СТРУМИЦА, 31.10.2018 – Здружението „Здрава Котлина“ од Струмица упати повик до граѓаните за блокада на патишта на излезот од градот под мотото „Сите против рудникот на смртта“. Ова се случува откако надлежните државни институции, Владата и Собранието на Република Македонија останаа глуви на нивното Барање за решавање на проблемот со рудникот, чијшто краен рок беше до 16 октомври. Блокада на кружниот тек на излезот од Струмица кон Бугарија, како и транзитниот пат е закажана за 10 ноември со почеток во 11:30 часот, а ќе трае 2 часа.
Целта на оваа блокада е на сите надлежни државни институции жителите од струмичко заеднички да им покажат дека трпението им е изминато и дека проблемот мора да се реши во полза на општиот интерес на граѓаните од целиот регион.
Од здружението во својот повик до граѓаните наведуваат дека, и покрај 20 месечниот континуиран отпор против рудникот на смртта Иловица – Штука и интензивната аргументација која ја приложуваат, којашто ги докажува погубните последици од истиот, надлежните државни институции и натаму не го раскинуваат договорот со концесионерот Еуромакс Рисорсис, иако имаат потполно законско право на тоа.
„Со оглед на фактот дека надлежните државни институции не презедоа ништо по нашиот голем Протестен марш од 16.06.2018 во Струмица, на кој граѓаните масовно побараа запирање на рудникот;
Со оглед на фактот дека концесионерот Еуромакс Рисорсис и натаму континуирано лаже и манипулира за наводна безопасност на рудникот и дека тоа воопшто не е рударска компанија, туку криминоген ‘пробивач на концесии’, со единствена цел по секоја цена да дојдат до дозвола за работа и потоа да ја продадат концесијата, без оглед на смртоносните последици;
И со оглед на фактот дека практично целокупната струмичка, но и македонска јавност се исклучиво против рудникот, кој ќе ја уништи најплодната котлина на Балканот,
ВЕ ПОВИКУВАМЕ НА БЛОКАДА!“, потенцираат од „Здрава Котлина“.
Тие додаваат дека не дејствуваат под никакви политички заднини или партиско влијание.
„Воздухот, водата и почвата немаат партиска определба. Фаталните отрови и болести предизвикани од нив не бираат според партиска припадност“, нагласуваат од здружението.
На оваа прва предупредувачка Блокада, како што велат, ќе побараат две барања, односно „итно одземање на концесијата на компанијата Еуромакс Рисорсис од страна на Владата на РМ“ и „итно изгласување на измените на Законот за металични и минерални суровини од страна на Собранието на РМ“.
„Ова ќе биде прва и Предупредувачка Блокада и ве повикуваме масовно да учествувате и да се приклучите во отпорот против рудникот, кој сите егзистенцијално не’ загрозува. Само заедно можеме да се спасиме од заедничката опасност. Ние немаме намера да се селиме од нашите домови. Ние нема да дозволиме нашите и животите на нашите поколенија да бидат загрозени од бескрупулозна компанија, чија единствена цел е профитот, по цена која сите ние крваво ќе ја платиме“, порачуваат од здружението.
Доколку не бидат усвоени нивните барања, тие најавуваат уште порадикални активности.
Блокадата ќе се одржи на 10. 11. 2018 година, со почеток во 11:30 часот и ќе трае 2 часа во сите четири насоки, ќе се блокира целокупниот сообраќај на кружниот тек на излезот од Струмица кон Бугарија (кај силосите), а воедно ќе биде блокиран и транзитниот пат.
Авторка: Сенада Ибраимова