СКОПЈЕ, 26.04.2018 – Работниците кои земаат минимална плата за четири недели одработуваат уште една дополнителна недела кога ќе се соберат вкупно прекувремените часови, а секој четврт вработен во Македонија константно работи прекувремено.
Иако ромите се тие што се „први на пик“ кога се зборува за мрзеливост, неработливост и чекање на милостина, од одредени истражувања се забележува дека прекувремената работа е најзастапена кај Ромите со 44.6 %, што значи – скоро пола од сите вработени роми работат прекувремено. Потоа на листата следат турците со 28.7 % и другите етнички заедници со 26.7 %. Иако работникот не познава етничка припадност, расизмот и останатиот вид на дискриминација кон ромите е многу често присутен, така што, кога ќе се согледаат овие бројки – неправдата, т.е. неплатената работа за нив станува уште позастрашувачка.
Во Македонија ако прекувремените часови не бидат платени, тешко се добива правдата за работникот поради бледото функционирање на Инспекторатот за Труд и синдикатите во кои се’ почесто се губи вербата дека ќе ги одбранат своите членови во овие спорови. Сега, кога се ближи Меѓународниот ден на Трудот – 1 Мај, работниците имаат шанса да го искажат својот гнев на протест и да покажат дека се свесни за својот труд и права! Да покажат дека борбата за праведно општество ќе продолжи со нив!