
СКОПЈЕ, 30.06.2017 – Специјалното Јавно Обвинителство на вчерашната прес конференција излезе со предмети за кои бара од Кривичниот суд притвор за функционери од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ. После тој настан, следуваа низа случувања на протести и негодувања на симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи ја и одржаната прес конференција на претседателот на партијата Никола Груевски.
По прес конференцијата на СЈО, низ социјалните мрежи има оптимистички реакции, но исто така и резерва околу можните правни исходи. Имено, назначените судии кои треба да решаваат околу притворите на екс функционерите имаат контроверзно минато. Освен спорните правосудни елементи, се наметнуваат и прашања од политичка природа. Од 94 предмети за физички лица и 7 фирми, нема ниту еден јавен функционер на Демократската Унија за Интеграција (ДУИ). ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беа во коалиција од 2008 година се до крај на 2016 година како дел од широката коалиција во која учествуваше и СДСМ.
Критиките на ВМРО-ДПМНЕ за СЈО, главно досега се движеа во насока на прикажување на СЈО како партизирана институција. Според сега веќе опозициската партија, СЈО ги политизира предметите и целта на СЈО е да служи на СДСМ. Од друга страна, предметите кои се доставени до судот не вклучуваат ниту еден функционер на сега веќе коалициските партнери на СДСМ, ДУИ. Се поставува прашањето, дали и во периодот на актуелизирање на бомбите на тогашната опозиција имаше калкулации околу можните идни политички коалициски партнери во власта, а со тоа и правна амнестија на ДУИ.
Дали во периодот од 2008 гоодина па до 2016 година, во Македонија владееле ангели и демони? Според сегашните барања за притвор на дел од функционерите на минатата власт, излегува дека, едните биле демони и треба да се казнат, а другите ангели и треба сеуште да владеат.