За кого си? За Америка, или за Русија?

 

Насловот звучи како скеч на К-15. Под влијание на realpolitik погледот кон политиката, заземањето страна (Америка или Русија) е основата на препукувањето или размената на мислења на сите нивоа на политичката дискусија (од муабет уз пиво пред кооперација, преку фејсбук војна во коментари и ТВ дебати, па се’ до едногласноста на квислинзите во Собранието за евро-атланските интеграции.

Во Македонија, дебатата „Америка или Русија“ во јавниот дискурс има два пола:
Главен: Македонија треба/мора да стане дел од НАТО/ЕУ! и
Спореден: Македонија треба/мора да стане дел од Евроазиска Унија/Брикс!

Дискусијата Америка или Русија е повторно главна глобална тема, видено во светлото на апсолутно сериозната воена криза за Сирија, каде главната воена сила САД се заканува дека воено ќе се пресмета ако е потребно и со споредната, но нуклеарно незанемарлива сила, Русија. Прашањето „за кого си, за Америка или Русија“, отиде дотаму што во таа поделба се бараат одговорите на истрагата дали Сирискиот претседател Башар Ал Асад или „бунтовниците“ се одговорни за повторната употреба на хемиско оружје врз цивили.

Се поставува прашањето каква е улогата на обичниот човек во сето ова? Која е силата на мравката кога во рингот се тепаат слонови? И дали човештвото е осудено на немо посматрање на своето уништување?

Човековата историја не е историја само на владетелите и на победниците кои ја пишуваат. Антиката не ја испишаа само војните кои ги започнуваа робовладетелските императори на стариот век, во потрага по завладување територии од каде црпеа нови робови кои ги носеа во метрополата и разместуваа по перифериите на своите империи. Антиката ја одбележаа и востанија на робовите за ослобдување од ропството. Најпознато е Спартаковото востание од 71 год. п.н.е на побунетите робови против римската робовладетелска држава. Средниот век не беше само период од над илјада години, во кој феудалните владетели водеа регионални војни за територии и за нив врзаното закрепостено кметство, наметнување даноци и верски војни. Царска Русија во текот на XVII век ја потресуваат многу побуни од социјален карактер во кои масовно се вклучило селанството. Најпознато востание е на Козаците предводени од Стенка Разин (1667  г.) против растечката централизираност на државата и неподносливиот јарем врз селанството.

На Балканот од социјално значење е побуната која ја предводел Матија Губец (1573  г.) против феудалните власти во Хрватска. На просторите на денешна Македонија средниот век не е одбележан само со освојувачките походи на цар Самоил, или распределбата на остатоците од Византиското и Душаново царство меѓу локаните феудални моќници. Во тој временски период се појавило Богомилството (IX – XIV век), како духовно и социјално движење насочено против светите и световни хиерахии, кое проповедало еднаквост, скромен и едноставен живот наспроти разузданиот живот на богатите феудални господари. Подоцна забележителен е отпорот против осмалиската власт и тимаро-спахиски феудален систем. Отпорот се појавувал во невооружен и вооружен облик (Мариовско-прилепската буна, ајдутското движење).

Новиот век не беше само арена на борби, регионални и светски војни за превласт во Европа и за поделбата на колониите меѓу империјалистичките држави. Новиот век изобилуваше со бунтови, движења и револуции за политички права и социјална еднаквост. Со пробивот и јакнењето на новата, економски силна класа на граѓанството или буржоазијата, се наметнала потребата од општествени промени што би ѝ дале и политички права во насока на развластување на аристократијата и нивните „наследени“ (или од „Бога дадени“) права. Се дигаат првите буржоаски револуции во Холандија (1595  г.) и Англија (1640  г.). Просветителството на XVII век и теоријата за природните права ги вклучуваат масовно сите социјално и политички потиснати слоеви во Франција, што кулминира со големата Француска буржоаска револуција (1789  г.).

Односот индустриска револуција – капитал воспоставува нова класна поделеност. Овојпат пролетеријатот, сконцентриран во големите индустриски центри, е новата најбројна, но подјармена класа. Започнува организирање на работниците во синдикати, партии и интернационално работничко движење (Интернационала I, II, III, IV) кое теоретски е обликувано од теоријата и праксата на марксизмот-ленинизмот  и социјалдемократијата. Револуциите ширум Европа во бурната 1848., Париската комуна 1871, Октомвриската револуција (1917  г.) се резултат на организираноста на работничката класа и одлучноста на нејзините политички кадри. Непосредно пред почетокот на Првата светска војна, западно-европските социјалдемократи заземаа буржоаска страна т.е. страната на своите национални империјалистички држави. Додека руските комунисти ја заземаа страната на работниците и селанството, извикувајќи „Власта на работничките совети, земјата на селаните, мир во земјата!“

Во Македонија продолженoто угнетување од страна на балканските сојузници после Балканските војни (1912/1913  г.) и Првата светска војна (1914 – 1918) за населението во Македонија значеше предизвик за повторно вооружено и револуционерно организирање, со цел изборување национална и социјална слобода. Партизанското движење на Балканот за време на целата Втора светска војна почивало на начелата на национална рамноправност, меѓусебно помагање и солидарност со угнетените Балкански народи.

Ова е всушност народната историја на светот. Ова е мал дел од историјата на човештвото полна социјални бунтови, востанија и револуции како израз на човековите стремежи и потреби за еднаквост, солидарност и социјална правда. Како резултат на свесноста дека е потребен и можен еден подобар свет, а не постојано враќање во минатото, обичниот човек, организиран во движења и организации на подјармените слоеви, преку бунтовите, востанијата и револуциите, во многу наврати извојува слобода. Слобода од робовладетелите, феудалците и капиталистите.

Но денес ги нема болшевиците и партизаните. САД и Русија веќе се пред директен судир во Сирија. Балканот е пред нови поделби, Украина е поделена земја. Севкупно, како се стега обрачот околу Русија, НАТО се’ поверојатно е дека нема да биде единствениот блок. На повидок се нова Антанта и нови Централни сили, што е логична последица на тоа што човештвото е вратено назад во времето под вијание на неолиберализмот. Неолиберализмот е речиси мртов, отворениот пазар веќе не е гарант за доминацијата на САД и западноевропскиот капитализам. На сцена стапува голиот империјализам повторно, со сета негова жестокост и бескопромисност. Работничкото движење е ставено пред тест, особено работничките социјалистички партии, во ситуација кога социјалдемократијата е повторно отворен партнер на империјализмот, а синдикатите одбиваат да ја видат пошироката слика. Нова сеопфатна голема војна е на повидок.

„За кого си? За Америка или Русија?“ – е прашање на заземање страна во новата сеопшта војна. Во ситуација кога комунистичките партии се маргинални, а нивните интернационали расцепкани и без влијание на доминантната политика, единствено нешто што комунистите можат да направат сега и одма, е да ги подржат угнетените народи кои се борат против империјализмот. Во светлото на најновите настани на блискиот исток, такви народи се палестинскиот, сирискиот и Хутите. Паралелно со тоа мора да работат на обединување на сите прогресивни сили под знамето на социјализмот. Тоа е задачата на комунистите во овој избор на неизбор што го нуди реал политиката и уназаденото од неолиберализмот- работничко движење…

Автор: Зоран Василески, правник и член на Президиумот на Левица

|2018-04-17T10:40:34+00:0017 април 2018|Актуелно, Свет, Став|