Деновиве просторно се уреди внатрешниот дел од холот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Центар или поточно влезното фоаје и тоа најверојатно како донација на компанија за кафе. Просторот се уреди така што се наместија масички и столчиња како членовите на библиотеката би можеле да седнат кога се во холот. Се поставија и автомати за кафе и junk food. Некако тој празен простор се исполни.
Но, пред неколку дена во холот се објави наредба од управата на библиотеката која изрично забранува јадење и пиење во холот. Оваа забрана е од повеќе причини сосема неоправдана, а редакцијата на Гласник ќе се обиде да објасни зошто.
Прво, во библиотеката нема простор кадешто оние кои ја користат читалницата би можеле да отпочинат од читање, да се запознаат и групно да работат или дискутираат.
Второ, прекумерните прописи, забрани и казни се всушност само лош метод на дисциплинирање на оние кои го користат преостанатото јавно добро. Лошите прописи не можат ниту да се почитуваат целосно, ниту да се спроведуваат, а најмалку да се санкционираат.
Трето, оваа одлука е донесена како спротивност на одлуката да се вработи нов работник кој би бил задолжен за хигиената и редот во библиотеката, а како корисниците – оние кои го негуваат најмногу словото би имале едно достоинствено ако не и пристојно искуство кога ќе ја користат библиотеката.
Повеќето библиотеки низ државата немаат соодветни материјални услови за обезбедување на минимум грижа за корисниците и членовите, но тоа не е оправдување за да се забрануваат активности кои на никаков начин не го уништуваат јавното добро, но напротив го подобруваат.
Сите кои се в библиотека знаат дека не се јаде во холот, но прашањето е каде да јадат.