(Здравко Савески) Грабеж маскиран како екологија

Автор на фотографијата е Андреј Марјановиќ, преземена од Fakulteti.mk

Државата од граѓаните и фирмите наплаќа даноци за животната средина. Сумата на тие даноци воопшто не е мала. Во 2018 година таа изнесуваше 207,5 милиони евра. Од друга страна, во истата година, завршната сметка на буџетот на државата кажува дека за заштита на животната средина биле потрошени драстично помалку пари: 13,4 милиони евра или само 6,5% од средствата што државата ги прибрала како даноци за животната средина.

Дали ова може да биде непроблематично? Ако државата наплаќа даноци за животна средина, за што треба да ги троши тие пари? За заштита на животната средина или сосема е легитимно да ги троши тие пари по сопствено наоѓање? На пример, за партиски вработувања, за купување на автомобили за функционерите, за нивните ручеци и вечери со изобилна месна понуда, за нивната таканаречена апанажа кога по крајот на мандатот без работа ја земаат истата плата? Дали поентата на даноците за животна средина е само да им се наплати арач на граѓаните заради соучеството во загадувањето, едноставно да бидат казнети заради тоа, а потоа што ќе се прави со тие пари – е сосема ирелевантно не само од еколошки аспект, туку и од аспект на одговорното трошење на јавните пари? Дали неискористувањето на еколошките даноци за еколошки намени не се сведува на изговор за наплата на дополнителни даноци со двојна корист за државата: ем прилив на дополнителни буџетски средства ем привид на грижа за животната средина? Дали оттука не е рамно на грабеж кога се наплаќаат еколошки даноци и потоа тие пари не се користат за еколошки намени?

„Најлогичната“ пресметка

Да видиме како дојдовме до погоре наведените бројки. Заводот за статистика објавува податоци како за даноците во животната средина, така и за трошоците за заштита на животната средина. Постојат четири категории на даноци за животната средина: даноци за енергенти, за транспорт, за загадување и за користење на природните ресурси. Даноците за користење на природните ресурси со години се 0%, а најмногу средства се прибираат од даноците на енергенти (66,5% во 2018 година). Што се однесува до трошоците за заштита на животната средина, Заводот за статистика, согласно меѓународната методологија, во вкупните трошоци за заштита на животната средина вклучува две категории: тековни трошоци за заштита на животната средина и инвестиции во животната средина. Обично, инвестициите имаат поголем удел во вкупните трошоци и во 2019 година тие беа 58,1% од вкупните трошоци.

Здраворазумски, кога се достапни вакви сетови на податоци, она што се чини најправилно да се направи е да се споредат даноците и трошоците за животната средина и да се види дали има некоја дискрепанца.

Од оваа споредба гледаме дека постои дискрепанца помеѓу тоа колку пари се прибираат преку даноци за животна средина и тоа колку се троши за заштита на животната средина. Во последните години, таа дискрепанца била најголема во 2015 година (94,2 милиони евра), а во 2018, последната година за која може да се направи споредба, дискрепанцата изнесува 24,8 милиони евра. Оваа сума од 24,8 милиони евра воопшто не смее да се минимизира, бидејќи таа претставува речиси двојно поголема од сумата што се одвои од буџетот на државата за таа година за заштита на животната средина.[1] Но, да се потсетиме, погоре зборувавме за разлика помеѓу приходите и расходите за животна средина која е многукратно поголема (194,1 милиони евра), а овде гледаме, од споредбата на податоците на Заводот за статистика за даноците и трошоците за заштита на животната средина, дека таа дискрепанца се стопи на „само“ 24,8 милиони евра. Каде е грешката во математиката?

Методолошките објаснувања и прашалниците на Заводот за статистика се ретко читана литература. Даноците претставуваат парични средства кои физичките и правните лица ѝ ги плаќаат на државата. Оттука, она што нас нѐ интересира е што се случува со тие пари, како тие пари се трошат. Соопштенијата на Заводот за статистика за трошоците и инвестициите за заштита на животната средина не ни го кажуваат тоа. Тие содржат податоци од сите деловни субјекти (без разлика дали се во приватна и државна сопственост), како и од институциите од јавниот сектор, при што тие податоци се прибираат со метод на испраќање прашалници по пошта до деловните субјекти. Оттука, додека нас нѐ интересира што прават институциите (државата и општините) со парите што ги прибрале како еколошки даноци, податоците на Заводот за статистика за трошоците за заштита на животната средина ни кажуваат колку потрошиле не само институциите, туку и сите деловни субјекти (доминантно во приватна сопственост) за оваа намена. Следствено, споредбата на податоците на Заводот за статистика за даноците за животна средина и за трошоците за заштита на животната средина претставува споредба на бабите со жабите. Корисно е да се има предвид дека трошоците што отпаѓаат на индустријата и т.н. специјализирани производители[2] (доминантно во приватна сопственост) изнесуваа 80,1% од вкупните трошоци во 2018 година, а на останатите сектори (од кои само дел се институции од јавниот сектор) – 19,9% од тие 182,6 милиони евра кои се потрошиле за заштита на животната средина во 2018 година.

Поточната пресметка

Значи, повторно сме на почетокот. За да утврдиме колку пари државата и општините потрошиле за заштита на животната средина од парите што ги прибрале преку еколошките даноци и останатите приходи, потребно е да погледнеме на други места. Каде? Во буџетите и завршните сметки на буџетите на државата и на општините.

Овде ќе ги анализираме само расходите на државата. Тоа ќе го направиме преку завршните сметки, зашто тие, за разлика од буџетите, покажуваат не колку парични средства се планира да се потрошат, туку колку средства се проценило дека се потрошиле. Во овој контекст важно е да се напомне дека ниту буџетите ниту завршните сметки не наведуваат колку од даночните приходи се даноци за животна средина, но методолошките објаснувања на Заводот за статистика посочуваат дека нивни извори на податоци околу даноците за животна средина се Министерството за финансии, Јавното претпријатие за државни патишта и статистичките истражувања на Заводот за статистика. Уште една важна напомена е дека треба да се гледа ставката „Заштита на животна средина“ кај буџетските расходи по функции на буџетот, а не буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање. Расходите на Министерството за животна средина и просторно планирање и на Државниот инспекторат за животна средина се помали од вкупната ставка „Заштита на животната средина“, зашто оваа втората ги вклучува и расходите за заштита на животната средина на останатите институции. Така, во 2018 година, последната година за која ги имаме сите податоци за да правиме споредба, Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина заедно потрошиле 506 милиони денари,[3] додека средствата за заштита на животната средина што вкупно биле потрошени од државата изнесуваат 827 милиони денари.

Еве ја таа споредба што ни е потребна помеѓу вкупните парични средства што се наплаќаат како даноци за животна средина и средствата што од буџетот на државата се одвоиле за заштита на животната средина во петте години од 2014 до 2018 година:[4]

За сите овие години важи истиот заклучок: многу пари се прибираат за екологија, ама малку се трошат. Како што може да се види од податоците за даноците за животна средина, тие бележат постојан пораст. Во 2018 година приливот од даноци за животна средина пораснал за 41% во споредба со 2014 година. Но, порастот на даноците за животна средина не беше пропратен со пораст на средствата што државата ги одвои за заштита на животната средина. Не само што нема пораст на средствата што се издвојуваат за заштита на животната средина во сооднос кој би бил приближен на порастот на даноците за животна средина, туку воопшто нема ниту пораст кај овие средства! Во 2018 година биле издвоени помалку средства за заштита на животната средина одошто во 2014 година!

Ваквите спротивни трендови кај приходите и расходите за животната средина резултираа и со пад на процентот на покриеност на приходите со расходи. Во 2018 година за заштита на животната средина се издвоија не 90% од парите што се наплатија како еколошки даноци. Не се издвоија ниту половината од тие пари. Само исклучително ниски 6,5% од парите наплатени за животната средина отидоа за заштита на животната средина!

Се разбира, како што нагласивме погоре, треба да се има предвид дека ова е само поточната пресметка на парите за животната средина. Тука не се вклучени средствата што општините ги потрошиле за заштита на животната средина. Но, дури и вклучувањето на овие средства нема драстично да го промени заклучокот. Дури и да претпоставиме дека општините потрошиле исто онолку колку и државата, тоа дава скромни 13% на покриеност на приходите со расходи. Дури и при оваа претпоставка, седумкратно повеќе пари се наплатуваат од луѓето за животната средина од она што тие го добиваат за возврат на тие пари за да се заштити животната средина во која живеат! И после, немало пари за решавање на проблемот со загадувањето, на пример? Па морало да се одвојуваат само симболични суми за инвертори и велосипеди? Пари има, проблемот е што тие не се трошат наменски!

Во контекст на тоа што Македонија е потписничка на Парискиот договор за климатските промени, во контекст на тоа што случајот со умирањето на Преспанското Езеро најјасно покажува дека веќе почнавме да ги трпиме последиците од климатските промени, во контекст на тоа дека секојдневно се соочуваме со горливи еколошки проблеми, најмалку што треба да се очекува е износот на средства за заштита на животната средина да биде онолку колку и износот на средства од даноци за животна средина. А треба да бидат и повеќе од тоа. Нам не ни треба грабеж под изговор дека ни ги земаат парите за заштита на животната средина. Нам ни треба сериозно адресирање на климатската криза! Треба да се формира Зелен фонд, каде ќе се слеваат сите средства од даноците за животна средина и дополнителните средства одвоени за справување со климатската криза! И тие средства паметно и наменски да се употребат, а не, на пример, преку вклучувањето во пресметката на собирањето на комуналниот отпад, неселектиран, тоа да ни се продава како издвојување на средства за заштита на животната средина.

Забелешки

[1] Завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2018 година, Буџетски расходи по функции на Буџетот на Република Северна Македонија: Заштита на животна средина, 16 стр. Оваа сума изнесува 826.590.087 денари или 13,4 милиони евра.

[2] Според објаснувањето од Заводот за статистика, во индустрија влегуваат секторите: Б (Рударство и вадење на камен), В (Преработувачка индустрија) и Г (Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација), а во специјализирани производители секторот Д (Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината). Видете Државен завод за статистика, Трошоци за заштита на животната средина, 2018 година, T-02: Трошоци за заштита на животната средина според намената, по сектори на економска активност, 2018, 3 стр.

[3] Завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2018 година, Биланс на расходи на Централен буџет по буџетски корисници: Министерство за животна средина и просторно планирање; Државен инспекторат за животна средина, 12 стр.

[4] Завршните сметки на буџетот на државата се достапни на овој линк на Министерството за финансии.

|2021-02-05T12:51:19+00:005 февруари 2021|Актуелно, Вести, Став|