Дојде денот кога Владата, а и Павле ќе ја платат политичката цена на лошото законско решение со кое се дозволи користење на канабис за чисто профитабилни, а не хумани цели. Оставката доаѓа по голем број на интересни политички случувања, а голем број од нив имаа и скандалозна позадина. Кога „дојде“ животот во Македонија по изборите во 2016 год. само мал број на политички организации и партии потенцираа дека истата пракса на насилничко владеење ќе продолжи и во иднина со новата влада. Се’ уште се местат тендери, Охрид е на чекор да го загуби статусот на заштитено подрачје од УНЕСКО, нелегални градби на Матка, рудниците на смртта е извесно дека ќе проработат итн… За сите овие скандали ниеден функционер не ни помисли да даде оставка. Политичка одговорност немаше и за злоупотребите на патните трошоци на пратениците, пракса која беше жестоко критикувана од тогашната најголема опозициона партија, а денес партија на власт – СДСМ. Првата „сочна“ оставка беше најавена денес каде пратеникот во заминување Павле Богоевски напиша – „Друштво,
Ви благодарам на честа, овие две години да ви служам вам и на нашата држава најдобро што знам и умеам. Вредностите се над функцијата. Сега и секогаш!“, напиша Богоевски.
Тука се прашувам на кои вредности мисли Павле?! Дали мисли на оние вредности каде од позиција на пратеник можеше да ја смени сликата каде деца питаат по улици, средовечни луѓе пребаруваат по контејнери, пулените на груевизмот не плаќаат даноци, а си поминуваа со опомени и молби да ги вратат парите или за политичките дилови со дел опозициони пратеници со цел реализирање на политичките замисли на сегашнава власт? За бегството на Груевски и слободата која ја уживаат останатите кои си ги откупија притворите повеќе не вреди ни да се пишува. Оставката ќе беше слатка ако Павле ја дадеше поради горенаведените проблеми и пропусти ама за жал ова личи на изнудена оставка, а ако не е изнудена е жално што еден од поистакнатите членови на „Шарена револуција“ подлегна на лажниот морал кој ни го сервираат секојдневно.
Павлевиот скандал со детска искреност ги покажа вистинските намери на елитите во земјата каде наводно сите сме еднакви. Според елитите е неморално да користиме канабис заради лекување или заради рекреација, да сме ЛГБТИ, да сме поразлични од другите… ама е морално ако некои убаво профитираат од бизнисот со канабис. Тој во неговата првобитна изјава призна дека маслото што се продава легално во аптеките единствено е добро за да си запржите јајца на око за доручек, а не и за лекување. Моментално во странство се продава масло од канабис со далеку повисоки концентрации на канабиноиди за разлика од маслото што се продава легално во Македонија. Ние како слепо црево на капитализмот во Европа сме одлични консументи и на најлошиот производ. Проблемот лежи во привилегирањето на дел увозници, но и производители на масло од канабис кои на маката на луѓето ќе заработуваат. Државата тука не може да се крие зад флоскулата – слободен пазар, имате избор да го купите „најдобриот“ производ. Исто институциите во државата треба да појаснат како во Македонија се продава масло со ниски концентрации на канабиноиди и дали ние како население сме различни од луѓето кои живеат во други држави и за чудо пониски концентрации на лековитата супстанца даваат ист ефект како кај странците кои се лечат со повисоки концентрации. Маслото од канабис треба да го има истиот статус како и секоја друга лековита супстанца – одредени индикации, контраиндикации, препорачана концентрација, препорачани дози и начин на аплицирање. Дел од производителите на масло од канабис се правдаат дека ниските концентрации на канабиноиди пред се’ на THC се должат на можноста да се намалела злоупотребата и можноста од предозирање. Оваа изјава е бескрупулозна бидејќи овој лажен морално заштитнички однос кон корисникот во пракса не постои за ниеден друг препарат. Ако истиот однос реално постои, во аптека нема да се продаваат ни најдостапните антипиретици од кои најпознат парацетамолот. Парацетамолот на пример е хепатотоксичен ако се даде и во не така високи дози, па уште слободно се продава по аптеките…
Додека се ситиме на оставката од Павле не смее да се заборави дека многу луѓе гнијат по затвори бидејќи кажале „не“ на играта која ни ја сервираат елитите. Оваа влада доби поддршка за да ги реши проблемите, а не да ја користи позицијата за личен бенефит. Наместо Павле да биде моторот на промените за декриминализирање на канабисот и менување на законската рамка за и граѓаните на Македонија да ги почувствуваат законските придобивки кои се однесуваат на оваа проблематика, тој одлучи да избега.
Изгледа вредностите од Павле сепак се поголеми од плачот на некој болен човек!
Автор: Дамјан Божиноски