Фармацевтската индустрија по многу децении сѐ уште останува на врвот или близу до врвот на листата за профитабилност. Мит е дека профитот на оваа индустрија доаѓа преку создавање и продажба на многу терапевтски напредоци коишто индустријата ги генерирала, а реалноста е далеку поразлична. За почеток, по намалувањето на данокот, само 1,3 % од парите што оваа индустрија ги троши одат за базични истражувања, односно оние истражувања кои водат до пронаоѓање нови лекови. Второ, најголем дел од новите лекови од фармацевтските корпорации, нудат многу малку или не нудат воопшто ефикасност како нови терапевтски опции. Во декадата од 2005 до 2014 година, од 1032 нови лекови и нови начини на употреба на старите лекови кои биле воведени во францускиот пазар, на пример само 66 понудиле значаен напредок, додека повеќе од половина биле оценети како “ништо ново” и 177 биле оценети како “неприфатливи” бидејќи со себе сносувале сериозни прашања за безбедноста и немале никаков бенефит.
Оваа индустрија ги оправдува високите профити со тврдењето дека развојот на нов лек е инхерентно ризичен. Индустријата го одржува ставот дека само една на секои 10.000 молекули всушност резултира со нов лек. Иако можеби ова е точно, сепак најголем дел од молекулите се покажуваат како неефективни во раните стадиуми на развојот на лекот, кога трошоците се минимални. Бројката од 2,6 милијарди американски долари, која сега е цитирана како трошок, потребен за да се донесе нов лек на пазарот, доаѓа од податоци кои се конфиденцијални и калкулации базирани на сет претпоставки коишто се широко оспорени. Доколку развојот на лековите претставува толку ризичен предлог, тогаш би се очекувало од време на време, богатствата на корпорациите да варираат. Но спротивно на ова, од 1980 година сите големи корпорации се во добра финансиска состојба. Како што потенцираат докторот Стенли Финкелштајн и економистот Петер Темин, двајцата од Институтот за технологија во Масачусетс: “Без разлика колку пати индустриските аналитичари предупредуваат дека истекувањето на фармацевтските патенти ќе направи една компанија да исчезне, тоа се нема случено”.
Покрај континуираноста на импресивниот степен на профит, оваа индустрија подлежи на криза поради трио од причини: истекот на патентите се очекуваше да води кон губење приход во опсег од 75 милијарди американски долари во периодот од 2010 до 2015 година, лошата достава на нови лекови и притисокот врз цените во многу држави, вклучувајќи ги од скоро време и САД. Оваа криза рефлектира со појавата на финанцијализацијата и промената на важноста на економската активност од производство во финансии, како клучно својство на модерниот капитализам. Педро Куатрекасас од одделот за фармакологија и медицина при Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, тврди : ”Акционерите, инвестициските банкари и аналитичарите кои знаат многу малку за процесот на откривање нов лек, вршат интензивни притисоци на извршните директори и нивните одбори за брз повраток”.
За да ја одржи својата атрактивност кај финансиската заедница, фармацевтската индустрија развила неколку стратегии. Со пресушувањето на “Blockbuster” моделот, корпорациите прават замена на истиот со “Nichebuster” моделот. Со сѐ помалку потенцијални продукти од одделот за истражување и развој, поважно е да се осигура дека лековите кои се во процес на развој, ќе поминат недопрени низ регулаторниот процес. Со цел да се направи ова, индустријата ги има продлабочено своите врски со регулаторните агенции за да се заобиколи или корумпира процесот на регулација, често во соработка со властите. Клучно за преживувањето на индустријата е нејзината способност да го продолжи оној период за време на кој има монопол врз продажбата на продукти, а тоа во превод значи зајакнување на правата на интелектуална сопственост во земјите од развиениот свет, но исто така и во земјите во развој. Со демнење на заканата за контрола на цените, друг начин за зголемување на приходот е да се зголеми бројот на рецептите за веќе постоечките, како и за новите лекови. Пристапот кон оваа цел е да се контролира знаењето околу тоа како и кога се пропишуваат лековите. Остатокот од овој текст, се состои од експлорација на овие четири точки: развојот на “Nichebuster” лекови, корумпираност на регулаторниот процес, зајакнување на правата на интелектуална сопственост и контрола врз знаењето околу користа и штетата од фармацевтските продукти.
Превод: Симона Наумоска
Лектура: Е.М.
Ова е прв дел од статијата на Џоел Лексчин. Наредните ќе ги објавиме наскоро.
Оригиналната објава може да ја прочитате овде.