БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА/Подгора, 04.10.2018 – Предизборната кампања во Босна и Херцеговина (БиХ) е во полн ек. Илјадници плакати носат пораки испратени до граѓаните. Меѓу нив, само еден е испратен до политичарите. “Лажете со години! Ниту една партија не е добредојдена во Подгора”, порачаа жителите од ова село во близина на Бреза.
Нема патишта. Нема канализација. Нема игралиште за деца. Нема ниту предизборни плакати во Подгора. И додека со илјадници постери низ цела БиХ кандидатите ги поздравуваат потенцијалните гласачи, во Подгора има само еден постер со јасна порака „Овде не сте добредојдени“.
Од другата страна на плакатот, за да потврдат, тие прашуваат: “Дали прочитавте, на народот му е доста!“. Нивната сериозност во овој акт ја потврдува и фактот што сите досега поставени плакати од страна на политичките партии се искинати. Не е познато кој ги искинал плакатите, но сигурно е дека скоро сите жители на Подгора стојат зад пораката од нивниот плакат.
„Досега ниту еден градоначалник што бил на власт ништо нема направено. Затоа ние неколку ентузијасти одлучивме да го напишеме овој плакат, којшто го платиме 100 км.“, открива Хамди Солак, еден од иницијаторите.
„Сега пред изборите променија, да не ве излажам, шест или седум улични сијалици. Тоа е се’. И неколку дупки закрпија на асфалтот, којшто е асфалтиран 1982/1983 година“, додава Ведад Силајџиќ, еден од иницијаторите.
Харудин Авдиќ смета дека Подгора испрати порака, која всушност требаше да ја испрати БиХ. Според него 95% од локалните заедници треба да испратат слична порака.
„Не можете повеќе да го мамете народот. Морате конкретно со народот, ако денес нешто сте ветиле, морате утре тоа да го исполните, а не да давате предизборни ветувања, па во наредните четири години ништо не се работи“, вели Авдиќ.
Иницијаторите велат дека на ова место сите тоа го очекуваат, но малкумина се осудуваат на овој начин да го искажат своето мислење.
„Не се работи за поединци, туку за цело село. Целото село го истакна овој транспарент за да види народот“, истакнува Силајџиќ.
„Рековме дека кога ќе дојдат ќе им извикуваме, ‘не ни требате, не ни требате’“, порачува Солак.
Наместо политичари, на ова место му се потребни контењери, канализација, асфалт, игралиште за деца, реконструкција на водоводната мрежа, велат мештаните.
Изборите во БиХ ќе се одржат во недела на 7 октомври. Ова се осми општи избори во историјата на државата, а на нив ќе учествуваат 72 политички партии и 39 независни кандидати.
Извор: www.oslobodjenje.ba