Беснеат пожари, системот на капиталистите капитулираше

Беснеат пожари.

Системот на капиталистите,  капитулираше пред пожарите.

Нема да навлезам во причините за избивањето на пожарите, бидејќи не можам да се пофалам со некое знаење од таа област, но и тоа како се чувствувам подготвена да дадам критика на државниот и општествен систем кој е неподготвен за справување со вакви кризни ситуации.

Имено, видов многу објави каде се критикува власта, но јас ќе отидам чекор понапред, и ќе го критикувам системот што ја создава и одржува таквата власт. Убедена сум дека дури и кога би имало други партии на власт, состојбата ќе беше иста, бидејќи во не толку далечното минато, (2016 година) се случија поплави генерално во скопскиот регион, каде загинаа над 30 лица, тогаш имаше друга власт, која исто како оваа денес се најде неподготвена при кризната ситуација.

Лошото функционирање на власта (системот) целосно јасно го видовме и за време на пандемијата и справувањето со истата.

Но, зошто е тоа така? Ќе рече некој, во оваа држава ништо не чини. Да, не чини, но тоа не е само во оваа држава, туку во сите останати, каде социо-економскиот систем е капиталистички. Пожари моментално не беснеат само во Македонија, туку и во Турција и Албанија (можеби и во други земји). Исто и овие земји немаат капацитет за справување со пожарите, па верувам дека и со други природни катастрофи.  Поаѓајќи оттука, забележуваме дека во сите три горенаведени земји заедничко нешто е системот – капитализмот.

Вечната трка за профит, алчноста на “народните избраници”, го турка самиот народ во бездна на опасност, која што опасност честопати завршува трагично.

Нема да барам оставка од никој, затоа што, оние од кои се бара оставка немаат дигнитет и морален кредибилитет за да превземат одговорност и поднесат оставки. Кога би имале, не би владееле на овој начин.

Крајно, што правиме ние, ние обичниот, угнетуван, потиснат, втурнат во мрак народ? Дали повторно се ќе се заврши со она познатото “секое чудо за три дена”? Дали после десеттиот статус ќе се помириме со состојбата и ќе останеме горди на нашите добиени лајкови?

Луѓе, работници, млади, студенти, деца… капитализмот мора да падне, ако не падне, ние ќе паднеме.

Текстот е преземен од фејсбук статусот на Џејлан Велиу.

|2021-08-05T06:47:43+00:005 август 2021|Актуелно, Вести, Став|