После фијаското на НАТО-фестот за чија организација, колку што може да се увиди од официјалните бројки, владата потроши дури над 200.000 евра. Домашните НАТО агитатори, на чело со Владата се разбира, почнаа сериозно да стравуваат дека случајно може и да не добијат посакуван резултат на планираниот референдум во кој се имаат прекрстено.
Со овој „граѓански“ настан Владата вешто одбра таргет група – младите во оваа земја кои или не се баш заинтересирани за политичките процеси или пак тие што веќе се интересираат сериозно ги преиспитуваат тврдењата на владата или било која политичка група, па нив не може да им се наметне онаа небулозна и малоумна пропаганда дека членството во НАТО е услов за членство во ЕУ. Но, рекламната владина машинерија и тука тромаво се обиде да изигра. Имено, идејата да ги извади на сцена идолите на помладата популација, без да ги информира во насока на тоа што и зошто се слави, под какви симболи ке свират и обидот да ги представи како НАТО поддржувачи – не помина. Ниту уметниците се наивни а пак уште помалку младите. По се изгледа последно како обид ќе остане да го наместат референдумот. Ова го велам со оглед на тоа што најсилната опозициска партија ДПМНЕ кокетира по ова прашање и срамежливо најавува учество на референдумот, а не негов бојкот, што е единствена опција тој да НЕ успее и договорот со Грција да пропадне. Втората пречка во спроведувањето на ваквото сценарио, меѓународната заедница, се чини дека е лесно пребродлива, затоа што таа согласно своите финансиери нема да биде тешко да се оркестрира во својот „мониторинг“ па дури и оперативно да биде ставена на располагање во исполнување на ваквата операција во местење на референдумот.
Бламажата со НАТО-фестов расипа многу сметки, и тоа не само во редовите на нашата Влада, туку сигурно и пошироко, меѓу разните бои на елитистичките владеачки класи. Владата, типично за денешните фашизоидни феномени каде се пласираат чуден и збунувачки микс на револуционерни призвуци за масите од една страна и реакционерни класни политики од друга страна, се обиде да изманипуилира со младите, но не успеа. Нема дилеми дека увиден е овој стихиен отпор на македонското население, па согласно ваквиот шок веднаш почна сеењето страв како фашистичка одлика на власта за побудување на масите. Во нашиов контекст „националната безбедност“ (загрозена од Русија?!) освен што е секојдневна мантра на Владата во нивната агитација за промена на името и согласно тоа влез во НАТО, сега е изговор и за општа репресија. Не помина ни еден ден од бледата НАТО забава а Владата прогласи цели политички субјекти и видни индивидуалци за Руски платенници! Ако се прашувате до каде може да оди ова, па до таму што Заев да се обиде да се јави на Американскиот претседател Трамп за да побара помош во успешен референдум?!
Замислете, „бизнисмен симпатизер на руската кауза“ исплатил од 13 до 21 (доста простор за несигурност!) илјади долари за да го направи референдумот неуспешен. Па, господа, на времето колку бизнисмени ја поддржаа вашата кауза за уништување на народниот имот за потоа истиот да го купат за ефтини пари за потоа да го рентаат народот за бедни минимални плати?! Потоа, колку пари беа истурени од фондациите задолжени за лоботомирање на политичката свест кај масите за да ја оправдат приватизацијата и притоа да ја придушат секоја автентична иницијатива за поинаква Македонија и особено поинаква транзиција со поинаква економска филзоофија; да го наметнат како единствена алтернатива неолиберализмот!?
На крај, драги челници, па еве и вие со државни пари ја почнавте кампањата за поддршка на срамниот и небулозен договор со Грција, и тоа пред да биде распишан референдумот, а уште помалку па и завршен а договорот одобрен на истиот! Само да владееше правото во оваа држава вие ќе требаше да одговарате за предвремена кампања како и неовластено трошење на буџетски пари за партиска пропаганда. А, пак, да имаше критичка свест медиумите на глава ќе ви се качеа за тоа како промовирате нешто како државен став кој што не е одобрен на планиран референдум уште и неговата промоција кон патот на референдумот ја финансирате со буџетски пари!
Текстот е преземен од Антропол.