Трудот прави продукт, вишокот создава НАТО

Фундаментален проблем на капитализмот е вишокот на понуда. Војните се материјализирани вишоци. Капитализмот е рушење и градење. Војната е добар бизнис план.

НАТО е обезбедување на пазар за понудата. НАТО е паноптикум, купола којашто надгледува пазар. Идеолошка полутопка под која се случува пазарен амбис со диригиран и регулиран вкупен механизам на понуда и побарувачка.

НАТО е видлива „невидлива“ рака на пазарот. Амбис, интеракции меѓу структурата на либидото со вибрирање меѓу структури на моќ. НАТО е шасија и позиција на моќ врз обезмоќените состојби на другите.

НАТО е пробив во нови пазари. Каде има крв, има пари. Вишокот на понуда е вишок на прелеан труд. Физичкиот продукт е стврднат труд.

НАТО обезбедува продажба на воена опрема и во квазивоено време, ракети наместо прогресивни даноци во комплот со нормални плати од 1000 евра, куршуми место филмови и книги, бомби место храна.

НАТО овозможува приграбување природни богатства за корпорации во рамка на екстрактивниот капитализам на југоистокот од Македонија.

НАТО е лост за забрана за мешање на останатите на пазарот под чадорот на НАТО, со прогресивно освојување на пазарите на помалите, со војни, со постмодерната културна хегемонија од доцниот капитализам, со цицање на мозоците како можност за универзитетска кариера.

НАТО бара народи коишто на колена молат за милост. НАТО мава по глава. Мали народи коишто се во НАТО не се демократски.

Коерцивната сила што ги тера луѓето да се иселат е дијалектика на капитализмот со својствата тука и капитализмот со својствата таму, под чадорот на PAX NATO.

PAX NATO e PAX AMERICA како PAX OTTOMANA.

Робусниот пазар на Европската унија како поразвиена економија има повисок органски состав на капиталот од кој произлегува масивна саморепродуцирачка понуда во биополитичката рамка без лимити, либералниот „sky is the limit“ , што дава помали трошоци со фамозната робусна конкурентност. Помалите не се во можност да парираат затоа што капацитетите за произведување им се девастирани и стануваат увозно зависни и неспособни да извезуваат.

НАТО уништува домашно производство, репродуцира безмилосно иселување во зоната на НАТО, торент од источниот блок од 1991 година. Луѓето се во потрага по богатството кое им се прелеало под куполата.

НАТО е falus partial object. НАТО е некастрирана животна енергија, меккејнов фалус во овердрајв, ладно мртво тело со стврднат фалус што не прифаќа дека Америка изгуби војна од виетнамски селани што садат ориз. Меккејн е мртовец со немртов фалус којшто бара домаќин за продолжување на цртаниот филм во бесконечно незауздано сечење, лепење, неумирање, кинење, своевиден death drive, а вреќата Трамп е нов домаќин на пришиениот уберфалус.

НАТО е екцесивен терор, слепа фантазерска стварност и линчовско ослепување од силна бела светлост како удар на нуклеарна бомба, обсцено задоволување на либидални инвестициски циклуси со мултиплицирачки вишоци и повеќе вишоци. Повеќе ова, повеќе она, повеќе НАТО во мрачната темна фикција на линчовско перверзно слатко и гадно темно, видео игра како македонската вазалска влада полна слабаци коишто во неможност да конструираат конструкт сами по себе, го превземаат идентитетот на садистички брутални убијци.

Во Македонија заокружена со земји членки на НАТО ќе се остваруваат само ниски плати во масовни гробници од 1000 евра.

По производството, дистрибуцијата и консумеризмот, мета-наратив за стварноста во Македонија е и преливот на ѓубрето во дневната исхрана со пластика, депонии, радиоактивен материјал, остатоци, вбризгани пестициди и антибиотици на тони од искасапени животински меса, анален аспект од непресушните налети на повеќе продукти, повеќе нешто за повеќе ништо.

Освојувањето на македонскиот пазар од развиените држави веќе се случи, а преливањето на додадената вредност кон богатите земји е вештачки подесен тек на капиталот. Иселувањето ќе продолжи со силно темпо. Еден милион луѓе во Македонија е одлична бројка.

Вишокот е екцес на фантазии и желби. Вишокот како профит оди кај газда, а дистрибуцијата само со плати не е доволна за да се купат продукти во вредност колку што чини продуктот со пресметаниот профит. Решението се војни за колонии и преплавување на продукти во новите територии кои овозможуваат пљачка и бесплатна работна рака.

Трудот гради пирамиди во робовладетелството, гради феуди во феудализмот, гради продукти во капитализмот на дваесетиот век како век на Никола Тесла со модерната индустрија и електромоторните погони и наизменичната струја. Трудот гради под сите „изми“, измите само кажуваат колку се исплатени трудбениците. Капиталот абсорбира ризик. Капиталот не создава работни места. Сите продукти во капитализмот се направени од работничка класа.

НАТО се раствора на европско и англо-саксонско крило. Ако Европјаните ги спојат сите армии ќе имаат мала мобилна достоинствена армија под заедничка команда којашто ќе се занимава со гранично управување, самоодбрана, заеднички вежби во нов евро-универзализам. Не е само кои ЕУ земји не се во НАТО, од Малта до Ирска и Австрија до Финска со Шведска, туку битни се и статусот на Исланд, Швајцарија и Норвешка.

Шведска и Швајцарија се градат сто години со штит на воена неутралност. Алепо од Втората светска војна е Берлин. Дамаск е девастираната до темел Варшава. Добар бизнис план е спремен и остварен за Сирија којашто од 20 милиони остана со 10 милиони бегалци во Турција, Либан, Европа, со внатрешно раселени. Полска со 24 милиони полјаци пред, остана со 18 милиони трауматизирани по антифашистичката војна. Украина остана без 7 милиони, а Русија без 15 милиони луѓе. Белорусија со 2 милиони жртви. Словените ги платија вишоците со животите на милиони во Втората светска војна. Холокауст за 6 милиони Евреи. Полјаците до ден денешен бараат репарации од Германија. Македонците положија 50 илјади жртви во војната. 25 илјади од оваа страна на границата со НОБ, па потоа НОВ, 20 илјади од другата страна на границата со Грција во ДАГ/ЕЛАС. Со експресен воз 7100 Евреи беа префрлени во Треблинка од бугарските фашисти. Дали некогаш ќе биде отплатена жртвата на милионите Словени со оглед на позицијата на НАТО антепортас.

За Македонија #Бојкотирам за партискиот референдум е поддршка за француската идеја за ослободување од американската хегемонија во Европа. Тоа не е идеја на Макрон, туку на Де Гол. Тоа е дел од новиот универзализам на Европа. Од Франција добивме вето за почеток на преговори со Европа, а ветото е во рамката на македонската пресметка со историјата на милитантното НАТО и европската идеја за Европа без милитантниот дел од Америка во неа. Народите на Европа ќе нѐ респектираат ако одбиеме влез во НАТО. Македонија е на сите маргини од Европа, но, во Европа. Припаѓаме на две големи културни подрачја, европското, но и славјанското. Сме и европски и славјански народ. Митот за разделените Словени е ставен на масата на Комунистичката партија на Кина како 16 + 1.

Влез на НАТО во Македонија е неможност за ослободување на Европа од Америка, затоа што властите на помалите народи се најбедни вазали. Европа е Европа само ако американската чизма не е во Европа. Затоа македонското #Бојкотирам има смисла. Европска команда на идни воени сили кои ќе ги водат Франција и Германија ќе биде надвор од НАТО.

Либералите се глупави што ги ставија во референдумското прашање на НАТО заедно со ЕУ. Како што е поставено прашањето, дискусијата за „името“ не е на дневен ред, со што постигнаа привид на триумф. Но, устата во која се плакне НАТО е уста на фашист. Се приметува елегантното неспомнување на PAX NATO во колумни на инвеститори, со нечесните исклучоци како PAX MACEDONIAE. Како да се чита референдумската треска и гласањето „ЗА НАТО“, ако не како читање на текстови на инвеститори. Непогрешливата либидална енергија на македонската берза во последната година го покажува тоа. Сите коишто го бранат неодбранливото „ЗА“ се инвеститори. Тие пак коишто го бранат „ЗА“ бона фиде се тешки будали, идијоти, затоа што нема подобри инвеститори како Македонците, коишто во 27 години на свој грб сфатија што е капитализам. 450 илјади луѓе јадат по еден оброк на ден. Каков пораз. Власт на една и замена со друга банда на власт и така во круг, од почетокот на гадната приватизација, којашто денес се прекршува како титанички амбис во идна историја којашто отвара.

– Без НАТО, Ве молам!

Трудот создава продукт, вишоците создаваат НАТО.

Не сакаме нашите вишоци да репродуцираат НАТО. Сакаме јавен и отворен универзитет, сакаме јавно здравство. Денес сакаме плати од 1000 евра.

На планетата нема што повеќе да се гради како физичка commons инфраструктура, иако со технологијата којашто е достапна денес можат да се реизградат сите градови на планетата со оптимален дизајн. Индустриските земји се влезени во #degrowth затоа што планетата е затворен систем со лимитирани ресурси. Сẻ е смислено и изградено во рамка на доцниот капитализам, oстанува да се отворат сите иновации за сите во рамки на лимитите на ресурсите и да настане лего игра на PAX PLANETА.

 

Автор: Кирил Минанов

|2018-08-30T15:27:43+00:0030 август 2018|Актуелно, Вести, Свет, Став|