Стив Банон, поранешниот главен стратег на администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги продолжи своите напори да создаде паневропско движење на екстремна десница. Тој вети дека ќе работи на создавање на „воени одаи“ за да им помогне на екстремно-десничарските партии околу парламентарните избори на Европската Унија наредната година.
Кога се обрати на конгресот на италијанската екстремно десничарска партија, Фратели Ди Италија минатата сабота, Банон изјави дека за да се покорат традиционалните политички партии потребно е движење кое ќе го зафати целиот континент и ќе доведе до популистичка револуција – пренесува Франс Прес.
„Ние ќе обезбедиме и ќе спроведеме aнкети и анализи на податоци и ќе формираме логистички соби за да им помогнеме да победат на изборите”, изјави Банон на конгресот во Рим.
Шеесет и четири годишниот Банон, кој претходно изјави дека да те наречат расист е своевиден “беџ на честа”, откако бил отпуштен од Белата куќа во август 2017 година од страна на Трамп, се’ повеќе го поминува времето во Европа.
Банон исто така изјави дека планира да основа фондација со седиште во Брисел наречена “Движењето”, за кое се надева дека ќе ја засили екстремната десница на изборите во 2019 година. Иако европските десничарски лидери се двоумат дали да му се приклучат на контроверзниот Американец, Банон смета дека десничарските екстремисти на континентот, кои ги нарече “националистички патриоти”, ќе станат нова политичка елита на Европа.
Поранешниот стратег од Белата Куќа за Политико вели дека Италија водена од популистичката коалиција на чело со „Движењето на петте ѕвезди“ и Лигата – е центарот на политичкиот универзум во моментов.
„Брегзит, Трамп, изборите овде во Италија – тоа се делчиња од истата целина“, и соопшти Банон на публиката во саботата.
„Тие им даваат глас на малите луѓе. Тие пружаат отпор кога елитите не затрупуваат. И покажуваат дека сме изморени да слушаме дека тоа што сакаме да си ги заштитиме државите, да си го заштитиме нашиот начин на живот – тоа значи дека сме расисти, националисти и ксенофоби“, додаде тој.
Банон нагласи дека по американските избори во ноември планира да се фокусира на учествување во европската политика.
„Ќе работам на тоа да се осигурам дека во САД културните марксисти и социјалисти нема да извојуваат победа во ноември, дека на претседателот Трамп не му се заканува импичмент, а потоа планирам да поминам 80 проценти од времето во Европа“, посочи тој.
Тој тврдеше дека “вкоренетите сили” на континентот не се плашат од истакнати десничарски лидери, туку како што вели “Тие се плашат од луѓе како вас, кои гласаа за промена во судбината на нивната земја”.
Банон посочи дека изборите за ЕУ следната година ќе им овозможат на гласачите да вратат влада “која не е социјалистичка”, покажувајќи го своето незнаење, или занемарувајќи го фактот дека конзервативните партии доминираа во парламентот на ЕУ во изминатите 20 години.
Но наспроти неговиот висок политички профил во САД, неколку десничарски групации во Европа ја одбиваат неговата помош. Од Австриската партија за слобода, дел од владејачката коалиција која се соочи со бројни обвинувања за антисемитизам изјавија дека не се заинтересирани за помошта која тој ја нуди.
„Сакаме да склопуваме сојузи во Европа, но да го направиме тоа независно од САД, Русија, или било кој друг. Сакаме да растеме, да ја прошириме и развиеме нашата програма со наши идеи, а сигурно не под водство на некој кој е активен во Соединетите Американски Држави“, изјави лидерот на партијата Харалд Вилимски.
Според Ројтерс, Британската Партија за Независност на Велика Британија исто зазема став дека не сака да биде дел од проектот на Банон.
„Не сме потполно сигурни што точно тој предложува низ Европа, но УКИП не се вклопува во тоа. УКИП е британска партија која се залага за остварување на целите на Британците“, велат од партијата.
Додека пак во Франција Жером Ривиер од екстремно-десничарската Национална партија на Марин Ле Пен изјави дека на Банон не му е местото во европската политика. Ривиер, кој се состана со Банон во Лондон, рече дека неговата партија “го отфрла секој супра-национален ентитет и нема да учествува во било какви активности со Банон”, објави Политико.
Извор: newsweek.com