Како би изгледало претседателството на Берни Сандерс?

 

*Со овој текст Гласник ја отвора рубриката Кампања. Рубриката ќе инкубира текстови во кои се следат и критички се преиспитуваат позначајните прогресивни политички кампањи во светот. Со рубриката сакаме да генерираме информации и толкувања за случувањата кои се најчесто заобиколени од доминантните корпорациски медиуми. Меѓудругото, целта на рубриката е да ги доближи универзалните принципи, методи и цели на прогресивното политичко движење во светот, а со тоа да придонесе кон прогресивните политички движења во општеството.

Имаме само десет години да ја трансформираме американската економија за да ја одбегнеме климатската катастрофа, а Берни Сандерс е единствениот кој има агенда и мобилизациска стратегија за да го изведе тоа. Ниту еден план за подобра иднина не вреди доколку климатската криза ја направи нашата иднина незамисливо мрачна.

Како што Наоми Клајн забележува, оваа планетарна вонредна состојба „влезе во свеста на мејнстримот“ во 80тите кога десницата и големите корпорации започнаа „идеолошка војна против самата идеја за колективна сфера“. За да се преземе потребната колективна акција за исфрлање на фосилните горива, наредниот претседател мора да воспостави надворешна политика на радикална соработка придружена со нова инклузивна внатрешна политика или ќе ги гледаме расистичките, националистичките и радикално-десните политики како ја шират својата разорувачка моќ.

Сандерс е единствениот претседателски кандидат кој изложи оригинален „Нов зелен договор“ односно план за радикална промена на економијата, со цел да им служи на обичните луѓе, а не само да го “зазеленее“ економскиот систем кој се заканува да го уништи човештвото какво што го знаеме. Неговиот „Нов зелен договор“ ќе ја демонтира индустријата за фосилни горива и ќе го стави системот за обновлива енергија под демократска контрола, работејќи со владите ширум светот за да се постигне она што го препорачува науката.

Предлогот на Сандерс оди понатаму од дробните либерални решенија со тоа што го таргетира неправедниот економски систем што ги засилува климатските промени и што промовира агенда која симултано ги засилува работниците и ја спасува планетата. Оваа агенда ќе им помогне на милион работници да се синдикализираат, ќе им отстапи дел од сопственоста од главните корпорации, ќе им обезбеди универзална здравствена заштита и бесплатно високо образование, ќе изгради милиони достапни домови и (наместо да ги напаѓа) ќе ги заштити имигрантите.

Иако делови од оваа агенда претседателот Сандерс може да ги испорача сам, голем дел ќе зависат од Конгресот. Имајќи го предвид републиканскиот екстремизам и веројатното одбивање од страна на Конгресот и Сентатот, контролирани од Демократите, како оваа агенда ќе помине? Прашањево поставува сериозен проблем за било која програма што се совпаѓа со нашиот предизвик. И е такво, што го прави Сандерс уникатно позициониран да го реши.

Сандерс сфаќа дека вака голема промена ќе бара масовно движење за притискање на Конгресот и секое ниво на власт, како и за промена на нивниот состав. Американците, атомизирани и изолирани од радикалниот капитализам ќе мораат да се вклучат во масовно колективно дејствување. Неговата политичка програма не се однесува само на политиката туку и на капацитетот на обичните луѓе да учествуваат во демократијата. Овој пресврт критички ги вклучува и неговите планови за олеснување на директната партиципација во одлучувањето, од (во) нашите работни места до управувањето на нашите енергетски системи, поместувајќи го балансот на моќта во нашето општество. Никој не тврди дека без масовно движење Сандерс сам по себе ќе успее. Кампањскиот слоган на Сандерс: „Не јас, туку ние!“ го открива токму тоа. Сандерс, како што тој вели: „ќе биде главен организатор (organizer-in-chief).“

Планот „Нов зелен договор“ што се базира на резолуцијата која ја објавија пратениците Александрија Окасио-Кортез и сенаторот Ед Меркеј, бара масивна организација за да се оствари. Од сите Демократски кандидати, единствено неговиот план го зема сериозно предвид масивното јавно трошење (точно 16.3 трилиони долари, далеку повеќе од она што сенаторката Елизабет Ворен го предлага) што е потребно да се постигне стопроцентна обновлива струја, транспорт до 2030 и целосна декарбонизација до 2050, како и пренасочување на јавните приоритети (пренасочување на 1.215 трилиони долари од  „военото трошење за штитење на глобалното снабдување со нафта“), создавање 20 милиони работни места и до сега невидени нивоа на координација во јавниот сектор и социјална мобилизација. Сандерс е единствениот кандидат што ја идентификува приватната сопственост на енергијата како основен проблем, истакнувајќи ја алчноста во нашиот профитен систем, од комуналните услуги во сопственост на инвеститори како Калифорнискиот Pacific Gas и Electric Co. до нафтените компании што собираат милијарди од федералните субвенции додека ја контаминираат планетата. Спасувањето на планетата е невозможно без заострување на класниот судир.

Критичарите на Сандерс кој велат дека тој никогаш нема да може да направи многу, едноставно не биле доволно внимателни. Тоа што го издвојува Сандерс е неговиот успех во поврзувањето на масовните мобилизации и драматичното преобликување на јавните дебати. На пример, пред да се кандидира во 2016, бесплатното здравство се сметаше за недоветен сон, а сега тоа е центар на вниманието. За разлика од Ворен, која со нејзиното превраќање успеа да предизвика критика од сите страни, Сандерс ветува дека ќе воведе легислатива за „Бесплатно здравство за сите“ уште во првата недела од функцијата. Дополнително, на мејнстримизацијата на „Бесплатно здравство за сите“ тој одговори со придвижување на политиките во уште порадикални правци.

Борбата на оваа генерација зависи, не само од произведувањето на добри политики, туку и на силното оживување на колективната политика. Со контрола врз Белата куќа, Сандерс и движењата собрани околу него можат да направат големи работи.

Уште од 70тите, американската политика беше зашеметена од неолиберално управување, што го упатува „слободниот пазар“ да го штити капиталот од демократска контрола и ги уништува синдикатите што некогаш ја балансираа корпоративната моќ. Многумина мислеа дека промената е невозможна, дури и тогаш кога цената на капитализмот се префрли врз обичните луѓе и ги искористи нивните социјални обврзници да го зачува расипаниот систем од распаѓање. Младите мораат да позајмуваат за образование жртвувајќи ја својата иднина и поседот на нивните родители, жените се заробуваат во насилни врски поради скапата грижа за деца, ниските плати и високите кирии.

Со политики како „Бесплатно здравство за сите“ добиваме бесплатно јавно високо образование, универзална грижа за деца, поништување на студентскиот и медицинскиот долг, Сандерс ги преобразува неолибералните атомизирачки точки на доминација во сет на барања за колективна слобода. Политикиве ќе помогнат да се разбие циклусот на приватизирани финанскиски товари и преку тоа ќе им овозможат на луѓето да се вклучат во порадикална борба.

Гаранцијата за домување и „Новиот зелен договор за јавно домување“ на Сандерс, кој го објавија заедно со Окасио-Кортез, ќе испорачаат директни економски бенефити, а истовремено ќе ја зајакнат работничката класа и ќе ги намалат јаглеродните емисии. Според Savills World Research недвижните имоти, кои во 2017 чинеле околу 228 трилиони долари и биле „повредна сопственост од сите други средства, акции и хартии од вредност заедно.“ Како такви, тие беа клучен двигател на нееднаквоста и задолженоста на домаќинствата. Шпекулациите со недвижнини исто така помогнаа да се предизвика глобалната финансиска криза во 2008 година.

Градење на 10 милиони, постојано достапни домови, инвестирање во модели на косопственост како јавни трустови, воведување на контрола на киријата на национално ниво и надградување и проширување на јавното домување со локална обновлива енергија ќе биде револуционерно во земја каде што повеќе од 500,000 луѓе се бездомници, десетици милиони плаќаат повеќе од третина или скоро половина од нивниот приход на кирија и каде сиромашните луѓе живеат под постојана закана од иселување. Достапното домување ќе направи луѓето помалку да зависат од своите примања. Сандерс ветува дека ќе ја нападне и станбената сегрегација и гентрификација што ги заробува сиромашните, маргинализирани заедници во второкласни училишта, несигурно домување и јавни услуги под секое ниво.

Нашиот економски систем е поткрепен со расна репресија која прави поделби меѓу обичните луѓе и ги жртвува “обоените“, странците и (од 9/11 сѐ повеќе) муслиманите. Програмите на Сандерс ги кршат овие граници и ги бранат имигрантските работнички права од злоупотреба. „Бесплатно здравство за сите“, „Колеџ за сите“ и неговите централни социјални програми се навистина универзални и достапни, независно од имигрантскиот статус.

„Имиграцискиот план на Берни е револуционерен“, вели прес-секретарката на Сандерс, Белен Сиса, бидејќи ги идентификува имигрантите без документи како “ние“, а не како “тие“. Сандерс ги обвинува екплоатирачките корпорации како непријатели на сите работници, од странство и тие родени во САД и ги отфрла нативистичките политики кои веќе долго се градат околу демонизацијата на имигрантите како закана за работните места и социјалните придобивки.

Законските приоритети на Сандерс вклучуваат зголемување на имигрантските визи за повторно обединување на семејствата и овозможување на државјанство за огромното мнозинство на недокументирани американци. Сандерс критички го отфрла моделот на имиграциона реформа од годините на Џ. Буш и Обама во кој политичарите од естаблишментот ги зголемија депортациите и ги милитаризираа границите во обид да соберат поддршка од конзервативните гласачи.

Всушност, Сандерс рече дека ќе употреби извршен акт да го преобрати овој тренд, без да бара одобрување од Конгресот, со ставање мораториум на депортациите, со нудење постојана заштита на многу недокументирани имигранти и со зголемување на капацитетите за бегалци– и со тоа да ја затвори бипартиската војна околу „илегалните имигранти“ што го прави популарен нативизмот. Дополнително, неговата легислативна агенда вклучува и нова храбра програма за климатски бегалци.

Имиграциските политики на Сaндерс ја рефлектираат најшироката дефиниција за американци, што доаѓа од неговото движење. Истото го прави и неговото ветување конечно да ги заштити ЛГБТ луѓето од дискриминација во домувањето, работното место и јавните акомодации. Дополнителен пример е и неговото ветување, не само да го поддржи абортусот, туку да го направи бесплатен преку „Бесплатно здравство за сите“.

Универзализмот на Сандерс се проширува и до борба против масовната социјална смрт нанесена од страна на приватизирањето. Во владеењето на неолиберализмот полицијата и затворот беа употребувани за да се дисциплинираат, контролираат и да се следат сиромашните луѓе, особено заедниците со друга боја на кожата, притиснати до маргините. Мнозинството на затвореници се притворени на државно ниво затоа она што претседателот тука може да го направи е ограничено. Но Сандерс сепак ќе направи промена, вклучувајќи реформа на федералниот систем. И покрај тоа што Сандерс ја поместува својата позиција кон поддршка на декриминализацијата на сексуалната работа, неговите планови се сепак солидни: тој бара да се стави крај на задолжителните минимални пресуди,  се заканува дека нема да им се исплаќаат пари на оние држави кои одбиваат да стават крај на кауцијата (што ги затвараат луѓето поради тоа што се сиромашни), ветува дека ќе им даде право на гласање на затворениците и дека ќе ја триплира одбраната на сиромашните. Уште поважно, тој се залага да ги прекине програмите како “287 (е)“ и “Безбедни заедници“ кои го претворија локалното спроведување на законот во ICE агенција. Севкупно агендата на Сандерс е за слобода од шефови, долг, газди, ICE и затвори, а и од катстрофата причинета од фосилните горива, која е слобода што ги гарантира сите останати.

Синдикатите остануваат неприкосновен погон за градење работничка власт, но Демократите одамна потфрлаат во испорачувањето кон организираниот труд. Обврзувањето на Сандерс е без преседан: тој ветува дека ќе го дуплира бројот на синдикалци до крајот на својот прв мандат.

Сандерс ги поддржува занемарените демократски цели како “card check“ – можноста да се основа синдикат со едноставно мнозинство на работнички потписи, како и мерките за зголемување на моќта на трудовите акции како забранување на постојаната замена на оние кои штрајкуваат и дозвола за „секундарен бојкот“ во кој работниците преку работен спор вршат притисок врз други здруженија да престанат со соработка со нивниот работодавец. Она што го прави Сандерс единствен е неговата историја и нашата верба дека тој навистина ќе се бори за работниците.

Планот за трудова политика на Сандерс се издвојува исто така и по мерките за сеопфатно зголемување на работничката моќ. Ставањето крај на доброволното вработување ќе значи дека работниците ќе можат да бидат отпуштени единствено ако постојат оправдани причини и со тоа тој поставува универзален темел за синдикални договори. Воведувањето на гранични плати ќе им овозможи на синдикатите да соработуваат за да ги зголемат платите во индустријата, наместо да склучуваат договори со индивидуални компании.

Наметнувањето на дополнителни даноци на корпорациите како одговор на јазот што постои помеѓу директорската и работничката плата постепено ќе го зголеми даночниот приход и истовремено ќе ја намали нееднаквоста. Давањето право на работниците да купат компанија ако се затвори, пресели во странство или оди на продажба ќе го скроти хипер-мобилниот капитал. Крајниот откуп на акции ќе го пренасочи капиталот од инвеститорите и извршните директори кон работниците и продуктивните инвестиции. Зголемувањето на работничката контрола во големите корпорации до 45% од местата во бордот и 20% проценти од акциите ќе му овозможи на трудот нови лостови над корпоративното управување и контрола врз една од клучните сили за економска нееднаквост.

Како дополнување на овие легислативни цели, Сандерс најавува дека ќе потпише извршна наредба која ќе стави мораториум на сите кратења на пензиите и уште една со која ќе ги укине владините договори со компании што преземаат низа на анти-работнички акции. Како што Сандерс им кажа на група синдикалци во Верен, Охајо, во близина на скоро-затворената фабрика Lordstown која произведуваше Chevy Cruze: „Ако некои како оние од General Motors мислат дека можат да исфрлат работници на улица додека прават билионски профит, па да се преслат во Мексико и да плаќаат најниски плати, а потоа да застанат во ред и да чекаат федерални договори, да знаат дека нив ги очекува нешто сосема друго.“

Трансформативната промена често зависи од масовните движења: работничките штрајкови во 30тите создадоа огромни синдикати и ја присилија федералната влада да ги штити, црнечката борба за слобода во 20от век го скрши бастионот на јужните расистички политичари, ЛГБТ движењето за слобода ги еродираше опресивните предрасуди и ги одбрани животите на лицата со ХИВ – позитив, а движењето за права на имигрантите успешно ги спречи депортациите на Обама.

Денес, младите растат во период кога легитимитетот на неолиберализмот е распарчен од кризата во 2008. Големата рецесија го покажа статусот кво како кршливо и неподносливо па Occupy Wall Street, радикалните активисти за имигрански права и Black Lives Matter побараа нови политики на негово место.

Еден од најневообичаените аспекти на реториката на Сандерс е неговата подготвеност да каже дека Америка не функционира за повеќето: сметките кои никогаш не исчезнуваат, долгот што се зголемува и корпоративниот упад во секој аспект од животот. Како што националната прес-секретарка на Сандерс, Бријана Џој Греј на својот подкаст рече: „митинзите на Берни се толку моќни поради тоа што за разлика од било кој друг кандидат Берни најјасно го артикулира тоа дека проблемите со кои се соочуваат обичните американци не се поради нивната мрзливост или неуспешност да работат напорно, туку дека тие се резултат на системот кој е направен да работи за богатите.“ Артикулирањето на таа вистина е предуслов за трансформација.

Моторот на новите класни политики е генерациското искуство, заедно со помалите шанси за нагорна мобилност, многу млади луѓе се наклонети кон нешто ново и подобро. За ова сведочи и тоа што Демократските социјалисти на Америка станаа најголемата и најдоследната социјалистичка организација во скоро половина век. Левицата прави изборни победи, од радикални дистриктни обвинители во Филаделфија и Сан Франциско до шест социјалисти во градскиот совет на Чикаго. Штрајковите на наставниците се зголемија, а здравствените и хотелските работници излегоа на протести и тоа во голем број.

„Луѓето се секогаш изненадени во раните фази на некое движење“, вели Франсис Фокс-Пивен, коавтор на класикот „Движењата на сиромашните луѓе: Зошто успеваат, како пропаѓаат?“. „Тие не препознаваат дека времето е дојдено. Но тоа е овде… учители, медицински сестри, услужни работници сите генерално се во штрајк. Секогаш кога се појавува големо движење, тоа е во извесна смисла заразно.“ Фокс-Пивен го истакнува тоа како радикалните движења и политичарите се надополнуваат:

„Протестирањето не фунцкионира ако не резултира со изборни резултати. Блок од избрани политичари ги инспирираат протестирачите бидејќи постои страв да се биде бунтовен, опасен. И навистина помага доколку постојат политички лидери кои ги отсликуваат и бранат барањата на политичарите. Тоа му дава морал на протестното движење. Им дава изгледи за победа. Исто така е вистина дека постоењето на таков изборен блок е важно за спречување на репресијата. И конечно, доколку протестирачите добијат нешто како резултат на бунтот што го предизвикале, тие мораат да имаат некој на позиција во власта кој ќе се осигура дека тоа ќе се оствари. Значи, постои постојана интеракција помеѓу протестното движење и блокот од избрани политичари.“

Конгресниот блок што ни е потребен се појавува во ембрионална форма со лидери како Окасио-Кортез, Илхан Омар и  Рашида Тлаиб, од кој сите го подржаа Сандерс. Окасио-Кортез непосредно демонстрира како движењата можат да се стекнат со изборна моќ, која за возврат им дава поголема моќ: таа се стекна со политичка свест преку нејзиното работно искуство во услужната индустрија, волонтирајќи во кампањата на Сандерс во 2016 и поддржувајќи ги домородните бранители  на Standing Rock.

„Ние имаме план и агенда да го изгласаме Новиот зелен договор, бесплатното здравство за сите и да ги направиме јавните колеџи бесплатни, но работата е што овие политики нема сами да се спроведат“, рече Окасио-Кортез на митингот на Сандерс во Council Bluffs, Iowa. „Единствениот начин на кој ќе постигнеме и ќе постанеме напредно општество не е преку технократско предлагање на политики, туку преку политичка револуција на работниците.“

Ја прашав Фокс-Пивен дали ови би било тешко да се постигне. „Многу тешко“, таа потврди. „Движењата мораат да се спротивстават на фосилната индустрија и на финансискиот сектор. Ова би требало да ве натера да подголтните бидејќи и двете се моќни, а и во случајот на фосилната индустрија– очајни индустрии. Но тоа е нашиот единствен пат до преживување, нели?“

Јасно е дека радикален претседател може да го промени гравитациониот центар на партијата: републиканското јавно мислење за имиграција, Русија и FBI, брзо се вклопи со погледите на Трамп, а истото го направија и многу републикански политичари. Претседателството на Сандерс ќе ја поларизира нацијата на сличен начин, притискајќи ги демократските законодавци да се приклонат кон својот лидер против неизбежната републиканска фанатична опозиција.

Всушност, движењето на Сандерс веќе го прави токму тоа: ниедна фигура или сила, освен Трамп, не направи повеќе во реконфигурирањето на американската политика во последните четири години.

Политичкото искачување на Сандерс произлезе (и се забрза) од кризата на централистичкиот либерален естаблишмент. Погледнете ја паниката кај елитата што ги натера Девал Патрик и Мајкал Блумберг да залетаат за да му олеснат и да го заменат Џо Бајден, нивниот политички стандард. Сепак, додека стариот свет умира, неговата замена со нешто подобро не е неизбежна. Растечки број на едуцирани бели гласачи, на пример, се ориентираат кон градоначалникот Пит Батигиг, поранешен консултант на МекКинзи чие единствено убедување е неговата ароганција. Кога Сандерс инсистира дека ние „не треба само да го победиме Доналд Трамп, туку да си ја вратиме демократијата од корпоративната елита“, тој исцртува линија во песокот и го посочува статусот кво: доколку демократите не се од страната на народот, тогаш тие стојат против него.

Ефективниот лев популизам бара визија за народот и неговиот непријател. Непријателите на ова движење се малкумина: алчната и патолошко-деструктивната билионерска класа; фосилната, фармацевтската, осигурителната и финансиската индустрија. Од друга страна народот има голема диверзитетна коалиција помеѓу работничката и прекаријатната средна класа. Иако разбудени од масовниот младински апел, победата на Сандерс може забрзано да ги мотивира скептичните Gen X и Boomers гласачи чии политички хоризонти потонаа под деценискиот неолиберален напад.

Програмата на Сандерс ги обединува интересите на работничката класа без да ги избрише нивните разлики. Големата поддршка кај латино заедницата и забележителниот ентузијазам што го генерира кај муслиманите ги осветлува контурите на потенцијалното прегрупирање што ги става оние најдемонизирани од ксенофобичната десница во срцето на моќната левица. Неговиот говор на митингот со Окасио-Кортез во Queens, NY ја истакна етичката основа на политичката коалиција вкоренета во љубов и солидарност: „Погледнете околу себе и пронајдете некој што не го знаете“, Берни се обрати на публиката. „Можеби ќе видете некој што не личи на вас. Дали сте спремни да се борите за таа личност онолку колку што сте спремни да се борите за самите себе?“

Планот на Сандерс да се победат генералните избори во црвените држави како West Virginia ја има предвид можноста дека повеќерасната коалиција на работничката класа може да ја пресврти социјалната поделба. Кога Сандерс беше прашан дали сенаторот од West Virginia, Џо Менчин или Џон Тестер од Montana, и двајцата центристички демократи, ќе гласаат за неговите програми, неговиот одговор беше директен: „Секако дека ќе гласаат. Знаете зошто? Заради тоа што ние ќе одиме во West Virginia. Просечниот политичар од таму седи и размислува вака: ‘Хм, да видиме. Ако го направам ова, корпорациите ќе покренат кампања против мене. Па, подобро да не го правам.’ Но сега ќе мораат да размислат вака: ‘Доколку не поддржам агенда што е во прилог на работниците, ќе ми дојде претседателот Сандерс во мојата држава и ќе ги покрене работниците против мене.“ Тоа не е невозможно. Со учителскиот штрајк што ја потресе дравата во 2018 кој потикна понатамошни бунтови во Arizona и Oklahoma, работничката класа во West Virginia е неуморна. Една неодамнешна анкета покажа дека 69% од гласачите во West Virginia сѐ уште ги поддржуваат учителите за поголема плата. Легислативната агенда на било кој демократски претседател зависи од сеизмичката политичка промена во доволно црвени и виолетови држави што демократите ги освоија во Конгресот и во Сенатот, а реструктурирањето на изборната мапа бара продлабочување на моќта на движењата. Сандерс веќе ја искористи базата од својата кампања да ги мобилизира своите поддржувачи, а може да покрене далеку посилна мобилизација од Овалната соба. Како што социологот Бери Еидлин забележува, потпишувањето на законот од 33та за заштита на синдикатите од страна на Рузвелт поттикна масовно синдикално организирање во 30тите, иако законот немаше практичен механизам за спроведување. Замислете ја моќта на претседателот кој го користи своето обраќање да ја понуди својата солидарност на штрајкувачите. Тоа ќе биде историско и трансформативно.

Сандерс ветува дека ќе го преобликува светскиот поредок користејќи ја моќта на САД во постигнувањето на геополитички спогодби преку преговарање – пред сѐ, за животната средина. А најконкретната моќ што американскиот претседател ја има е токму во областа на надворешната политика и внатрешната безбедност.

За разлика од Елизабет Ворен, која нема суштинска критика кон американската империја, Сандерс директно и недвосмислено го осудува воено-индустрискиот комплекс, постојано гласа против буџетите за одбрана и е единствен кој конзистентно ја поддржува идејата САД да стане партнер на Глобалниот југ. Во 80тите, Сандерс се солидаризира со централно-американските револуционери против Регановата крвава поддршка на тамошната олигархија. Неодамна, Сандерс го поздрави ослободувањето на Лула де Силва, поранешниот претседател на Работничката партија од Бразил и веднаш го осуди ноемврискиот пуч во Боливија.

Потенцијалот што претседателот го има самостојно да го преуреди светскиот систем на моќ беше демонстриран токму од сегашниот претседател. Неговото однесување беше толку нестабилно што се појави известување дека Саудиска Арабија го контактирала Иран, штитејќи се од можноста еден ден да не можат да се потпрат на американската воена заштита. Замислете си што сѐ ќе се случи доколку Сандерс, неприкосновен критичар на Саудиската кралска фамилија и војната која ја води против Јемен, направи притисок за преговарачки договор помеѓу ривалските регионални сили.

Исто така Сандерс буди до сега невидена надеж за промена на балансот во корист на Палестинската борба за слобода. Иако не е најконзистентен на ова прашање, Сандерс се отцепуваше од бипартискиот про-Израел консензус повеќепати од било кој друг член на Конгресот.

Надворешната политика на САД толку време е водена од загриженоста за националната безбедност, што во реалноста веќе не рефлектира никаков „национален интерес“, туку само интересите на најголемите корпорации и државната “конвенционална“ мудрост на националната безбедност. Во 2015, советникот на Обама, Дејвид Акселрод го нарече Сандерс „без слух“ за неговото инсистирање дека климатските промени се најголемата закана за националната безбедност. Пеги Нунан од Wall Street Journal го нарече „малку глуп“. „Некои луѓе во 2015 се смееја кога Берни велеше дека климатските промени се најсериозниот предизвик за националната безбедност со кој со соочуваме,“ вели Мет Дас, главниот советник за надворешна политика на Сандерс. „Сега, веќе никој не се смее.“

Како што Сандерс кажа: „Нашите сплетки на Блискиот исток одвлекоа клучни ресурси и внимание“ од решавањето на климатските промени. Наместо уште војни, Сандерс ветува 200 билиони долари за Зелениот климатски фонд со цел да му се помогне на Глобалниот југ да се адаптира на климатската ургентност.

Спремноста на САД да се посвети на големи кратења во емисиите е предуслов за убедувањето на останатите нации да го направат истото бидејќи внатрешните климатски преговори се спроведуваат слично како оние за нуклеарното разоружување: никој не сака да почне прв и да стане ранлив. Кина мора да се убеди дека брзата транзиција нема да ја поткопа нејзината економија. Сиромашните земји од Глобалниот југ мора да бидат осигурани дека тие нема едноставно да бидат изоставени од плодовите на фосилно-водениот развој кој Глобалниот север го ужива.

На градското собрание за климата во 2019 Сандерс беше јасен: „Мислам дека ни треба претседател, се надевам Берни Сандерс, кој обраќајќи им се на сите во светот – на Русија, Кина, Индија, Пакистан, сите земји во светот – ќе рече, ‘Погодете што, независно дали сакале вие или не, сите сме во ова заедно и доколку сте загрижени за децата во вашата земја и за идните генерации, ќе мора да соработуваме. И можеби, само можеби, наместо да трошиме трилион и пол долари секоја година на разорно оружје направено да се испоубиеме меѓусебе, може да ги собереме тие ресурси и заеднички да работиме против нашиот заеднички непријател, кој е климатската промена.“

Неолиберализмот не подели со граници и ги атомизира нашите лични животи терајќи не да се обвинуваме самите себе за проблемите предизвикани од лошиот систем. Овој моментум бара нови политики што не обединуваат во пресретнувањето на нашите заеднички непријатели и кои го трансформираат нашето општество. Сандерс постојано вели, „Поразот на Трамп не е доволен“. Ова е потценување. Светот буквално зависи од политичка револуција. И единствено Сандерс има план за тоа.

Оригиналниот текст може да го погледнете овде.

Превод: Стефан Видиков
Лектура: Емилија Митреска

|2020-01-27T12:57:49+00:0027 јануари 2020|Актуелно, Вести, Кампања, Свет|