СКОПЈЕ, 01.10.2018 – Граѓанската иницијатив „Во одбрана на Дебар Маало“ на социјалните мрежи реагира за изградбата на мегаломанскиот проект во Скопје кај Старата железничка станица, а зад кој стои компанијата „Лимак“ од Турција. Тие потсетуваат на случајот во Истанбул од пред две недели, кога турската полиција приведе 543 градежни работници кои штрајкуваа против неподносливите услови при работа на градилиштето на третиот аеродром, кадешто еден од инвеститорите е толку компанијата „Лимак“. Исто така укажуваат на прекршувањето на мораториумот за градење во центар, што беше предизборно ветување на СДСМ, а привремен и делумен мораториум беше изгласан и во Советот на Град Скопје.
„Во одбрана на Дебар Маало“ денес на својот фејсбук профил реагираа во врска со мегаломанскиот проект „Дајмонд Скопје“ за изградба на подземница кај Старата железничка станица, којшто го гради турската компанија „Лимак“. Потсетувајќи на неодамнешните приведувања и апсења на градежните работници од градилиштето на третиот турски аеродром во Истанбул, кадешто еден од инвеститорите е токму компанијата „Лимак“, тие предупредуваат дека освен тоа што оваа компанија ќе донесе опресивни практики кон работниците, нивниот проект ќе предизвика огромно загадување при градењето во центарот на Скопје.
„Компанијата Лимак не само што ќе донесе опресивни практики кон работниците туку во Центар гради објект со монструозни димензии, кој ќе предизвика уште повеќе сообраќај, ќе го спречи струењето на воздухот и наредните години ќе создава огромно загадување при градбата. Да потсетиме, околу 1400 граѓани во Македонија умираат од загадениот воздух, поголемиот дел токму во Скопје и Центар“, велат од „Во одбрана на Дебар Маало“.
Исто така потсетуваат на предизборните ветувања на владеачката СДСМ, дека ќе се прогласи мораториум на градбите во центарот на градот, којшто подоцна беше изгласан и во Советот.
„Мораториумот за којшто граѓаните гласаа на последните локални избори е прекршен. Профитот е повторно пред здравјето. Без никакви научни студии за ефектот на ваков еден масивен градежен зафат врз сообраќајот и животната средина, Центар и нашиот град се одалечуваат од Европа. Без никаква јавна расправа и дебата! Во услови кога Скопје е најзагадениот град во Европа и меѓу најзагадените во светот со каква совест градоначалникот и градските и општинските власти дадоа дозвола за овој проект!“, потенцираат тие.
Очигледно е дека оваа влада предводена од СДСМ не застана скоро зад ниту едно свое предизборно ветување, за чијашто сметка ја доби довербата на граѓаните. Впрочем тие своите дејствувања ги насочија само кон надворешната политика, односно по секоја цена да им угодат на наметнатите политики однадвор, коишто патем одат во интерес на западниот свет. Вчерашниот неуспешен референдум освен што покажа дека многу поголем број од граѓаните ги бојкотираа ваквите чекори на вазалско владеење на власта, исто така го покажа разочарувањето на граѓаните коишто очекуваа подобар живот за сите. Од проектите како овој на компанијата „Лимак“ може да се види дека ништо не се сменило од времето на претходната власт, против кои политики пак протестираше токму СДСМ.