(Фоторепортажа) Антифашистичка Битола сардисана од ревизионисти и неонацисти

Битола, градот на конзулите, градот на младите битолски комунисти или градот на вандалите – младите битолски неонацисти? Како град на конзулите, Битола е препознатлив по својата архитектура и по некој преостанат конзулат, како тој на Р. Бугарија во чиј двор, покрај бугарското, гордо се вее и знамето на НАТО воениот сојуз.

Сепак, чекор погоре по булеварот Први Мај, Битола чува спомен на зародишот на една друга војска, Народноослободителната војска на сојузот меѓу македонските партизани, работници и селани, а тоа е спомен чешмата на Леринско-костурската народноослободителна бригада.

Интересен натпис на спомен чешмата. Дали со неодамна потпишаниот Преспански договор (во близина на Битола, во Отешево) натписот на оваа чешма ќе треба да се тргне или ревидира?

Во близина на спомен чешмата, пред дворот на гимназијата Јосип Броз Тито, има мурал на кој е претставена борбата на македонскиот народ против бугарскиот окупатор. Ако бугарите во периодот 1941 – 1944 не биле окупатори (како што се договори Заев со својот колега Бојко Борисов во Бугарија), учениците во Гиманазијата Јосип Броз Тито, ќе останат збунети за тоа против кого се бореа овие луѓе?

И не само тоа, чекор погоре по булеварот, се наоѓаат и спомен обележја поставени на местото на бугарскиот фашистички затвор, во кој биле ѕверски измачувани околу 250 политички затвореници (комунисти, борци против фашистичкиот режим на бугарскиот окупатор). Педесет од нив биле осудени на смрт, дваесетмина на доживотна затворска казна, а останатите на строг затвор, до 20 години. Прво спомен обележје е оваа плоча која според договорот Заев-Борисов и Заев-Ципрас, плаче за отстранување или ревизија:

И не е само оваа плоча. Согласно големо-државничката улога за евро-атланизирање на Македонија, власта на својата локална експозитура во Битола, ќе дојде време кога ќе и каже дека треба да се тргнат и овие спомен обележја, кои што едноставно не може да се ревидираат:

Се’ уште сме во близина на Гимназијата Јосип Броз Тито (во Битола позната како „Горната“). Значењето на оваа гимназија го сведочи овој натпис над влезот.

Власта, како еден од најголемите успеси на т.н. Преспански договор го истакува зајакнувањето на идентитетот што се постигнал со договорот. Особено се потенцира „успехот“ што македонскиот јазик останал македонски. Битола прашува: од каде потребата за истакување на ваков „успех“ кога Битола е градот во кој за прв пат, уште во 1945 година, на современ и литературен македонски јазик, започна да работи првата гимназија во Македонија. Воедно македонскиот јазик (покрај српско-хрватскиот и словенечкиот) е еден од трите официјални јазици на СФРЈ, федерацијата, една од основачите на ООН.

 

 

Патот не води, низ старата битолска чаршија, во Широк сокак. Крајот на познато „корзо“, како верен стражар, го чува споменикот на народниот херој Стеван (Стив) Наумов. Во септември 1942 година,  Стив Наумов заминал на партиска задача во Преспа каде, кај селото Болно, Ресенско, во борба против бугарската војска и полиција се самоубил, заедно со неговиот соборец, народниот херој Мите Богоевски.

 

 

 

 

После овој споменик, пред нас се отвори Градскиот парк во Битола, кој е еден од поубавите и поголемите паркови во Македонија. Истиот  веројатно е втор по големина во државата, после градскиот парк во Скопје. Големината на градскиот парк во Битола се огледува и од начинот на кој е уреден. Младите и старите битолчани, и посетителите на градот, од двете страни на шеталиштето, ги придружуваат и ги потсетуваат на славното минато, над 20 бисти на народни херои и паднати борци од Народноослободителната борба и партизанското движење.

 

 

Но, овие бисти се честа мета на вандали. Речиси и да нема година во која градскиот парк во Битола е „оставен на мир“. Во изминатите години, беа срушени и оштетени бистите на паднатите борци и народни херои Елпида Караманди, Христовски Стево – Патако, Лумбарковски Славко, Мирка Гинова и други. Срушените и искршени бисти беа заменети со нови, кои со својот нов изглед, секојдневно сведочат за вандализмот кој се случил…

Последна жртва на вандализмот во Битола беше бистата на Панде Кајзеро:

„Постои континуирано уништување на споменици и спомен – бисти. Постојано се случува спомен – бистите да бидат премачкувани со боја и да бидат уништувани мермерните плочи. Во неделата на денот на роденденот на Панде Кајзерот (15.07.2018 година) во Битола неговата спомен – биста е скршена, отстранета и фрлена, а мермерот е видно уништен. Како Сојуз на Борци од НОАВМ и граѓани продолжувачи се прашуваме зошто тоа се случило токму на денот на неговиот роденден? Се прашуваме кој го направи тоа и зошто? Изненадени сме од постапката на оние кои се осмелиле ова да го сторат. Панде Кајзерот како и останатите негови соборци ги дадоа животите за слобода на овој народ и заслужуваат почит. Бараме од надлежнинте органи да ги најдат сторителите и да утврдат која им била целта“, пишува во писмената реакција на Општински Одбор на Сојуз на Борци од НОАВМ – Битола.

За вандалите не се цел само бистите во паркот.

Последната информација говори за вандалски чин и на спомен-обележјето на бугарскиот фашистички затвор. Овие вандали со искривена идеологија за тоа кој бил заслужен за современата македонска држава, а кој бил противник и окупатор, пред само неколку дена ги искршија таблите на кои се овековечени младите битолчани кои се спротиставија на окупацијата, бивајќи измачувани, бесени и убивани од бугарските фашисти.

Завршувајќи ја оваа фоторепортажа, видовме три лица на Битола.

Првото лице е Битола, град на конзулите во кој гордо се вее знамето на НАТО пактот, пакт под чиј притисок Македонија склучува договори со соседните земји за ревидирање на својата антифашистичка и асномска историја.

Второто лице е Битола, град на партизанската епопеја на младите битолчани, комунисти и борци за македонското национално и социјално ослободување, кои своите животи ги положија за таа цел, не плашејќи се од фашистичките злосторници и нивните затвори за измачување.

Третото лице е Битола, град на младите неонацисти, кои го вандализираат и тормозат градот со нови и нови злодела, чија цел е бришење на трагот што го оставија нивните свесни и храбри претходници, младите битолчани, партизани на народното ослободување на Македонија.

Каква иднина ќе има Битола, и цела Македонија, зависи од лицето со кое ќе излезе пред своите жители и пред светот…

Фоторепортажата ја подготвија Зоран Василески и Џејлан Велиу, членови на Президиумот на политичката партија Левица.