СКОПЈЕ, 07.05.2018 – Активистите од неформалната иницијатива „Во Одбрана на Дебар Маало“ во знак на солидарност вчера објавија петиција на станарите на Блок V од Градскиот ѕид со која ги повикуваат граѓаните од Скопје да се потпишат против сечење на зеленилото во дворот на државното средно училиште Јосип Броз Тито. Наместо зеленило, сега таму ќе се градат тениски игралишта од страна на концесионерот на терените од гимназијата кој го обнови договорот пред локалните избори.
Копија од петицијата за потпис има во кафулето Fourplay на ул Орце Николов. Појдете уште денес! Побарајте ја на шанкот и пополнете графа со име, презиме и потпис! Петицијата ќе се достави до град Скопје! Во знак на солидарност да им погнеме да ја спречат реализацијата на најавената градба! Во иднина такви проекти може да стигнат во дворовите на нашата градинка и основно училиште!, повикаа од иницијативата на својот Фејсбук профил.
Новата власт ветуваше уривање на објектите од Скопје 2014 кои го поклопија зеленилото во градот, а никаде во нивната програма не се спомнуваше уништување на преостанатото зеленило кое е ставено под заштита. Од следната фотографија може да се види дека на тоа место според ГУП на општина Скопје и ДУП на општина Центар е предвидено само зеленило и ништо друго.
Писмото на станарите на Блок V на Градски Ѕид може да го проследите во целост:
Врз делот од гимназискиот двор, запишан во ДУП-от како зелена градска површина се врши безправно сечење на дрвја, отстранување на хумусната почва на која треба да има тревни површини и бетонирање на истата. Тој дел од дворот на оваа гимназија навистина беше запушена зелена површина и ние станарите очекувавме дека новите општински власти ќе ја искористат својата моќ во овој дел обиколен само со згради да направат пристојно зелено катче организирано за потребите за сите возрасти. Наместо тоа и спротивно на законите тука се изведуваат градежни работи кои се во спротивност со зелено оплеменување на просторот.
Ве прашуваме: зарем треба одново по ТВ-екраните да ги гледаме сликите на граѓански отпор кон вакви криминални активности како оние далечните од пред хотелот Бристол или неодамнешните граѓански протести во општина Карпош? Нашето универзално човеково право е правото на чиста животна средина и чист воздух, нешто за што на зборови и пароли сите вие се залагате. Од овие причини ве молиме (сe уште само ве молиме) да ги преземете сите свои законски ингеренции и да ја стопирате оваа градежна инвазија на нашиот заеднички простор. На центарот на Скопје му требаат што повеќе зелени површини, а не бетон кој ќе донесе само профит на оние на кои и така џебовите им се полни од нашите даночни и комунални давачки
Автори: Ѓорѓи Пулевски
Сенада Ибраимова