Вработените во Друштвото за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги ФЕНИ ИНДУСТРИ АД – Кавадарци, денес писмено се обратија до јавноста преку фејсбук профилот на „Реално Кавадарци“, при што објавија дека, фирмата се спрема за банкрот и оти сите вработени се исплашени
Тие во писмото наведуваат дека, адвокатот на фирмата, Бранко Колев веќе ги има спремано документите за банкрот, а оти поради ова, сите вработени се исплашени. Според нив, директорот Јусуф Мирмедов е спремен да избега и да не одговара, а на негово место поставиле извесен Амир, за како што велат, да ја контролира ситуацијата.
„Веќе цела година гледаме како ја упропастуваат фабриката, продаваат се’ што може да се продаде. Фирмите на ФЕНИ поклон ги дадоа на нивните пајташи, за да можат без проблем да си влечат пари за во нивните џебови. Натрупаа долгови кон сите добавувачи, транспортери, банки и после цела година, најтешка за нас работниците, со притисоци, малтретирање, драстично намалени плати (а и нив ги даваат се покасно, не памтиме веќе кога последен пат сме зеле плата пред 20. во месецот, а платата е се помала и помала), го креваме гласот, доста е!“, потенцираат вработените.
Тие обвинуваат дека, поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков ги штител раководителите на фабриката, кога тие ги прекршувале законите, а како што велат, за возврат, наместо кавадаречки пред фабриката доаѓале струмички камиони, кои носат материјал во фабриката.
Исто така обвинуваат дека, синдикатот на фабриката е пион на менаџментот.
„Фабриката се затвора, а тие како послушници ништо не превземаат, а имаат одговорност кон 1000 фамилии од ФЕНИ леб што јадат. Нема да дозволиме. Ние ќе ги изгубиме работните места и нашата егзистенција, затоа го креваме гласот и ги повикуваме сите институции што беа глуви на нашите повици (или платени) цело ова време да ја запрат кражбата и криминалот, да се спасат нашите работни места и да се казнат криминалците што ни’ обеќаа дека одат со куфери пари да инвестираат и обезбедат подобра иднина за фирмата, но всушност ја уништија фабриката и ја спремаат да ја затворат засекогаш“, велат вработените понатаму во писмото.
И покрај сета претрпена штета, тие сметаат дека фабриката пак може да биде добра фирма, доколку, како што велат, се стави крај на криминалот.
„Бараме од сите институции да го свртат вниманието кон ФЕНИ, да го запрат криминалот и уништувањето, и да не’ поддржат да си ја спасиме компанијата и нашите работни места. Без ФЕНИ Кавадарци е мртво, ама штетата ќе биде огромна и за сите набавувачи дури и за државата“, потенцираат тие.
Велат дека, се спремни пак да излезат на автопатите како пред 20 години и да се борат за спас на нивните работни места.
Оваа компанија е во странска сопственост и е дел од групацијата „Кунико“, која поседува и рудник за никел и капацитет за негова преработка на Косово.
„Фени индустри“ беше еден од најголемите извозници од државава, а воедно и најголем поединечен потрошувач на електрична енергија во Македонија.