Комплексната врска помеѓу загадувањето на воздухот и климатската криза – Дел 1

Зимите во Северна Македонија станаа синоним за загадување на воздухот. Националните и меѓународните медиуми честопати прикажуваат апокалиптични слики од градски смог, улици зафатени со сообраќај и луѓе кои лебдат низ нив повремено носејќи маски за заштита од загадувањето во обид да ги минимизираат штетите по нивното здравје. Загадувањето на воздухот настанува кога загадувачите како хемикалии, гасови и честички се испуштаат во воздухот, најчесто од согорување на фосилни горива. Во 2018 година, Светската Здравствена Организација (СЗО) го рангираше Скопје како најзагаден главен град во Европа. Во просек, беше откриено дека загадувањето во Скопје е 4,5 пати над границата на честичките присутни во воздухот препорачана од СЗО. Во Тетово пак, оваа граница се надминува за 8,1 пати. Фактот дека Скопје е сместено во долина на планински венци само го влошува проблемот бидејќи топлиот, лесен воздух кој се подига се сретнува со планинскиот студен, потежок воздух кој се спушта надолу и таа средба создава услови за заробување на токсичниот воздух во градот.

Што е Загадување на Воздухот и од Каде Доаѓа?

Загадувањето на воздухот може да има различни форми. Некои од најпроблематичните и најчестите се таканаречените краткотрајни климатски загадувачи (short-lived climate-forcing pollutants – SLCPs) кои вклучуваат метан, црн јаглерод, копнен озон и сулфат аеросоли. Црниот јаглерод е познат како саѓи, а копнениот озон како смог. Смогот е таа магла што се формира над градот и е резултат на реакцијата на емисиите од овие загадувачи на сончевата светлина. Ова е најчесто резултат на азот испуштен од возила, канализација, земјоделство и отпад. Саѓа се однесува на честичките од хемикалии, почва, чад, прашина или алергени кои лесно се движат низ воздухот. Природата на овие форми на загадување значи дека тие имаат различни ефекти врз здравјето и благосостојбата на луѓето, како и врз климатската криза за што ќе разговараме понатаму во овие статии.

Во Скопје и остатокот од земјата, главните извори на загадување на воздухот се индустријата (особено од согорување на јаглен), греење на домаќинствата и возилата. Многу електрани и фабрики во Северна Македонија датираат од пред 1990тата година и горат кафеав јаглен, познат како лигнит. Лигнитот е ефтин, во изобилство, но исто така и многу загадува. Покрај тоа, планирањето на градовите во земјата и културата на патување од една до друга точка се центрираат околу користењето на автомобил, а градовите како Скопје, Струмица, Тетово честопати се зафатени со сообраќаен метеж. Покрај тоа, голем дел од возилата во земјата се стари и имаат (особено дизел) мотори кои се под стандардите на ЕУ. Во 2010 година, тогашната влада го олесни увозот на стари возила од ЕУ што крајно ја влоши состојбата со загадувањето на воздухот во земјата.

Врската Помеѓу Загадувањето на Воздухот и Климатската Криза

Загадувањето на воздухот е допирна тема на разговор за многубројни проблеми. Не можеме да зборуваме за аеро-загадување без да зборуваме за здравјето на луѓето, социјалните неправди, урбанистичко планирање и сл. Исто така, невозможно е да се разговара за истото без да се разбере неговата поврзаност со климатската криза. Загадувањето на воздухот придонесува кон влошување на климатската криза, но исто така, климатската криза ја влошува состојбата со аеро-загадувањето. Многу од загадувачите на воздухот се стакленички гасови кои ги предизвикуваат и климатксите промени. Трите најмоќни стакленички гасови кои се едни од најголемите виновници и за климатската криза и за аеро-загадувањето се јаглеродниот диоксид, метанот и црниот јаглерод (саѓи). Јаглеродниот диоксид и метанот ја зголемуваат температурата, а смогот создава високо ниво на ултравиолетово зрачење. Од друга страна пак, климатските промени го зголемуваат производството на алергени како полен и мувла и ги продолжуваат временските услови во кои се создаваат тие. Сончевата светлина го влошува смогот, додека пак смогот влијае на количината на сончева светлина што се апсорбира или се рефлектира во атмосферата. Последното има ужасни влијанија на климата. Негативните ефекти од загадувањето на воздухот се исто така екстремно долготрајни. Саѓите од дизел моторите и други честички може да патуваат на многу долги растојанија низ целиот свет. Научниците открија дека саѓи имаат достигнато дури и до поларните региони. Таму, тие се населуваат на мразот и снегот и со тоа ги затемнуваат истите. Темниот снег значи помалку сончева светлина која се рефлектира во атмосферата и заробува повеќе топлина за да ја продолжи повеќе да ја загрева планетата.

Врските помеѓу загадувањето на воздухот и климатската криза се комплексни и повеќестрани. Многу загадувачи се стакленички гасови или загадувачи кои можат да имаат и долгорочни но и краткорочни влијанија одговорни за ладење или загревање на планетата. Климатските промени пак, го влошуваат загадувањето на воздухот и последиците од истиот. Заклучокот кој следува е дека справувањето со загадувањето на воздухот не само што ќе ги направи нашите градови подобри места за живеење и нашиот воздух повторно соодветен за дишење, туку и значително ќе помогне да се справиме со климатската криза. Ова особено важи за Северна Македонија и за Западниот Балкан каде емисиите од застарена, високо загадувачка индустрија се алармантно високи. Една студија во 2016та година откри дека 16 електрани на територијата на Западен Балкан испуштиле исто загадување како сите постројки за јаглен на ЕУ заедно.

Во Дел 2 од Комплексната Врска Помеѓу Загадувањето на Воздухот и Климатската Криза статијата следната недела ќе продолжиме да го разгледуваме проблемот со загадувањето на воздухот и неговата поврзаност со климатската криза. Ќе се осврнеме на здравствените и социјалните последици од загадувањето на воздухот и на она што во моментов се прави за решавање на проблемот.

Извори:

https://www.nrdc.org/stories/air-pollution-everything-you-need-know

https://www.iass-potsdam.de/en/output/dossiers/air-pollution-and-climate-change

https://www.unenvironment.org/news-and-stories/story/air-pollution-and-climate-change-two-sides-same-coin

https://www.who.int/sustainable-development/AirPollution_Climate_Health_Factsheet.pdf

https://www.aljazeera.com/indepth/features/skopje-europe-polluted-capital-city-190312092012504.html

https://www.env-health.org/press-release-eu-action-on-western-balkans-chronic-coal-pollution-is-a-unique-opportunity-to-improve-health-and-productivity/

https://news.itu.int/how-skopje-north-macedonia-is-using-innovative-tech-to-clean-up-air-pollution/

https://www.businessinsider.com/ap-macedonia-takes-emergency-measures-against-air-pollution-2018-1?r=UK

https://www.eltis.org/in-brief/news/residents-spur-policy-makers-action-air-pollution-skopje

https://emerging-europe.com/news/air-pollution-a-growing-threat-for-north-macedonia/

https://www.mdpi.com/1660-4601/15/4/626

Во текот на следните неколку месеци, Климатски Набљудувач ќе објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за да го решаваме најголемиот проблем на денешнината.

Автори: Симона Гетова и Џеј Ди Фаруџиа

|2020-02-22T10:46:00+00:0021 февруари 2020|Актуелно, Вести, Екологија|