До 2030 година, вашите емисии на СО2 ќе бидат значително намалени. Месото на вашата трпеза ќе биде ретка глетка. Водата и воздухот што го дишете ќе бидат почисти и природата ќе закрепне. Парите ќе ги трошите за да бидете со семејството и пријателите, а не за купување стоки. Зачувувањето на климата вклучува огромни промени, но истовремено може да нè направи многу посреќни.
Во моментов, ние ја губиме борбата против климатските промени. Но како би изгледала победата? Каков би бил животот во еден зелен свет?
Еве една верзија на „ЦО-топијата“:
Излегувате од влезната врата наутро во еден зелен град, пријатен за живеење, каде што бетонот се намали и се шират зелени фасади и паркови. Ако изберете да повикате автомобил, алгоритмот ќе ја пресмета најпаметната рута за возилото и ќе собере неколку други луѓе по патот.
Откако градскиот совет ги забрани приватните автомобили во градот, постојат многу нови услуги за мобилност. За вас е поевтино да не поседувате сопствен автомобил, што, пак, го намалува метежот, така што ќе стигнете на вашата дестинација побрзо и не мора да трошите време барајќи место за паркирање. Исто така можете да изберете да патувате со велосипед, скутер или јавен превоз.
Воздухот што го дишете во градот е почист, затоа што има многу помалку автомобили по улиците, а преостанатите се електрични. Всушност, целата електрична енергија е зелена. Има помалку бучава и многу повеќе простор за паркови и пешачки улици, откако целиот простор за паркирање стана достапен за тоа. За ручек можете да изберете помеѓу десетина вкусни оброци – повеќето од нив се растителни, така што ќе јадете поздраво и ќе се однесувате поеколошки отколку кога ручекот значеше избор помеѓу пет вида хамбургери.
Пластиките за еднократна употреба се далечно сеќавање. Сѐ уште земате кафе за носење, но тоа доаѓа во чаша за повеќекратна употреба што ќе ја вратите при следното кафе за да си го земете депозитот. Истиот систем се применува на пластичните шишиња и на други амбалажи за носење. Дома, сите ваши апарати за домаќинство се претворени во договорни услуги. Ако вашата машина за миење садови е пред расипување, тоа веќе не е ваш проблем. Давателот на услугата веќе знае за проблемот и испрати некој да го поправи. Кога машината повеќе не функционира, давателот на услугата ја зема старата машина и инсталира нова.
Луѓето испробуваат нови видови на аранжмани на живеење со повеќе споделени функции и простори. Ова значи дека повеќе луѓе можат да си дозволат да живеат во градовите. Повеќе куќи се изградени од дрво, што ги прави поубави за живеење и многу подобри за климата од бетонските згради.
Кога купувате нешто, купувате нешто што трае; го купувате затоа што навистина ви е потребно и сакате да се грижите за него. Но, бидејќи купувате многу помалку работи, всушност можете да си дозволите производи со подобар квалитет и дизајн. „Одбиј, повторно употреби, намали, рециклирај“ е новиот начин на гледање на производите. Ако нешто не ти треба, го одбивате; ако го купите, ќе го користите одново и одново; и на крајот, го рециклирате. Целото пакување е направено од три вида пластика или други нови материјали, па сега рециклирањето е полесно.
Земјоделството драматично се промени, бидејќи новите растителни алтернативи на месото и млечните производи им го отежнија конкурирањето на традиционалните производи од животинско потекло. Голем дел од земјиштето што порано се користеше за производство на добиточна храна сега стана достапно. Бидејќи луѓето во градовите почнаа да го ценат одењето во природа, туризмот, ловот и риболовот сега нудат нови видови приход за луѓето што живеат во руралните области. Шумите и природата повторно се шират ширум целиот свет. Луѓето повеќе патуваат во нивниот регион и со воз, така што воздушниот сообраќај започна да се намалува. Повеќето авиокомпании се префрлија на електро-горива, биогорива или електрична енергија.
Најдобро од сè, бидејќи граѓаните престанаа да купуваат толку многу работи, имаат повеќе пари да трошат за други работи. Овој нов расположлив приход се троши на услуги: чистење, градинарство, помош при перење алишта, здрави и лесни јадења за готвење, забава, нови искуства и прекрасни нови ресторани. Сите овие работи ѝ даваат на просечната модерна личност повеќе опции и повеќе слободно време да поминува со своите пријатели и семејства, рекреирајќи се, учејќи нови вештини, спортувајќи или правејќи уметност – само изберете нешто и имате повеќе време да го направите.
Ако размислиме каква може да биде иднината, поведувањето борба против климатските промени може да не изгледа така лошо.
Извор: Светски економски форум, 2019