Членови на ЛД Солидарност и Левица со демант за изнесените лаги од Љубиша Станковиќ

СКОПЈЕ, 04.06.2018 – Членови на Левичарското движење „Солидарност“ и левичарската партија „Левица“ вчера беа дел од текст кој шири лаги за нив. Авторот на текстот обвинува и тврди дека наводно имињата кои се спомнати имале соработка со Медиа Принт Македонија, односно дека имале финансиски побарувања, коишто биле оспорени.

На ова веднаш реагираа засегнатите лица и со писмен допис бараат јавно извинување од страна на авторот и уредникот, а поради сензационалноста со која се служи медиумот случајот ќе го пријават во Совет за етика на медиумите.

Дописот претставува барање за објавување на демант или повлекување на текстот објавен на страницата pravosudstvo.mk, од авторот Љубиша Станковиќ. Овие невистини како што тврдат членовите на ЛД Солидарност и Левица, ги пренесоа и порталите Либертас и Мактел, медиуми блиски до власта, што пак укажува на намерен спин.

Барањето за јавно извинување ви го пренесуваме во целост.

 

Драги новинари,

Воопшто не е тајна дека претходната власт водеше хајки против различни организации и поединци. Во рамките на тие прогони на удар беше и ЛД Солидарност како и неколкуте членови на Левица кои Вие ги наведувате во вашиот текст.

Еден прогон беше и текстот на насловната страна на дневниот весник „Дневник“ кој излезе на 26.04.2016 година. Текстот со наслов „Нема правда – нема мир – За да има пари!“ напишан од новинарката Мирка Велиновска беше ставен на насловната страна на медиумот. Во текстот новинарката не’ обвинуваше дека сме наемници, странски платеници обучувани во странски кампови и вратени во Македонија за да ја срушиме државата. Овој текст подоцна беше пренесен и од серија на други медиуми, поради што ние сметаме дека ни’ е повредена граѓанската чест и углед.

Поради тие причини на 26.07.2016 поднесовме тужба против авторката Мирка Велиновска, уредникот Дарко Јаневски и издавачот Медиа Принт Македонија (МПМ). Основата на тужбата е според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета при што сметаме дека на нас како граѓани ни’ се повредени честа и угледот и при тоа ги повикуваме горенаведените на граѓанска одговорност за направената штета.

Што се однесува до случајот со МПМ, бидејќи во меѓувреме правното лице влезе во стечај, по сугестија на нашиот адвокат поднесовме барање како тужители да влеземе во стечајната маса. Со оглед на тоа што нашето рочиште против колумнистот и уредникот се’ уште трае, што значи дека судска одлука не е донесена, нашето побарување да бидеме дел од стечајната маса беше одбиено. Таа судска одлука целосно ја почитуваме.

Што се однесува пак до Вашиот текст, сакаме да нагласиме дека начинот на кој е пренесена веста е инкриминирачки и наведува на конспирација. Вие како автор сомничаво се прашувате каков деловен однос сме имале со МПМ, но притоа не наоѓате за сходно да прашате некој од доверителите лично за што точно се работи. Со оглед на тоа што Вашата вест е сензационалистичка, текстот ќе го пријавиме во Советот за етика на медиумите затоа што сметаме дека не го почитува принципот на барање на информации од сите инволвирани страни. А што се однесува пак до наведувањето дека имаме некаков деловен однос со МПМ, тоа веднаш да ви одговориме дека не е точно.

Поради тие причини, учтиво Ве замолуваме да се извините и да го повлечете Вашиот текст или во најмала рака да го објавите нашиот демант за да не настануваат забуни во јавноста а ние да продолжиме слободно да си ги остваруваме нашите граѓански права пред судот.

 

Со почит,

Од:

Васко Цацаноски

Александар Ковачевски

Кире Василев

Здравко Савески
Мариглен Демири

Мартин Краљевски

Дамјан Божиновски

Марија Башевска

Дејан Лутовски

Артан Садики

Кирил Бисероски

Со реакција за текстот на Станковиќ во кој шири лаги и невистини за тројца членови на политичката партија Левица писмено се јавија и одтаму:

На порталот pravosudstvo.mk вчера се појави текст со наслов „Ексклузивно: И левичарите барале пари од Медиа Принт Македонија“ во авторство на новинарот Љубиша Станковиќ. Авторот пишува дека членови од раководството на „Левица“ бараат пари од МПМ и прашува во каков деловен однос биле поединци од раководството на „Левица“ со МПМ. Авторот вели „индикативно е тоа што тие сите побаруваат идентичен износ од 169.339 денари или околу три илјади евра“. Овој текст беше преземен и од други медиуми.

Должни сме да објасниме дека побарувањето кон МПМ е врз основа на тужба за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и навреда поднесена во мај 2016 година. Тужбата беше поднесена од неколкумина наши членови и други левичари поради текст во авторство на Мирка Велиновска, објавен во месец април 2016 годинa во дневниот весник „Дневник“ под наслов „Нема правда нема мир – за да има пари“. Текстот содржеше повеќе клеветнички искази насочени кон истакнати членови на „Левица“, меѓудругото во тој текст нашите членови беа обвинети дека земаат странски пари за да ја рушат тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Судскиот процес трае повеќе од две години и ние бараме материјална оштета од авторката Мирка Велиновска, тогашниот уредник Дарко Јаневски и издавачот на „Дневник“ – Медиа Принт Македонија.

Стоиме на располагање за дополнителни информации и сметаме дека сензационалистичкиот пристап без да се проверат елементарните факти создава забуна во јавноста и отвора простор за секакви манипулации и шпекулации.

|2018-06-04T11:12:58+00:004 јуни 2018|Актуелно, Вести|