Со продажбата на паркингот спроти хотел „Холидеј ин“, на граѓаните им се ускрати уште едно парче јавен простор, кој порано бил парк. Министерството за транспорт и врски се огради дека законски морало да го продаде земјиштето на приватниот инвеститор затоа што тој веќе поседувал 30 отсто од парцелата, иако во Законот за градежно земјиште никаде не стои дека „мора“ така да се постапи.
Фирмата инвеститор „МГ Фешн“ заедно со Македонската православна црква сега го поседува целото земјиште на една од четирите градежни парцели, каде што може да се направи една висококатница и две помали згради (освен ако со новиот ДУП се определи поинаку). Токму такви беа и најавите што стигнаа од инвеститорот деновиве, дека наместо три, ќе гради една висококатница.
Пред земјотресот овој дел од градот бил мирен, спокоен и со многу зеленило. Сегашниот паркинг бил парк, а пред „Холидеј ин“ некогаш имало Амам, кој се викал „Вардар бања“. Пред да биде изграден хотел „Гранд“ и таа парцела била зеленило и се простирала се’ до паркот „Жена борец“. Од другата страна на паркот пак, во Ново маало имаше мали и речиси унифицирани куќички, коишто денес се полуразрушени. За тоа, што се наоѓало некогаш пред и околу „Холидеј ин“, можете да прочитате на овој линк.
Авторка: Сенада Ибраимова
Фотографии: Сенада Ибраимова