Додека спиеме: опасностите и можностите на иднината

Променетото значење на утопијата

Живееме во историски момент. Во не така далечна иднина сето она што го знаеме како нормално повеќе нема да може да се зема здраво за готово. А сепак, многумина го игнорираат тоа и продолжуваат да си го живеат својот монотон прифатлив живот.

Зошто е така? Тоа има многу врска токму со овој начин на живот. Прифатливиот живот воопшто не е сјаен, тој не е ниту добар. Но, тој е прифатливо лош, се тера, се врзува крај со крај, претставува нешто што може да се прифати како основен минимум, како помало зло, како живот што се добива кога се бега од борбата за сопствените права и достоинство.1 И, типично за заглибеноста во малограѓанскиот конзерватизам, сегашноста се сфаќа како неменлива константа, а иднината како копија на сегашноста. Замислувањето поинаква иднина, стремежот за изградба подобар свет – тоа за малограѓанинот заглавен во својот прифатлив живот не може да биде доволно далечно и туѓо. А сето тоа во време кога, како што нагласи англискиот новинар и природонаучник Дејвид Атенборо, „не можеме да бидеме доволно радикални.“2

Одбивајќи да се гледа подалеку од носот, живеејќи во новото средновековие во кое научните сознанија се третираат како мислење што може да се прифати или не, не се сфаќа и дека дојде до промена на суштината на утопијата. Утопијата денес не е да се замислува поинаква иднина и да се работи на создавањето радикално поинаква и подобра стварност од денешната. Утопијата денес е да се проектира иднината врз основа на денешното статус кво. Утопијата денес е да се мисли дека параметрите на нашиот општествен и еколошки живот можат да останат исти до недоглед. Утопијата денес е да се претпоставува дека сопствената немарност и неактивност во сегашноста не значи соучество во драстичното влошување на животот на сопствените деца и внуци, не само на другите идни генерации. Денес едноставно се променети параметрите на утопијата. Досега реалистичноста се поврзуваше со прифаќањето на стварноста како релативно неменлива, а утопизмот со стремежот за радикална трансформација на постојното. Сега реалистичноста значи прифаќање на потребата од радикална трансформација, а утопизмот значи мислење дека продолжувањето по старо нема да креира иднина која ќе биде до незамисливост полоша од сегашноста и дека, како на филмовите, нешто магично ќе се случи што ќе нѐ спаси во последен момент. Каква ќе биде иднината – од нас зависи. А ние сме последната генерација што може да ја спречи непоправливата штета на нашата планета и на сите суштества што живеат на неа.3 Затоа сегашниот момент е историски момент, момент кога се пишува историјата и се креира иднината.

Варварство или екосоцијализам?

Додека монотоно си ги тераме животите и додека нашиот политички интерес се сведува на тоа да бидеме публика која не трга очи од третокласните претстави во театарот на македонската политика, иднината веќе се создава. Се акумулира бурата што ќе ги покоси прифатливите животи на огромното мнозинство. Тоа што бурата се игнорира, како што малограѓанскиот ум го игнорира секој непријатен факт, воопшто не значи дека се намалуваат шансите дека бурата ќе се случи. Напротив, игнорирањето само гарантира дека бурата ќе биде пожестока.

Капитализмот ја имаше шансата да ги адресира климатските промени на начин кој нема да ја предизвика неговата доминација. Но, поминаа триесет години, поточно кажано, во ветер беа фрлени триесет години во кои решенијата се бараа во рамките на статус квото, преку подобрување на енергетската ефикасност, изнаоѓање прифитабилна основа за бизнисите да инвестираат во зелени технологии, апели до капиталот да покаже поголема одговорност кон животната средина. А и во посветени напори на капиталот да се минираат сите суштински обиди сериозно да се адресира климатската криза. Сега, оваа криза веќе е толку продлабочена, толку ургентна што, како што нагласи Наоми Клајн, повеќе нема нерадикални опции.4

Сега иднината изгледа црна. Незамисливо црна. Но, таа сѐ уште може да се промени. Сѐ уште не сме ги достигнале критичните точки, после кои моќни природни сили ќе излезат вон нашата контрола. Но, забрзано се приближуваме до нив. Имаме само уште десетина години да интервенираме и да ја спречиме катастрофата. Сето ова е спротивно на она што сакаат да го слушнат луѓето кои се задоволуваат со својот прифатлив живот. Нив ги води инерцијата, тие ја преферираат монотонијата на малограѓанскиот консумеристички живот пред борбата за подобро утре – но нивната пасивност не им гарантира дека утрешницата ќе биде иста како денешницата, туку дека таа ќе биде многу полоша од денес. За да ги избегнеме ужасите на иднината кон која се движиме, мора под итно да раскрстиме со инертноста, затнувањето на ушите и надежта дека во последниот момент суперхеројот ќе нѐ спаси како на филмовите. Мора да се погледне храбро во иднината и реалистички да се проценат опасностите и можностите што таа ќе ги донесе.5

Денес изборот кој сѐ уште го имаме е: варварство или социјализам. И тоа во многу позаострена форма од онаа што ја имаа предвид Карл Кауцки и Роза Луксембург кога зборуваа за овој избор пред еден век.6 Денес, и варварството кое ни се заканува оди до нови, незамисливи понори и социјализмот што се отвора како можност мора да биде потемелен од сѐ она што досега беше спроведувано под името на социјализмот и комунизмот за да се надмине климатската криза.

Варварството што со себе ќе го донесат климатските промени ќе биде состојба на бројни страдања на огромен број луѓе. Климатските промени ќе донесат сѐ почести и сѐ поизразени пожари, суши, поплави, урагани, голтање на земја од морето, болести. Голем број луѓе ќе станат нивни директни жртви, а уште поголем број индиректно ќе настрадаат. Тие индиректни жртви ќе ги изгубат своите живеалишта, а ќе се соочат и со сиромаштија, со глад и жед, во оној степен во кој храната и питката вода ќе стануваат помалку достапни. Денешните општества на изобилството, кои го овозможуваат прифатливиот живот на мнозинството и класниот мир и во кои сиромаштијата единствено се должи на неправедната распределба на богатството, ќе бидат повторно заменети со општествата на оскудица, во кои основните животни намирници ќе станат поретки, а сиромаштијата ќе стане доста раширена, не само поради неправедната распределба, туку поради немаштијата, бидејќи ќе нема доволно основни средства за живот. Владејачката класа, соочена со растечкото класно незадоволство и напливот на климатски бегалци, кои ќе бегаат со милиони од подрачјата што станале ненаселиви, ќе посегне по силата за да го осигура сопствениот примат и начин на живот. Во дистопијата што ќе се материјализира, петрифицираната демократија на денешницата ќе стане опасен луксуз и ќе биде заменета со отворен фашизам или ќе биде дефакто фашизам во демократска лушпа. На економски план ќе владее ултракапитализам, при што комодифицирани ќе биде многу повеќе работи од денес, а класните разлики ќе бидат многу поизразени од денес и ќе ја прават разликата меѓу животот значително полош од денес, за едните, и животот во кој нема ништо друго освен страдање и борба за преживување, за другите.

Другата опција, опцијата на зелениот социјализам, е дијаметрално спротивна не само на ова варварство, туку и на утопијата за иднината како копија на сегашноста. Но, таа опција е можна само ако се изврши интервенција, односно ако не се дозволи работите да течат по нивниот сегашен тек. Потребна е силна народна мобилизација и тоа не само во неколку земји, туку ширум светот. Ништо помалку од тоа нема да биде доволно. Нема да биде доволно ниту простото отстранување на капиталистите и продолжувањето по старо, во некоја државно-капиталистичка варијанта со повисок степен на социјална правда и еколошка неодговорност, на сличен начин како досегашните социјалистички системи. Алтернативата на зелениот социјализам не претставува некакво разводнување на социјалистичката идеја, туку нејзино продлабочување, остварување на нејзиниот полн потенцијал. Принципот на експлоатација на капитализмот ќе мора да биде заменет од принципот на грижа на социјализмот како во однос на природата, така и во општеството. Економскиот раст не само што ќе престане да биде стремеж во економската сфера, туку ќе дојде до одраст, скратување на работното време, неконсумеристичка благосостојба, развој во човечка смисла. Ќе се произведува не за да се оствари профит, туку за да се задоволат вистинските, неманипулирани човечки потреби. Нема да се произведуваат лесно расипливи стоки, туку трајни добра. Ќе се живее во хармонија со природата, а не третирајќи ја неа како извор на ресурси и ѓубриште. Економската и политичката моќ ќе биде демонополизирана, а луѓето нема да бегаат од сопствената одговорност за општите работи. Расизмот, национализмот, сексизмот, специзмот, милитаризмот, империјализмот – сето тоа ќе заврши на ѓубриштето на историјата како рецидив од капитализмот.

Ако ова некому му звучи утопистички, нека има предвид дека поголем утопизам од очекувањето иднината да биде онаква каква што е денешницата – нема.

Забелешки

1 Здравко Савески, „Мртвилото на прифатливиот живот“, „Гласник“, 1.8.2020, https://glasnik.mk/mrtviloto-na-prifatliviot-zivot/

2 “David Attenborough on climate change: ‘We cannot be radical enough’”, New Scientist, 9.7.2019, https://www.newscientist.com/article/2209126-david-attenborough-on-climate-change-we-cannot-be-radical-enough/

3 Opening remarks by María Fernanda Espinosa, President of the General Assembly, at the High-Level Meeting on Climate and Sustainable Development for All, “Climate Change: We’re the last generation which can ‘prevent irreparable damage to planet’”, United Nations, 28.3.2019, https://www.youtube.com/watch?v=AOa9-Y91iNQ

4 Oliver Tickell, “Naomi Klein: A crisis this big changes everything”, Ecologist, 21.01.2015, https://theecologist.org/2015/jan/21/naomi-klein-crisis-big-changes-everything

5 За важноста на анализата на сценаријата како алатка за концептуализирање на иднината и насочување на нашето делување, видете Paul Raskin et al., Great Transition: The Promise and Lure of the Times Ahead, Stockholm Environment Institute – Boston, Tellus Institute, 2002, pp. 13-14, https://greattransition.org/documents/Great_Transition.pdf Авторите на оваа студија разгледуваат три групи на сценарија: конвенционални светови, варваризација и големи транзиции (pp. 14-27).

6 Ian Angus, “The origin of Rosa Luxemburg’s slogan ‘socialism or barbarism’”, Climate and Capitalism, https://climateandcapitalism.com/2014/10/22/origin-rosa-luxemburgs-slogan-socialism-barbarism/

Здравко Савески

Извадок од „Кон зелената економија на иднината“, објавен во „Друг свет: огледи за системска транформација на иднината“.

|2021-05-05T09:37:33+00:004 мај 2021|Актуелно, Екологија, Став|