СКОПЈЕ, 28.06.2017 – Откако македонската влада на седница донесе одлука да дозволи „мирољубив влез на вооружени сили од САД за вежбовни активности на Криволак“, американска војска беше истоварана на територијата на Македонија, при што следеа реакции на социјалните мрежи
Oд 26 јули до 8 август на воениот полигон Криволак ќе се одржи заедничка воена вежба на АРМ и на Армијата на САД во Европа „Драгон рајд 17″ (Dragoon Ride 17).
Оваа вежба е договорена на средбите на началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Методија Величковски и командантот на Армијата на САД во Европа Фредерик Бен Хоџис. За оваа вежба, Владата на Република Македонија на седницата на 22 јуни дозволи влез на американска војска на македонска територија.
„Станува збор за прва ваква вежба во Македонија и можност нашата држава да покаже логистичка подготвеност за одржување и на други вакви регионални вежби во иднина, што се оценува дека е добар сигнал и во рамки на НАТО аспирациите на Македонија“, беше пренесено во соопштението од владата.
Откако пристигнаа американски војници, на социјалните мрежи се појавија реакции.
„А ете за мене не е никогаш добар знак кога на територијата на мојата држава се шетаат вооружени војници.
Јас лично мислам дека сме мали и безначајни и треба да се профилираме како неутрална држава“, напиша на својот фејсбук профил професорката Мирјана Најчевска
На 26 јули на територијата на Македонија ќе влезат околу 100 возила на Армијата на САД (транспортот и транзитот ќе се изведе со 5 конвои од по 20 инжинериски возила со опрема и персонал).
АРМ соопштува дека од 7 до 21 јули припадници на АРМ ќе учествуваат и на меѓународната вежба „Сајбер гардијан“ што ќе се одржи на територијата на Романија и Бугарија. На вежбата ќе учествуваат припадници на АРМ од составот на баталјонот на воена полиција и полкот за специјални операции.
Вежбата „Сајбер гардијан“ е во организација на Армијата на САД во Европа и на неа ќе учествуваат повеќе од 25.000 припадници од 23 армии на НАТО земјите членки и партнерските армии.