До кога власта ќе си игра мајтап со работниците од „Еурокомпозит“!?

СКОПЈЕ, 11.09.2018 – Покрај тоа што работниците од „Еурокомпозит“ од Прилеп за денес најавија повторно протестирање пред Владата на Република Македонија, протестот е откажан. Имено, во телефонски разговор со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев биле разубедени денешниот протест да го откажат, со тоа што тој им ветил средба за наредниот петок. Од „Еурокомпозит“ велат дека, доколку оваа средба не се оствари, во петок почнуваат со протести.

Веќе долго време владини претставници со секакви одлагања и ветувања им ја продолжуваат голготата на работниците од прилепскиот „Еурокомпозит“, фабриката којашто е единствена во државна сопственост, а воедно работи за државата.

Освен што не им се исплатени околу 16 плати и придонеси дури од 2012 година, пред неколку дена нивната фабрика остана без струја, со што беа принудени да се вратат во своите домови и да останат без работа.

На последниот протест во месец јули владата им вети исплаќање на дел од задоцнетите плати, како и решавање на техношкиот вишок. Меѓутоа, проблемот се’ уште не им е решен.

Според работниците најболни се неплатените придонеси за дури шест ипол години.

Оние што заминале во пензија поради тоа земаат за три до 4.000 денари помали пензии. Немаме ниту здравствено осигурување и ова се доволни причини да одиме во Скопје и да протестираме“, велат работниците.

Единствено со реакција во јавноста денес се јави политичката партија Левица.

Тие во своето соопштение упатуваат критика до власта дека, додека масовно пропагираат и ветуваат правна држава, подобар живот и еднаков просперитет, работникот повторно е заборавен и оставен на маргините да преживува.

„Владата предводена од СДСМ уште еднаш го прекрши своето ветување за исплата на 16 неисплатени плати на работниците од прилепската фирма „Еурокомпозит”, со што се надоврза на целокупното нејзино владеење базирано на празни ветувања за социјална правда, непотизам и корумпирани скандали“, се вели во соопштението.

Понатаму обвинуваат дека очигледно продолжува традицијата воспоставена од претходата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со која како што велат, ова претпријатие служи само за расипнично збогатување на партиските директори преку разни корумпирани зделки, додека на работниците им е ускратено основното право на достоинстен живот.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев во неколку наврати изјави дека се’ уште не е пронајден вистински инвеститор, којшто би го купил Еурокомпозит и би го решил проблемот. Се поставува прашањето дали инвеститор би требало да го реши прашањето на една државна фабрика, или тој би ја купил истата само зарад свој личен профит, а од тоа работниците повторно да немаат никаков бенефит, до таму што, би ја изгубиле и самата фабрика.

Според Левица оваа влада составена од бизнисмени, како што е самиот пример со Анѓушев, не ги штити правата на работниците, што пак како што велат експлицитно се гледа од манипулациите и измените во врска со ветувањата за минимална плата, нормираниот учинок и изневерените работници од Еурокомпозит.

Авторка: Сенада Ибраимова

 

|2020-05-21T15:40:07+00:0011 септември 2018|Актуелно, Вести, Економија|