставуваат таргет на тортура во помала или поголема мера и во различна форма, но евидентно (и разбирливо, аналогно на долговековната репресивна па дури и расистичка традиција) кон Ромите полициските службеници постапуваат највиолентно без разлика дали актот е основан или не.
Можноста таквите настани да се документираат денес ги прават многу повирално видливи што впрочем ги вознемирува полициските синдикати и корумпираните судови затоа што повеќе не се во можност да ги отфрлаат обвиненијата за малтретирања како неосновани „анегдотални докази“ бидејќи самите видео записи инстантно потврдуваат дека полициската бруталност е срамна системска вистина.
Но доколку и покрај тоа, полициските службеници во знак на „солидарност“ , „кривосудството“ или пак уште поалармантно, народот толерира и поддржува полицаец кој разбеснето и несвесно применил прекумерна сила врз веќе неутрализиран цивил кој патем е Ром, тогаш сите ние како „општество“ сме виновни!
Поентата не е на нештата да им се даде етничка конотација, но неодамнешните прополициски протести иницираат сомнежи дека колективната свест на граѓаните поинаку реагира (хипотетички но ии објективно гледано) на фатални сообраќајки предизвикани од деца на државни функционери, бизнисмени итн. но сосема поригорозно ги осудуваат Ромите дури и понекогаш неосновано кои не само што не уживаат хумани туку континуирано им се прекршуваат дури и цивилните права.
Дури и тие кои експресионираат индиферентна „неутралност“ при случаи на нанесена неправда, колку и да негираат, автоматски ја избираат страната на агресорот.
Навидум надвор од контекст, но би ги навел и неколкуве реченици како додаток во статијата при кои отворено ќе ги атакувам „младите, надежни, високообразовани роми“ кои автоглорифицирајќи се како „роми кои се образовани, умеат да зборуваат“ создаваат слика за сонародниците дека не умеат и дека се однесуваат нецивилизирано! Поткопувајќи цел етникум за да се стави акцент на сопствените квалификации на таков начин истите свесно или несвесно му асистираат на трулиот систем и на игнорантната полиција да ги прикријат ѕверствата преку медумски пропаганди наведувајќи стереотипи од типот на горенотираните, дека „Ромите се нецивилизирани, асоцијални и правно неписмени при соочување со законот“.
Ромите како вулнерабилен етникум не смеат да си дозволат да бидат жртви и на сопствената интелигенција! Ромите веќе предоволно се чувствуваат заробени, заглавени во сопствените заедници, агенти финансирани од европски фондации и „акционерски друштва“ кои имаат интенција да поентираат и профитираат на такви несакани настани се најмалку што им е потребно! Освен сервилноста на самопрокламираните ромски политички репрезенти мора да се елиминира и автодеструктивниот синдром „јас сум пример дека сите роми не се исти“ за граѓанските иницијативи и ангажмани за протекција на Ромите би добиле ефективно значење.
Борбата против полициската бруталност ќе биде незавршлив процес се додека сегашниот систем не биде променет, секоја добиена правна постапка против полицијата е прогрес, но не и триумфална победа! Полициската бруталност треба да се адресира и понатаму, а виновните полицајци да ги сносат консеквенците за своите постапки !
Нека не биде изненаден системот кога гневот и недовербата во истиот се манифестира жестоко! За жал, ќе сведочиме на уште многу слични настани, повеќето и медиумски неекспонирани при кои жртви нема да бидат само Роми, што претставува секојдневна полициска пракса всушност.
Но, нека не не ословуваат како виолентни само затоа што одбиваме да бидеме неми пред неправдата! Младината се чувствува прелажана затоа што секојдневно видливо се соочува со нееднаквоста и лицемерието на демократијата со вестерн карактеристики!
Руфат Јашари