Затворениците од САД штрајкуваат против „модерното ропство“

САД, 23.08.2018 – Затворениците од сите Соединети држави на Америка (САД) во вториникот започнаа двонеделен штрајк во знак на протест против „модерното ропство“ кое се случува во затворите, објави Организацискиот комитет на затворските работници.

Огромната армија на мажи и жени кои отслужуваат казна во Америка иброи  2,3 милиони, и е најголемата затворска популација во светот – а самиот настан има потенцијал да биде најголемиот затворски штрајк во историјата на САД.

Затворениците што учествуваат во штрајкот нема да започнат со работа на своите работни места во затворите. Наместо тоа, тие планираат мирно да протестираат,  да престанат да трошат пари во затворот и да започнат штрајк со глад, според соопштението на Jailhouse Lawyers Speak,  групацијата која ги застапува затвореничките права и која го иницираше протестот.

Не се знае точно колку затвореници учествуваат во протестот.

Затворениците што протестираат објавија десет барања кои ги вклучуваат барањата за подобри услови, надомест во висина на минимална плата за затворскиот труд, реформи во изречувањето на казните и повеќе услуги за рехабилитација.

Првиот ден од штрајкот се случи на годишнината од смртта на афро-американскиот активист и автор Џорџ Џексон. Џексон бил убиен од затворски чувар во 1971 година, во обид за бегство од Калифорнискиот државен затвор Сан Квентин, кадешто држел стражари и затвореници во заложништво.

Протестот се очекува да трае до 9-ти септември, датум кој го одбележува денот кога започнаа немирите во затворот Атика во 1971 година во Њујорк, кога речиси половина од 2.200-те затвореници ја презеле контролата во затворот,  држеле 42 вработени како заложници и направиле листа на барања. Преговорите биле прекинати четири дена подоцна, а гувернерот и нареди на државната полиција да ја поврати контролата врз затворот. Инцидентот резултираше со смрт на 29 затвореници и 10 заложници.

Jailhouse Lawyers Speak потенцираат дека моменталниот протест е насочен кон зголемување на јавната свест за експлоатациските затворски услови.

„Во основа тоа е прашање за човековите права. Затворениците разбираат дека се третираат како животни. Знаеме дека нашите услови предизвикуваат физички повреди и смртни случаи кои би можеле да се избегнат кога на креаторите на политиките за затвореници всушност би им било гајле.“, се вели во соопштението на организацијата објавено во почетокот на овој месец.

Затворениците  кои одбиваат да ги извршуваат должностите може да бидат казнети со самица, или други методи. Организацијата за човекови права ACLU ги повика службениците да нe користат насилство или одмазнички методи.

„ACLU ја дели визијата на затворениците што протестираат на национално ниво за укинување на масовното затворање“, изјави Уди Офер, директор на Кампањата за правда на ACLU.

Во април, спорот помеѓу затворските банди во казнено-поправниот дом во Јужна Каролина ескалираше преку немири што оставија седум мртви и 17 повредени. Тогаш, затворските офицери беа критикувани поради нивната неактивност во запирање на борбата. Овој штрајк носи додатно чувство на загриженост затоа што повеќе од 2.000 затвореници во Калифорнија помагаат во борбата против огромните шумски пожари во државата. Вонредните затворски пожарникари заработуваат 2 долари дневно, плус 1 долар на час и намалување на затворската казна.

Извор: https://www.huffingtonpost.com/entry/prison-protest_us_5b7c16e9e4b05906b41787d9

|2018-08-23T09:20:07+00:0023 август 2018|Актуелно, Вести, Свет|