Граѓаните на Валандово се изборија за референдум против „Казандол“

Граѓаните на Валандово, успеаја во нивните обиди да соберат потписи и со тоа да ја отворат можноста за референдумско изјаснување на граѓаните за рудникот „Казандол“.

Денес на официјалната фејсбук страна, активистите од „Спас за Валандово СОС“ објавија дека, Советот на општина Валандово реши референдумот да се одржи. Претходно градоначалникот на општина Валандово не се согласи со ова барање меѓутоа, мнозинството советници заседаваа денес и решија во полза на иницијативата за референдум.

Од „Спас за Валандово СОС“, се задоволни со оваа одлука, а исто така им се заблагодаруваат на сите, вклучително и на советниците на општината што ја потврдија одлуката за референдум.

„Како прва граѓанска иницијатива која стигнала до референдум на овој начин, сакаме да се заблагодариме на сите оние кои одлучно застанале на вистинската страна на историјата! Заедно докажуваме дека, како обединето и одлучно граѓанство можеме многу!“ истакнаа тие на нивната фејсбук страна.

Роберт Марков, еден од активистите на иницијативата „Спас за Валандово СОС“ нагласува дека, ова претставува една своевидна победа на граѓаните на Валандово, но, оти допрва следува моментот на одлука, затоа што, можноста за тоа сега е во рацете на граѓаните. „Од граѓаните зависи сега во каква општина ќе живеат“, истакнува Марков.

Во Македонија се зголемува бројот на иницијативи кои се противат на рудниците на злато и бакар кои се од типот на отворен коп. Неодамна, во Гевгелија, на референдум против рудниците на Кожуф, 98% од излезените гласачи гласаа против тие рудници.

|2017-07-10T18:35:19+00:0010 јули 2017|Актуелно, Вести, Економија|