СКОПЈЕ, 20.05.2018 -Голготата на пазарџиите од Бит Пазар продолжува. Протестираат повеќе од една недела, но дел од институциите си поигруваат со нивните судбини давајќи им лажни ветувања а дел од раководните лица едноставно ги игнорираат. Тие се спротивставија на изјавата на градоначалникот Петре Шилегов во која тој им даде „решение“ за да се сместат внатре во пазарот на „слободните“ тезги.
Пазарџиите од Бит Пазар тврдат дека Шилегов лаже или е излажан од Скопски Пазар, кога вели дека има околу 130 слободни места во Бит Пазар. Тие конфронтирајќи го во емисија на ТВ21, го поканија да одат до пазарот и тој лично да им ги покаже 130-те слободни тезги.
„ Може сега да отидеме со медиуми во Скопски Пазар? Ако има 130 тезги на Бит Пазар, ние моментално ќе се систематизираме“, рече еден од пазарџиите спротивставувајќи се на изјавата на Шилегов.
Екипата на Гласник разговараше со дел од пазарџиите што протестираат и тие потврдија дека во пазарот „нема ни 6 слободни тезги“. Тие исто така истакнаа дека одвај врзуваат крај со крај, а скоро сите прехрануваат фамили со минимум 4-5 членови.
Пазарџиите додадоа дека властите трчале по нив кога им требало гласови за на избори, а сега никој од нив ги нема посетено за да види како преживуваат. Според нив, решението е во ставање на тезги како што има низ целиот град, а тие со задоволство би плаќале даноци во стој случај.
„Нека дојде он малку да види како им е на овие луѓе ситуацијата. Кога им требаше гласови, трчаа позади нас.
(…) Нека ни стават тезги ко низ Центар што ставија тезги, и тука нека стават. И ние ќе плаќаме како луѓе“, потенцираше СедатАлимовски.
Пазариите за време на протестите се жалат и на непрофесионалноста на дел од полицијата која намерно или ненамерно пропушта дел од автомобилите да дојдат до протестот на пазарџиите, по што настануваат тензии и конфронтации. Тие истакнуваат дека ова не го прават од хир, туку се пристиснати на ваков метод да го изразат своето незадоволство поради ситуацијата во која се наоѓаат. Изјавуваат дека протестите во наредните денови е можно да се интензивираат или преместат на позначајна локација.