Кавадарчани гневни кон идејата за отворање на нова тешка индустрија во нивниот град


СКОПЈЕ/КАВАДАРЦИ, 28.08.2018 – Низа на негативни реакции се појавија на социјалните мрежи откако премиерот Зоран Заев пред три дена објави детали од средба со градоначалниците, советниците, еколошките организации и други заинтересирани граѓани на Кавадарци и Неготино. Заев, заедно со Заменик претседателот на владата задолжен за економските ресори Кочо Анѓушев, дискутирале за заеднички прифатливо решение за да има пренамена на ИГМ од Г2 во Г1 индустрија, за да може да се реализира инвестицијата на фирмата ИГМ и нивниот партнер, компанијата JSW.

Како не ви е срам уште ИГМ да ја спомнувате, луѓето гинат умираат таму, и плус дозвола да му се даде во градот! Е ова нема да помине цело Кавадарци заедно на нозе, секој втор е болен од рак и се повеќе деца се болни, имаме ние еден трујач доволен ни е!!!

Не може да биде во интерес на граѓаните отворање на тешка индустрија. Кавадарци и вака е претерано загадено, се вели во некои од коментарите на граѓаните што му реплицираат на Заев.

Градоначалникот Митко Јанчев, користејќи зборови како многумина политичари во Македонија ја нарече оваа инвестиција „со витално значење за државата“.

Општината може да опструира  или не, но треба да има аргументи и став, рече Јанчев, нарекувајќи ја инвестицијата од државно стратешко ниво.

Компанијата JSW  од Индија која во тандем со ИГМ Трејд сака да инвестира во проект за ладна валалница со модерна технологија, ветува за жителите на Кавадарци дека ќе се отворат најмалку 250 работни позиции, а цел проектот ќе чинел повеќе од 60 милиони евра.

И додека со пренамената се ветуваат работни места, поголем економски бенефит за Кавадарци и „витален“ државен интерес за Македонија, здравјето и чистиот воздух на кавадарчани треба да биде пред се’. Пренамената од Г2 во Г1 индустрија е сериозна работа која најмногу може да влијае во уривање на еколошката состојба во Кавадарци и регионот. Додека ознаката Г2 е за лесна индустрија која не користи многу суровини и не генерира штетни еманации, Г1 е ознака за тешка  и загадувачка индустрија со искористување на многу суровини и материјали и произведување на штетни еманации.

ИГМ Трејд  постои од 1994 година, изработува заварени цевки и профил, а вработува 250 луѓе.

|2018-08-28T09:04:37+00:0028 август 2018|Актуелно, Вести, Економија|