Иљо Малинов од Штука: „Нема рудник, струмичко поле ќе раѓа храна за тај народ!“

ИЛОВИЦА/ШТУКА, 27.07.2018 – Жителите на селата Иловица и Штука се едногласни со став дека рудник не сакаат и не смее да има. Редакцијата на Гласник во соработка со антропол.мк, како и здружението Здрава Котлина од Струмица ја посети струмичката котлина. Во селата Иловица и Штука кои се најблиску до местото кадешто е рудникот жителите јасно и гласно велат дека рудник нема да има. Разоваравме со повеќе селани, а отворено и аргументирано пред нашата камера зборуваше дедо Иљо кој нагласи дека рудник нема да има, затоа што, како што рече, струмичкото поле треба да раѓа храна за овој народ.

Ридот над селото Иловица кадешто е планирано ископ

Иљо Малинов е земјоделец од селото Штука, коешто е речиси споено со селото Иловица. Тој има околу 73 години, но е витален работник кој секојневно оди на полето кадешто одгледува разни земјоделски култури, а воедно е активен во борбата против изградба и работа на рудникот во Иловица. Тој заедно со здружението Здрава Котлина протестира уште од почетокот на оваа борба.

 

 

Како свесен работник, дедо Иљо за Гласник ги набројува пропустите кои компанијата која сака да го отвори рудникот, Еуромакс Рисорсис во соработка со власта ги прават во неколку наврати. Објаснува дека како дел од ПР стратегијата вработувањата кои ги ветуваат се неспоредливо невредни во однос на штетата која ќе биде причинета на цела струмичка котлина доколку се дозволи работата на овој рудник.

На крај тој упатува апел до Зоран Заев и неговите соработници, да седнат и убаво да размислат, како што вели, „што ќе направат ако дозволат рудник да има тука“.

Авторка, фотографии и видео: Сенада Ибраимова