Светски играчи: државите, или класите?

Еден век по Гоцевите зборови: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар помеѓу народите“, светот сè уште е поле (на realpolitik и отворен пазар) за (воено-економски) натпревар меѓу државите и корпорациите.

Се вели дека правилата на игра во светскиот економски и политички простор се еднакви за сите и гарантирани од меѓународните економски и политички организации. Сепак меѓународното право постојано се крши, а првобитната акумулацијата на капиталот уште пред повеќе од три века го направи своето. Затоа појдовните точки од кои тргнуваат светските играчи (државите и класите) се далеку од рамноправни и се вкоренети во вековната меѓудржавна и класна нееднаквост. Тоа ги става веќе етаблираните играчи во постојана и незагрозена предност.

На една страна имаме држави-фаворити кои се предоредени за победи, полнење на домашните витрини со трофеи и зголемување на парични награди, а од друга страна е огромното светско население, „држави-аутсајдери“ и потиснати класи и слоеви преодредени за порази, празнење на домашните витрини и зголемување на парични долгови. Затоа повеќе од смешни (т.е жални за коментар) се очекувањата на македонските граѓани кои ќе гласаат „ЗА“ на престојниот референдум, а кои со влезот во НАТО и ЕУ сметаат дека ќе фатиме приклучок со развиениот запад.

Но, во овој текст не станува збор за ваквите нееднаквости. Она со што се расправа овој текст е одговорот на прашањето: Кој ја има превласта на светската сцена (државните врз класните, или класните врз државните интереси).

Помеѓу realpolitik пристапот и марксизмот

За одговор на прашањето: „државите, или класите?“ – воглавно има две теории за кои се клучни различни појави. За реал-политик теоретичарите, историјата ја движат односите меѓу државите.

Политичкиот реализам подразбира традиционално разбирање на политичката моќ во меѓународните односи. Ова гледиште во основа е усвоено од страна на теоретичарите кои ги елаборираат државната моќ, постигнувањето меѓународни интереси, како и конфликтот (вклучувајќи ја и војната) помеѓу државите. Тие сметаат дека територијално суверените држави се главни актери во светската политика. Пропагаторите на овој став, исто така, претпоставуваат дека државите, во согласност со нивната природа, се склони кон територијално проширување и се насочени кон личниот просперитет, а исто така и придонесуваат за постоењето на неизбежната натпреварувачка конкуренција поради судирот на интересите за моќ. (Јан Арт Шолте, Глобализација, Академски печат, Скопје 2008)

Додека за марксистите, историјата ја движи класната борба.

Марксистичките теории нудат теории за глобализацијата, при што структурите на моќта се ставаат на прво место; имено, станува збор за класните односи. (…) Според марксистичките теории, глобализацијата се случува бидејќи светската поврзаност ги зголемува можностите за создавање профит и за акумулација на вишок. Поточно, марксистите кажуваат дека глобализацијата е стратегија која ги оспособува: капиталистот, буржујот и акумулирачката класа да ги земат ресурсите и надмоќта над работниците, над пролетеријатот и експлоатираната класа. (…) Државната политика и меѓудржавните конфликти за моќ за марксистите не се вистински причини за глобализацијата, туку тие повеќе суштински ги изразуваат влијанијата на капитализмот и на класната борба. Доминантните држави би биле во состојба да применуваат сила во процесот на промовирање на глобализацијата, но обично тоа го прават со цел да остварат капитал, отколку во насока на остварување на некој фиктивен „државен интерес“  (Јан Арт Шолте, Глобализација, Академски печат, Скопје 2008)

Неолиберален НАТОизам

Кој го врати либерализмот на светската политичка и економска сцена, т.е. кои се креаторите на неолиберализмот? Кои се управувачите на современите глобализациски текови? Кои се светските воено-економски центри на моќ? Дали се тоа државите, или транс-планетарната владејачка класа? Владите, претседателите, дипломатите или милјардерите, банкарите и менаџерите?  Се поставува прашањето кој има превласт: политиката врз економијата или обратно (економијата врз политиката). Дали рапидното зголемување на нееднаквоста меѓу државите истиснува еден ред надмоќни држави кои (и покрај вмреженоста на државите во меѓународни организации) одлучуваат за севкупната глобална политика надвор од тие институции, при што политички моќните елити се не само над политички инфериорните, туку и над севкупните економски чинители? Или пазарот и транспланетарната отворена економија, од една страна, толку ја зголемила корпоративната моќ, а од друга страна толку го релативизирала постоењето на државните граници, при што маргинализирањето на значењето на државата истовремено значи дека моќните економски елити се над политичките?

Очигледно одговорот на горепоставените прашања било едно заедничко гледиште дека глобализациските текови ги насочуваат само моќните политички и економски елити. Имено, во современиот свет борбата меѓу државите се задржа, а меѓу класите се ограничи на ефективна борба во рамките на самата транснационалана капиталистичка класа.

Притоа се измести поранешната времена рамнотежа по падот на блоковската поделеност. Денес светот добива изглед на униполарен свет кој со воено-еконосмкиот раст на неколку други држави, се стреми да биде полицентричен. Класната борба на вертикално ниво меѓу буржоазијата и работничката, која го одбележа ХХ век, донесе крупни промени во државните поредоци и начините на призводство и регулација на економијата. Сепак, подигањето на моќта на неолиберланото крило на глобализацијата во 80-тите години од ХХ век и’ зададе тешки удари на работничкта класа (видени во светлото на маргинализацијата и немоќта на синдикатите и работничките партии), што пак доведе до распад на западниот модел на држава на благосостојба и источниот модел на социјалистички републики. Притоа класната борба и во современиот свет е сеприсутна, но ја нема онаа обликувачка моќ на светските текови, како што ја имаше во најголемиот дел од ХХ век. Современото обликување на глобализационите текови е резултат на внатрешната борба во рамките на самата транснационална капиталистичка класа (видена во светлото на богатството и моќта на транснационалните корпорации, лоби групите и водечките капиталистички држави).

Клинтон, Трамп, Шеќеринска и даље на Запад

Сепак, со стапувањето на светска сцена на неолиберализмот, претходниот однос на ривалство меѓу политичките и економските елити на моќ денес е сè повеќе партнерски во интерес на транспланетарната, економски и политички – владејачка класа. Ова може да се согледа од еден историски момент како што беше Вашингтонскиот консензус.  Новите правила на игра од познатиот Вашингтонски консензус не настана како плод на безличното влијание на светскиот пазар, туку како резултат на спогодбата (deal-от) измеѓу Бил Клинтон и банкарите од Wall Street на гала банкетот посветен на финансирањето на неговата изборна кампања. На неговото ветување дека доколку биде избран за претседател, ќе настапи како промотор за слободна циркулација на капиталот на светската арена, Wall Street банкарите возвраќаат со поддршка на неговата кандидатура.

Што ветил сега мултимилијардерот Трамп, допрва ќе видиме. Засега, воениот буџет на САД е зголемен на рекордни близу 4% (што во бројки значи 800 милијарди евра годишно!). НАТО го штити западниот конзорциум на нафтени корпорации и комерцијални банки. Дури и земјите членки на НАТО во Европа (читај Европската Унија) беа истргани за уши на последниот самит на НАТО, да одвојуваат повеќе за војување против земјите и народите во светот доколку помислат да се спротистват на светските газди и воспоставениот монетарен систем на отворениот пазар.

Последна информација кај нас е од типот: „додека немаме за леб, трошиме на НАТО“. Министерството за одбрана предводено од „социјалдемократот“ Радмила Шеќеринска, веќе е предводник во издвојувањето средства за консултативниот референдум (1 милион евра за НАТО Фест 2). Во некои минати времиња, СДСМ ќе прашаше колку Тамари се тоа. Но, сега немаме алтернатива. Блескава иднина не’ очекува, нема дилема.

„Македонија оди напред во НАТО и ЕУ“.

 

Автор: Зоран Василески

|2022-07-03T18:30:49+00:0021 август 2018|Актуелно, Гласни идеи, Економија, Став|