СКОПЈЕ,09.05.2018 – Петицијата на активистите од „Заедно, за заштита на зеленилото во Карпош“ со која се повикуваат уставните судии да се изјаснат за законитоста на 4-те спорни ДУП-ови, брои над 2000 потписи. Контроверзните планови се наоѓаат во Тафталиџе 1, Карпош 3, Влае 2 и потегот покрај реката Вардар од поранешниот ресторан „Имес“ до хотелот „Александар Палас“.
Активистите од Карпош во петицијата бараат да се запре непланираната урбанизација на сметка на погазување на нивниот глас и зеленилото.
Се работи за основно човеково право на здрава животна средина, право кое последниве години дел по дел го губиме. Секоја педа зеленило ја покрија со бетон, никнуваат згради како симболи на моќта на профитот над правото на обичниот граѓанин, велат активистите.
Исто така, карпошани повикуваат граѓаните да се активираат и апелираат до институците за да престанат да видат пристрасни, затоа што очигледно за овој спор правдата е јасна.
Не се работи само за ДУПовите, се работи за моќта на граѓаните да се изборат за своите права. Не сакаме да бидеме центар на моќ само на денот на изборот, не смееме да се помириме дека сме немоќни дури и кога правото е на наша страна. Институциите кои треба да не’ штитат, со години забораваат дека народот е тој што ги плаќа и за кој што треба да работат.
Активистите од Карпош пред неколку дена одржаа протест пред Уставен суд. На петицијата може да се потпише секој кој ги подржува карпошани и застанува на страната на правдата, а истата може да се најде на овој линк.