Со драматичното влошување на граничната политика на Европскиот блок, кое се случува во согласност со антимиграционите популисти на континентот, Eвропската Унија (ЕУ) ги осуди спасувачките бродови кои ги спасуваат бегалците коишто се обидуваат да го преминат Средозменото море.
По самитот во Брисел лидерите на ЕУ го поддржаа пристапот на новата популистичка влада на Италија кон спасувачките бродови, сугерирајќи дека спасувачите треба да се држат настрана и би можеле да го прекршат законот со помагање на оние што се во неволја.
Во комуникациите објавени од страна на Европскиот совет се вели дека управувачите со бродови мора да чекаат на дозвола од страна на Либиската крајбрежна стража, што за невладините организации е еднакво на „свесно осудување на ранливи категории на луѓе да бидат заробени во Либија, или да загинат на отворено море.“
Оваа нова политика, која е дел од серија на мерки донесени во замавот на антиимиграциското расположение низ целиот континент се појавува само неколку часа откако излезе веста дека повеќе од 100 луѓе се удавиле во близина на Либискиот брег.
Матео Салвини, лидерот на италијанската екстремно десничарска партија „Лига“, оваа недела пред состанокот изјави дека “незаситните” невладини чамци им помагаат на “шверцерите со луѓе” и дека тие не треба да “ја нарушуваат” крајбрежната стража и да “предизвикуваат проблеми”.
Кога крајбрежната стража на Либија ги зема бегалците и мигрантите кои се во неволја во морето, ги враќа во Либија, која моментално е во екот на граѓанска војна и каде што се евидентирани тортура и нехумани притворања. Чамците на невладините организации често ги носат луѓето што ги спасуваат во Европа каде што можат да аплицираат за азил. Невладините чамци за спасување работат надвор од либиските територијални води и ја имаа поддршката од италијанските власти сѐ до промената на владата на почетокот на јуни.
Според заклучоците од Европскиот Совет кои беа објавени во петокот, европските лидери му се придружија на Салвини во осудата.
„Напорите да се сопрат шверцерите кои дејствуваат во Либија или на други места мора уште повеќе да се засилат. Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува Италија и други држави-членки кои се во првите борбени линии“, изјавија тие.
„(Европската Унија) ќе ја зголеми поддршката за регионот Сахел, Либиската крајбрежна стража, крајбрежните и јужни заедници, условите за прифаќање на загрозените лица, доброволните хуманитарни напори, соработката со државите од каде бегалците потекнуваат, и во кои транзитираат, како и доброволното раселување.
Сите бродови кои оперираат во Средоземното море мора да ги почитуваат законите и да не работат против операциите на Либиската крајбрежна стража“, истакнаа европските лидери.
EУ лидерите беа обвинети од страна на добротворните организации и организациите за човекови права дека со новите политики имаат “избрано да им се додворуваат на ксенофобичните влади”.
Карлине Клејер, шеф за вонредни состојби во Лекари без граници, организација која помага во некои од спасувачките бродови, рече дека спасувањето животи во морето не е криминал. Таа додаде дека земјите-членки на ЕУ ја отфрлаат својата одговорност за спасување на животот и оти намерно осудуваат ранливи луѓе да бидат заробени во Либија или да умрат во морето.
„Тие го прават тоа потполно свесни за екстремното насилство и злоупотреба кои бегалците и мигрантите мора да го издржат во Либија. МСФ ги поттикнува европските влади да покажат основна пристојност и да не заборават дека зборуваме за човечки животи и човечко страдање. Можат да почнат со тоа што ќе се обврзат да пребаруваат и спасуваат, и да спроведат транспортирање на безбедни места, а тоа да не биде Либија“, потенцира Клејер.
Иверна МекГован, директор на канцеларијата за европски институции на Амнести интернешнал, изјави: „По неколкудневните расправии, лидерите на ЕУ потпишаа широк спектар на опасни и себични политики кои би можеле да ги изложат мажите, жените и децата на сериозна злоупотреба.“
„Самитот беше шанса да се поправи европскиот разрушен систем за азил и да се создадат политики кои ќе се темелат на праведност, ефективност и сочувство. Наместо тоа, европските лидери избраа да им се улизуваат на ксенофобичните влади, решителни да ја задржат Европа затворена, и да им префрлат уште повеќе одговорност на државите надвор од Европската Унија“, додаде таа.
Лидерите на ЕУ на самитот се согласија дека ќе ја анализираат идејата за воспоставувањето на процесни центри за мигранти во Северна Африка, ќе ги зајакнат финансиските средства за либиската крајбрежна стража и ќе создадат нов систем за финансирање кој ќе им помогне на земјите-членки да се борат против нелегалната миграција. Тие исто така, се согласија да воспостават контролирани области за да ги држат мигрантите кои ќе стигнат до Европа, иако се’ уште не е јасно каде ќе се наоѓаат.
Либиската крајбрежна стража изјави дека околу 100 луѓе се најверојатно мртви откако еден брод се преврти во близина на Триполи. Тие изјавија дека успеале да спасат 16 мигранти. Портпаролот на организацијата цитираше преживеано лице од Јемен кој изјавил дека бродот пренесувал околу 125 мигранти пред да се преврти, меѓу кои и жени и деца.
Деконструирајќи го концептот на „платформа за напуштање“, Доналд Таск, претседателот на Европскиот совет за медиумите рече: „Тоа е место за безбедно процесуирање, чија главна цел е да прима мигранти кои биле спасени во спасувачки операции, каде ќе можат да се разделат економските мигранти од вистинските бегалци, потоа да се враќаат назад мигрантите, а да се сместуваат бегалците.“
Извор: www.independent.co.uk