Синоќа после полноќ, со одлука на претседателот на државата, Турција официјално се повлече од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција.
Истанбулската конвенција беше потпишана на 11.05.2011 година, прва земја која ја потпиша Конвенцијата беше Турција. А во 2019 година беше одобрена и признаена од 34 земји и Европската унија.
Во Конвенцијата се вели дека, оваа Конвенција е прва од овој тип, која произлегува како резултат на тортурата врз жените дури и од меѓународното право, третирањето на мажите и жените нерамноправно и дискриминацијата против жените.
Имајќи го предвид бројот на жени убиени во Турција, зачудувачки е фактот што Турција се повлекува од Истанбулската конвенција. Официјална причина за повлекување е тоа што сметаат дека Истанбулската конвенција задира во институцијата семејство и ги промовира ЛГБТИ врските и ЛГБТИ браковите.
Како во повеќето земји, така и во Турција, жртвите на семејно насилство најчесто се жени. Жените се убиваат поради разно-разни причини, но најзастапени причини се љубомората, индициите за неверство на партнерот и „неморалното“ живеење. Како убијци најчесто се јавуваат партнерот (брачен или вонбрачен) и роднините (татко, брат, братучед).
Разгледувајќи ги мотивите за убиство и извршителите на убиствата, станува јасно дека во скоро сите случаи жената е убиена поради нејзиното перцепирање само како сексуален објект и сопственост на мажите, било тоа да е партнерот или таткото.
Според еден статистички податок во 2020 година во Турција биле убиени 300 жени, а пак 171 жена се водат како мртви под сомнителни околности.
Во турската јавност подолго време се водеше расправа околу спроведувањето на Истанбулската конвенција. Властите беа обвинети дека не ја спроведуваат Конвенција и дека поради тоа бројт на убиени жени постојано е во пораст.
Потоа се отвори дебата околу повлекувањето на Турција од Истанбулската конвенција. И денес на 20.03.2021 службениот веснник на Турција извести дека Турција се повлекува од Истанбулската конвенција.
Оваа одлука одекна во јавноста и наиде на револт и гнев, особено кај женската популација и организациите за заштита на правата на жените. Нивниот револт не остана само на социјалните мрежи, туку во ова кратко време се организираа и денес во периодот од 15 до 17 часот ќе протестираат во повеќе градови во Турција под паролата „повлечи ја одлуката, спроведувај ја Конвенцијата“.
За тоа како ќе се однесува полицијата кон нив, останува да видиме…
Џејлан Велиу