Антирасистичките групации во Италија предупредуваат дека таму се случува постојано зголемување на нападите на имигранти. Регистрирани се 12 напади со огнено оружје, две убиства и 33 физички напади во двата месеци откако Матео Салвини, лидерот на екстремната десничарска партија Лига, влезе во владата на местото министер за внатрешни работи. Политичарите од опозицијата го обвинуваат Салвини за создавање на атмосфера на омраза околу нападите, што коинцидираат со анти-имиграциското расположение што предизвика затворање на Италијанските пристаништа за невладините организации и нивните бродови за спасување, како и завет дека ромите кои не се декларирани италијанци ќе бидат избркани од државата.
Во еден инцидент во Јули, 13-месечно ромско девојче било застрелано во грбот со куршум од воздушен пиштол. Во најмалку два неодамнешни напади на имигранти, сторителите наводно го извикувале името на Салвини.
„Пропагандата околу анти-имигрантските политики несомнено влијаеше на создавање на една атмосфера на непријателство и на легитимирање на расното насилство,“ изјави Грација Налето, менџарката на одделот за миграциски политики и расна дискриминација при асоцијацијата Лунариа, која објавува квартални извештаи за бројот на расно мотивирани напади во Италија.
„Се соочуваме со опасна акцелерација на епизоди на насилство насочено кон мигрантите,“ рече Налето. Групацијата регистрирала 9 напади на имигранти во периодот од 1 јуни до 1 август во 2017 г, без напади со огнено оружје и убиства – што е помалку од третина во однос на нападите кои се случиле во истиот период оваа година.
Во неделата, човек од Мароко кој се наоѓал во Априлија, место кое е 17 милји оддалечено од Рим, бил последната жртва. Тој бил следен и претепан до смрт од страна на двајца млади италијанци кои настојувале дека е крадец. Три дена пред настанот, во Винченца, североисточна Италија, 33-годишен работник во фабрика од Капе Верде бил повреден од истрел. Осомничениот е 40-годишен италијанец кој пукал од прозорец од неговиот дом.
Во четврток вечерта, во Неапол, Цисе Елхаџи Диебел (22), уличен продавач од Сенегал со регуларна потврда за престој бил ранет со куршум испукан од две лица на мотор.
Во Неапол во Јуни, Конати Боуиаги, 22-годишен имигрант од Мали, кој имал дозвола за престој, бил погоден од куршум испукан од две италијански момчиња. Девет дена пред тој настан, во Касерта, северно од Неапол, две други лица од Мали биле изрешетани со куршуми од воздушен пиштол испукани од црн Фиат Панда. Напаѓачите, и двајцата италијанци, го извикале името на Салвини.
Двајца вработени во железницата во Венеција кои во Јули оваа година претепале нивен колега во станицата, по потекло од Африка, според зборовите на нападниот, му рекле „Ова е земјата на Салвини.“ Црна италијанска атлетичарка Дејзи Осакуе, претрпела повреда на окото кога била погодена од јајце во Турин.
Салвини има изјавено дека „бранот на расизам е едноставно измислица на левицата“ и како одговор за растечката критика сподели твит во неделата, кој гласеше „многу непријатели, голема чест“ – референца на цитат од Бенито Мусолини, на ден кој исто така беше и годишнина од раѓањето на фашистичкиот диктатор.
Првиот потег на Салвини од позицијата на министер за внатрешни работи, на 1-ви јуни, беше реченицата „Помина времето на илегалците.“
Таа иста вечер, во Росарно, во јужната провинција Реџо Калабриа, во главата беше погоден со куршум Соумалиа Сако, 22 годишен имигрант од Мали кој бил во потрага по метални парчиња за да си ја поправи колибата во едно од огромните кампови кои вдомуваат илјадници ниско платени имигранти кои пак работат на полињата во регионот.
„Изјавите против имигранти, речиси секогаш проследени со лажни вести, се чини дека ја легитимираат употребата на насилство против азилантите, кои често се сметаат за паразити и дојденци. Никогаш не сум видела вакво нешто во оваа земја, и не гледам лесен излез од ова“, изјави Иван Сањет, антирасистичка активистка од Камерун и претседател на Но Кап (No Cap) асоцијацијата, која се бори за подобрување на правата на работниците имигранти.
Постоеја наговестувања за ваквото насилство кога на 3 февруари во Масерата, еден месец пред државните избори, Лука Траини пукаше во 6 имигранти, повредувајќи ги сите. Во неговиот дом беше пронајдена иконографија типична за екстремната десница, вклучувајќи и примерок од Хитлеровата „Мојата Борба“. Година дена претходно, Траини беше кандидат на партијата Лига за тогашните локални избори во Коридониа.
„Екстремната десница најде партија преку која може да зборува. Мигрантите во Италија ги заменија евреите за време на фашизмот. Ова е една од најекстремните десничарски влади од падот на фашизмот“, изјави Карла Несполо, претседател на Националната Асоцијација на Италијански Партизани, група основана од учесници во италијанскиот отпор во Втората светска војна.
Мамаду Сал, претседателот на Фирентинската Сенегалска асоцијација и италијански граѓанин кој живее во земјата повеќе од 20 години вели дека сака да си замине.
„Секогаш кога зборувате со италијанец сфаќате колку се променил нивниот менталитет. Тие сега се поблиску до светот на фашизмот, и зборуваат за добрите работи кои фашизмот ги постигнал за време на војната“ вели тој.
Сал беше во првите редови за време на протестите против италијанската влада по смртта на Иди Диене, уличен продавач од Сенегал кој беше убиен на 5 март, денот после италијанските избори. Диене беше застрелан 6 пати додека продавал на својата тезга на мостот Веспучи во Фиренца. Неговиот убиец беше Роберто Пироне, 65-годишен италијанец кој и кажал на полиција дека планира да се самоубие бидејќи бил во многу тешка финансиска ситуација. Тој рекол дека бидејќи не можел да собере храброст за да се самоубие пукал во првата случајна мета која ја нашол. Судот го отфрлил расниот мотив, што предизвика гнев кај сенегалската популација во градот.
Во трагичен пресврт се откри и дека Диене (54) бил роднина на Самб Модоу, кој беше убиен од страна на Жан Лука Касери, поддржувач на фашистичката партија Каса Паунд, кога тој отворил оган во два од централните пазари во Фиренца во декември, 2011 г.
Додека се чини дека италијанската влада се обидува да го игнорира проблемот, полицијата работи на тоа да ги доведе виновниците пред лицето на правдата и во изминатите неколку недели беа изведени неколку апсења. Пред две недели, општинскиот адвокат во Турин, Армандо Спатаро, откри мерки за борба против расно мотивираните кривични дела, и ги таргетираше сите кои ќе направат „кривични дела мотивирани од омраза или етничко-религиозна дискриминација“. Наредниот ден тој доби навреди и закани од поддржувачите на Салвини на социјалните медиуми.
„Не постои вредност за луѓето со различна боја на кожата. Кога црн човек е убиен секогаш постои изговор. Но кога странец убива италијанец фокусот е единствено на фактот што напаѓачот бил странец и на неговата боја на кожа“, рече Сал.